ЕУ забрани продажба на дизел и бензиски коли од 2035

Законот што го изгласа Европскиот парламент предвидува дека купените дизел и бензиски возила ќе можат да продолжат да се возат и по 2035, само нема да може да се продаваат нови.

Членките на ЕУ веќе го имаат одобрено предлогот, па тој сега и формално станува закон и покрај противењето на конзервативните пратеници. Аргументот на овие што го изгласаа законот е дека тој им дава доволно време на европските производители да се префрлат на производство на електрични автомобили.

Законот е од директна корист за амбициозниот план на Унијата да стане „климатски неутрална“ економија до 2050, со нето-нула штетни издувни гасови.

„Дозволете да ве потсетам дека меѓу минатата година и крајот на оваа година Кина на меѓународниот пазар ќе донесе 80 модели на електрични возила.

Ова се добри возила. Ова се возила кои ќе бидат се повеќе и повеќе достапни, а ние треба да сме им конкурентни на нив. Не сакаме да му ја предадеме оваа есенцијална индустрија на некој од надвор,“ предупредил потпретседателот на ЕУ, Франс Тимерманс.

Стравот на противниците на законот е дека индустријата не е подготвена за така драматично прекинување на производството на возила со мотор со внатрешно согорување, и дека законот загрозува стотици илјади работни места.

„Нашиот предлог е да му дозволиме на пазарот да одлучи која е технологија е најдобра за постигнување на нашите цели,“ порачал пратеникот Јенс Гисеке.

Гисеке ги потсетува своите колеги дека тврдењата дека електричните возила се поевтини за возење повеќе не се точни заради енергетската криза во Европа.

„Во Германија 600.000 луѓе работат на производство на возила со мотор со внатрешно согорување, сега постои опасност за овие работни места,“ објаснува Гисеке.

Друг аргумент на луѓето против овој закон е дека батериите за електричните возила се произведуваат надвор од ЕУ, кај конкуренти како САД.

15 февруари 2023 - 12:19