Нето-нулата е грешка, колите на бензин и дизел имаат иднина во Европа

Шест години откако беше исфрлен од трката за претседател на Европската комисија, во корист на Урсула фон дер Лајен, Манфред Вебер сега го предводи нападот против нејзините закони за нето нула емисии и забраната на ЕУ за бензински автомобили. Човекот што денес важи за најмоќниот конзервативец во Европа инсистира дека моторите со внатрешно согорување сè уште имаат иднина.

Плановите на ЕУ за нето нула емисии на штетни гасови премногу се потпираат на идеологија, а премалку на прагматизам, тврди лидерот на Европската народна партија, најголемата група во Европскиот парламент. Вебер, кој по професија е инженер за животна средина, вели дека Брисел е престрог со зелената регулатива.

Сообраќајниот сектор мора да придонесе за намалување на емисиите на ЦО2. Но, како да се направи тоа е работа на инженерите, на креативна деловна средина и, конечно, на потрошувачот кој мора да плати многу пари за да купи автомобил. И тие треба да имаат право на глас. Климатските промени се проблем. Мораме да ги решиме, но ова е наметнување идеолошко размислување. Тоа е она што луѓето не го поддржуваат. И јас никогаш не го поддржував. Тоа е грешка што ја направи левицата и таа мора да се поправи, вели Вебер.

Тој тврди дека моторите со внатрешно согорување во автомобилите дефинитивно сè уште имаат иднина во ЕУ, и покрај забраната за нивно производство по 2035 година.

Во 2022 година беше договорено дека сите нови мотори за автомобили и комбиња ќе мора да имаат нула емисии на ЦО2 до 2035 година, за да може ЕУ да ја достигне својата цел за неутралност во испуштањето на јаглеродни гасови до 2050 година. 

Вебер бара забраната да биде заменета со „технолошки неутрален“ пристап. Ова би им овозможило на алтернативните горива и другите технологии што користат внатрешно согорување да се натпреваруваат со електричните автомобили. Притисокот од Вебер и од конзервативците во Германија и Италија веќе ја принуди Комисијата да го помести планираниот датум за преразгледување на забраната, што отвора можност за ублажување и одложување на целите по 2035 година.

Овој пристап има поддршка од германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој сака да ја забави декарбонизацијата на забавената германска економија и да ја зајакне индустријата, која повеќе не може да се потпира на евтин руски гас. Германските производители на автомобили се оптоварени од царините на Доналд Трамп и од кинеската конкуренција на електрични автомобили.

Добрата политика започнува со слушање. Треба да одите кај земјоделците, да одите кај работниците во БМВ, во Фолксваген, производителите на автомобили и да слушате за да можете да ги водите луѓето, вели Вебер.

******
Види и: Нето-нулата може да ја уништи цивилизацијата

ЕУ забрани продажба на дизел и бензиски коли од 2035

12 септември 2025 - 10:35