Глобалната продажба на електрични возила во 2025 година надминала 20 милиони коли, што е за 20% повеќе во споредба со претходната година. Голем дел од овој раст е поради проширувањето на европскиот пазар, каде што продажбата скокнала за 30%. Иако се домаќини на пазарот што бележи највисок раст, европските производители не можат да остварат профит.
Фолксваген, најголемиот европски производител на електрични возила, во септември објави дека ќе отпушти 50.000 работници. Стелантис, вториот по големина, почна процес на „ресетирање“ на стратегијата по претераните инвестиции во електрични автомобили.
Европската Унија во 2023 година усвои план за целосно елиминирање на емисиите на јаглерод диоксид од издувните гасови, почнувајќи од 2035 година. Тоа практично значи забрана на продажба на нови возила со мотори со внатрешно согорување. Целното ниво неодамна беше спуштено на 90%.
Тоа ги принуди домашните автомобилски компании да инвестираат во нови производствени линии за електрични возила. Само Фолксваген во изминатите три години издвоил 193 милијарди долари за електрификација на својата флота. Потрошувачите, сепак, не се спремни за толку радикални промени.
Европските производители ја плаќаат цената на тоа што обрнуваат поголемо внимание на она што го бараат регулаторите отколку на она што го сакаат купувачите, објаснува Џеф Дегнер од Американскиот институт за економски истражувања.
Во исто време додека ги поттикнуваше домашните компании да преминат на електрични возила, ЕУ воведе прописи што го направија производството значително поскапо. Поради наметнатата транзиција од фосилни горива кон енергија од ветер и сонце, Европа денес има највисоки цени за струја во индустријализираниот свет – неколку пати повисока отколку во Кина.

Воведувајќи ги мерките, регулаторите не го предвидоа експлозивниот раст на извозот на кинеските коли на струја. Според податоците на кинеските власти, извозот на автомобили во првата половина на 2026 година пораснал за 53% во споредба со истиот период претходната година, а извозот на електрични и хибридни возила е повеќе од двојно зголемен. BYD лани ја надмина Tesla како најголем светски продавач на електрични возила.
Пред неколку години кинеските компании практично не беа присутни во Европа, но до мај 2026 година достигнаа 20% од продажбата на електрични возила во ЕУ. Кинеските коли се приближија до квалитетот и карактеристиките на западните, а притоа задржаа пониска цена. Вертикалната интеграција на производниот процес, државните субвенции, даночните олеснувања и повластеното финансирање ги спуштија трошоците за производство за 20 до 30% под од оние на европските производители.
Тие вложија огромни средства во инфраструктура и логистика, со цел да можат да извезуваат многу повеќе. Европскиот пазар е буквално преплавен со евтини кинески електрични возила. Царините од 10% и другите давачки не успеаја да ја запрат експанзијата на Кина, изјави Герет Нелсон од Центарот за финансиски истражувања и анализи.
Најголемите американски производители на автомобили - Форд и Џенерал Моторс, беа повнимателни и се повлекоа побрзо откако акумулираа загуби. И администрацијата на Доналд Трамп презеде соодветни чекори – ги укина федералните даночни олеснувања за купувачите на електрични возила и ги поништи прописите за емисии од издувните гасови воведени од администрацијата на Џо Бајден.
Пазарот, исто така, покажува дека Американците не се толку многу загреани за електрични автомобили како Европејците. Додека продажбата на електрични коли во Европа бележеше голем пораст, во САД се случи спротивното: во четвртиот квартал од 2025 година продажбата падна за 45% во споредба со истиот период во 2024 година.
******
Види и: Дојде време Европа и САД да учат од Кина како се прават коли
Нето-нулата е грешка, колите на бензин и дизел имаат иднина во Европа