Од Русија, со севда

Пред актуелната руско-турска студена војна, Турција годишно примаше околу 4 милиони туристи од Русија. Некои од нив не се вратија дома. Повеќето од нив беа жени. Немојте одма со веѓите надолу, ова не е уште една тажна бегалска сторија.

Да не пие, да знае да сака и да се грижи за некого, да е вреден а посветен на семејството. Ова се посакувани машки карактеристики кои многу Русинки ги имаат одведено во Турција во потрага по идеалниот сопруг а за да се избега од локалните мажишта натопени во вотка. Станува збор за вистински феномен.

Приказната Алиса Ејлан, инаку солистка во опера и Гунај Аксели, турски бизнисмен, е класичен начин на кој се раѓаат руско-турските љубови. Таа дошла во Турција како туристка, тој бил туристички водич, а се венчале пред турата да заврши.

Во Истанбул не постои кварт во кој нема колонија од вакви двојки. Повеќето руски имигранти во Турција се жени.

"Зборуваме за уникатен феномен. Во земјава постојат околу 300.000 турско-руски брачни двојки. Турците традиционално се врзани за своето семејство а на жените од Русија им се допаѓа некој да ја преземе одговорноста за важните одлуки," вели професорот Вигар Иманбејли.

Се чини дека Русинките навистина не одат во Турција барајќи папучари (на руски: подкаблучник), туку по другата крајност.

"Мајка ми го командуваше татко ми и среќна сум што Онур кај нас го води работите", вели една Валентина.

"Јас сум девојка. Не сакам да решавам за ништо. Сакам да се облекувам", напишала на својот социјален профил една друга Русинка.

На турско - руската љубов најголема пречка знае да ѝ биде религијата, кога мажот зема малку повеќе контрола отколку што му следува па инсистира жената да ја прими верата, најчесто за да ги задоволи традиционалните родители.

"На нашите жени им советувам да размислат добро пред да покренат развод и да помислат на своите деца. Најчесто тие остануваат кај таткото а мајката си оди без ништо," вели Јелена Смирнова, адвокатка од Истанбул која претежно се занимава со вакви случаи.

Но, огромен дел од приказните се хепиенд, кога двајца се засакале а нивните културолошки разлики само ја надополнуваат љубовта.

"Обожавам кога одиме кај неговите. Ме оставаат да спијам до кога сакам, ги чуваат децата и не ми даваат ништо да работам", вели Јулија, професорка по јазици, среќно омажена за Турчин.

4 јануари 2016 - 09:15