
Кампањата за нето-нула емисии на јаглеродни гасови има огромно влијание врз сите видови организации и за неа никогаш не се спори. Компаниите ја прифаќаат здраво за готово и се прилагодуваат за целите што ги поставуваат владите, вели Мет Ридли, влијателен британски новинар и автор, специјализиран за научни теми, говорејќи за подкастот „Шоуто на Брендан О’Нил“ на главниот политички новинар на Spiked.
Ридли додава дека климатските промени во исто време се и идеален изговор за политичарите.
Ако пламне Палисејдс во Калифорнија, за тоа нема да бидат виновни палењата, туку климатските промени. Исто е и со поплавите во Тексас, кога настрадаа деца. Одговорноста не е на оние што не вградиле систем за предупредување, туку вината е на климатските промени, вели Ридли.
Коментирајќи го извештајот на министерот за енергетика Ед Милибанд за „Состојба на климата и природата“, Ридли оценува дека тоа било обид да се застрашат пратениците дека „начинот на живот е загрозен“ и дека „ниту еден општествен сектор не е имун на тие ризици“. Но, споредбата на трендовите од изминатата деценија со просеците од периодот од 1961 до 1990 година всушност не содржела ништо шокантно.
Како што јас го прочитав, се опишува како станало малку потопло, малку повлажно, малку потопло во зима, не толку топло во лето, помалку ветровито. Има уште неколку дена кога можеби ќе треба да ја косите тревата, но уште неколку дена помалку кога можеби ќе треба да ја загреете куќата. Искрено, не звучеше многу застрашувачки, вели Ридли.
Тој додава дека доказите дека климатските промени се опасен феномен стануваат сè послаби и послаби. Во исто време, има докази дека цивилизацијата не може да опстане ако ги спроведе претерано амбициозните мерки да се спушти до нула испуштањето на јаглеродните гасови. Пресметал дека ако светот троши колку Милибанд само за декарбонизирање на енергетскиот систем на Британија, односно околу 25 милијарди фунти годишно, тоа би изнесувало 100.000 милијарди долари годишно – колку што е целата глобална економија.
На прашањето дали нето-нулата може да биде напуштена, Ридли вели дека се чека на резултатите од пресвртот што го направи Доналд Трамп, чија администрација ги избриша овие климатски цели.
Британија и САД на почетокот на 2000-те години имаа сличен БДП по жител. САД сега се побогати за една третина. Голем дел од тоа се должи на трошоците за енергија. Ако Америка навистина процвета откако се откажа од нето-нулата, а ние продолжиме да стагнираме, тоа тешко ќе може да се игнорира. Ако имаме цени на електричната енергија три, четири или пет пати повисоки отколку во Америка или Кина, тоа ќе биде огромен камен околу нашиот врат, предупредува Ридли.
Во интервјуто тој говори и за заговорот за замолкнување на потеклото на ковид-19.