Од документите на околу 300 страници што ги претстави Антропик, речиси една третина е посветена на ризиците од сопствената технологија.
Ако се развијат и распоредат без соодветни заштитни и безбедносни мерки н надзор, напредните системи со вештачка интелигенција би можеле да претставуваат катастрофални или егзистенцијални ризици за човештвото, особено ако таквите системи се злоупотребуваат, реплицираат, се претвораат во оружје или им е дозволено да работат со висок степен на автономија, предупредува Антропик.
Како конкретни закани од моделите со ВИ се предупредува:
- Вештачката интелигенција би можела да се обиде да манипулира со луѓето;
- Моделите стануваат подобри во заобиколувањето на надзорот и со ова темпо на развој луѓето повеќе нема да можат да ги следат дејствијата;
- Моделите покажаа однесување слично на уцени и одбивање да бидат исклучени.
Долг е списокот и на факторите на финансиски ризици за инвеститорите. Во финансискиот биланс е пријавен приход од 16,3 милијарди долари во првата половина од оваа година, и загуби од 80,7 милијарди долари.
Антропик веќе вложил 637 милијарди долари за cloud computing и изнајмување на чипови, опрема и инфраструктура. Цената за изнајмување ќе мора да ја плати дури и ако опремата ги надмине потребните капацитети или ако инвеститорите повлечат пари. Антропик, исто така, признава дека ги потценила своите компјутерски потреби, а преценувањето на идната побарувачка може да ја натера да плаќа за скапа, недоволно искористена инфраструктура.
Антропик сè уште не го откри бројот на акции што ќе бидат објавени, нивниот ценовен опсег ниту планираниот датум за ИПО. Првата компанија целосно фокусирана на што ќе настапи на берзите, ќе котира на Nasdaq под симболот ANT.

Компанијата е основана пред пет години од Дарио Амодеи, кој сега е извршен директор, неговата сестра Даниела и уште пет лица. Се очекува да се појави на берзите на почетокот на идната година, непосредно пред тоа да го стори главниот конкурент – OpenAI на Сем Алтман.
Инвеститорите засега не се обесхрабрени од долгиот список на ризици. Позитивната страна на Антропик е што има речиси 2.000 клиенти од кои добива приход над 1 милион долари. Заклучно со 30 јуни, компанијата располагала со повеќе од 130 милијарди долари во готовина и краткорочни инвестиции. Во моментов, Антропик располага со повеќе готовина отколку Мета и Гугл заедно. Кон крајот на третиот квартал, Антропик остварувал приход од 6,6 милиони долари по вработен – бројка што е само малку пониска од онаа на Nvidia, компанија која вообичаено се смета за една од најефикасните во технолошката индустрија.
Антропик во документацијата ги истакна и огромните потенцијални придобивки од моделите со вештачката интелигенција, кои ги опишува како „една од најзначајните технологии во човечката историја“:
- Милиони виртуелни агенти може да ја револуционизираат секоја област на човечкиот труд во низа области;
- ВИ длабоко ќе ја забрза стапката на напредок во биологијата и медицината, потенцијално наоѓајќи лекови за рак или Алцхајмерова болест;
- Напредната ВИ може да поттикне трајно забрзување на економскиот раст преку зголемување на продуктивноста.