САД градат „Тврдина“ за глобална војна

Пентагон објави долгорочен план за одбрана на САД од глобална војна. Воените бази ќе мора самостојно да издржат три месеци во услови на изолација, прекин на синџирите на снабдување и парализирани енергетски мрежи. Цивилни фабрики ќе мора да бидат спремни да произведуваат оружје. „Тврдината“ ќе се гради со години и може да чини стотици милијарди долари.

Новиот проект „FORTRESS“ предвидува секоја поголема воена база во континенталниот дел на САД да може да опстане најмалку 90 дена без каква било надворешна помош. За таа цел се планира поставување модуларни нуклеарни реактори и независни микро-енергетски мрежи, како и складирање огромни залихи од муниција и оружје.

Се подготвуваат сценарија за случаи на откажување на GPS системите или онеспособување на сателитите, како и за истовремено војување на повеќе фронтови.

Голем дел од нашиот пристап кон одбраната на територијата се засноваше на застарената претпоставка дека два океана ќе нè заштитат. Претседателот Трамп разбира дека тој свет повеќе не постои. Тој веќе го отвори патот за нов начин на размислување преку системот „Златна купола“ и обновениот фокус кон Западната хемисфера, кон Гренланд и Панама, изјави за „Фокс њуз“ главниот портпарол на Пентагон, Шон Парнел.

Проектот предвидува создавање стратешки резерви од гориво, клучни минерали, електроника, резервни делови и медицински материјали, кои би овозможиле одржување на воените операции ако се прекинат меѓународните линии за снабдување или ако домашните производители не можат да го следат темпото на побарувачката во услови на војна.

За најкритичните потреби на војската, предвидено е да се одржуваат најмалку два синџири за за снабдување или производство.

Друга значајна компонента опфаќа подготовка на американскиот цивилен производствен сектор за поддршка на мобилизација во услови на војна. Преку иницијативата „Цивилна резервна производна мрежа“, Пентагон ќе идентификува комерцијални фабрики кои би биле способни да се пренасочат кон одбранбено производство. Процедурите за конверзија ќе се базираат врз проценки на способностите на производителите. Се планираат и индустриски стрес-тестови и вежби за мобилизација.

Не е посочена конкретна закана за „FORTRESS“. Сепак, во заедничкото соопштение од февруари 2024 година, агенциите за национална и за кибернетска безбедност и ФБИ предупредија дека хакери поддржани од кинеската држава извршиле упад во информатичките мрежи на американски организации во секторите за комуникации, енергетика, транспорт и водоснабдување. 

Проектот беше најавен од секретарот за одбрана Пит Хегсет на 30 септември, но Пентагон сè уште нема проценка на трошоците ниту временска рамка за реализација. Висок офицер пред една недела изјави дека сè уште се проценуваат потребите на околу 500 воени бази во континенталниот дел на САД. Според експерти цитирани од магазинот „Air & Space Forces Magazine“, реализацијата би можела да потрае со децении, а трошоците би можеле да достигнат десетици, па и стотици милијарди долари.

******
Види и: Маск ќе ја крои иднината на војувањето

27 октомври 2026 - 12:21