Ако фудбал се прекинува заради хомофобија, кој ќе му каже на судијата дека е педер?

Првиот човек на француската фудбалска асоцијација објави дека им дал инструкции на судиите повеќе да не ги запираат натпреварите заради хомофобно навивање од трибините, затоа што „хомофобија не е исто што и расизам.“

Според Ноел Ле Грает прекинувањето на натпреварите заради анти-геј песни и плакати било грешка, и се надева дека ова ќе се смени од следниот викенд.

„Би прекинал натпревар заради расистичко навивање. Би прекинал натпревар заради тепање или ако има некоја опасна ситуација на трибините,“ изјавил Грает.

Но според него расизмот и хомофобијата „не се исто“, дополнувајќи дека останува на клубовите да ги спречат оние одговорни за хомофобија да влегуваат на стадионите.

„Службите за безбедност на клубовите треба да ги проверат луѓето што влегуваат на стадион, постои обезбедување кое треба да се погрижи плакатите брзо да ги снема,“ порачува претседателот на ФФФ.

Во петокот тој изјави дека премногу натпревари се прекинати заради новите правила воведени од ЛФП (првата француска лига) за спречување на хомофобија на трибините. Плус, според него, политичарите сакаат да го искористат проблемот во обид да изгледаат добро „пред телевизиските камери“.

Заради новото правило, минатото коло беа прекинати неколку натпревари од првата француска лига.

11 септември 2019 - 11:36