Што ако викендот трае три дена?

Има компании кои го пробале тоа. И не само што преживеале туку тврдат дека денес тоа им е клуч на успехот.

Американската Treehouse е една од таквите компании која успела со продолжен викенд да ја зголеми продуктивноста и останатите свои перформанси. Се занимава со веб дизајн и изработка на апликации а бидејќи Господ прво себе си направил брада, и тридневниот викенд прв го пробал ЦЕО-то на фирмата, за да има повеќе време за семејството.

Му се допаднало чувството и новиот елан за работа па го прогласил петок за неработен ден.

"Луѓето се враќаат свежи на работа. На некои од нив три дена им се и многу па едвај чекаат понеделник да продолжат со проектите," вели Рајан Карсон.

Бенефитите од ваквиот викенд се гледаат и во лојалноста кон фирмата како и кон ритамот на работата. За да успеат да ги задоволат роковите кон клиентите во една четири дневна работна недела, вработените држат пократки состаноци, се намалува бројот на бош - муабети и празни одови.

Добар дел од нив одбиле понуди од престижни компании како Фејсбук, бидејќи - кој ти дава три дена викенд.

Некои фирми наместо рутинскиот од 9 до 5, работат 8- 16:30 за да биде петок слободен, а некои пак, продолжен викенд имаат во летни периоди кога им е намален обемот на работата па им се остава на вработените да наполнат батерии.

Да де, има и такви кои се 24/7.

4 јули 2014 - 12:02