ОпенАИ им краде равенки на математичарите

ОпенАИ се пофали дека армија од нејзини модели со ВИ решиле математички проблем од пред 90 години. Речиси во исто време математичари што користеле алатка на ОпенАИ објавија дека пронашле решение, за кое следува награда од милион долари. Еден проблем можеби е решен, но во исто време отворен е нов – ботовите може да ги злоупотребуваат разговорите со корисниците. 

Њујоршкиот математичар Тристан Бакмастер и неговиот колега Левент Алпеге, кој работи во Anthropic, објавија трудови во кои тврдат дека имаат решение за еден од седумте најголеми предизвици во математиката: за проблемот „Навје-Стоукс“, односно дали може со равенки да се предвиди движењето на течности и гасови.

Проблемот „Навје-Стоукс“ во 2000 година беше вклучен меѓу седумте најдлабоки и најтешките нерешени прашања во математиката, прогласени за „милениумски проблеми“. Оттогаш, некои од најбрилијантните умови во светот трагаат по најтешко достижните одговори во математиката – како и по наградата од 1 милион долари ветена за секое решение. И покрај огромниот интелектуален капацитет насочен кон овие исклучително тешки проблеми, досега е решен само еден од нив.

Но, наместо да го прославува успехот, Бакмастер бил збунет кога дознал дека OpenAI речиси во исто време го открил решението. Компјутерскиот научник Себастијан Бубек, вработен во OpenAI му понудил аранжмани за заедничко објавување, со инсистирање Алпеге да не биде наведен како коавтор, затоа што работи во конкурентската компанија Anthropic.

Веќе следниот ден компанијата на Сем Алтман го претстави решението на стариот математички проблем како „историски подвиг“ на вештачката интелигенција, кој може да се спореди со победата на компјутерскиот алгоритам „Дип блу“ во дуелот против светскиот шаховски шампион Гари Каспаров. Притоа истакна дека за решението биле заслужни 10.000 вмрежени агенти со ВИ, кои работеле 88 часа.

Бакмастер истакна дека и тој и Алпеге за своите пресметки користеле помош од модели со ВИ од OpenAI и Anthropic. Има сомневања, но не и докази да тврди дека OpenAI ги следел нивните меѓусебни разговори и помошта што ја барале од ботовите.

Компанијата на Сем Алтман објави дека „не било пристапено до специфични кориснички податоци за да се реши овој проблем“, но не ја исклучува целосно можноста дека „податоци добиени од нивното користење на нашите производи помогнале во подобрувањето на нашите модели“.

Не сум го видел доказот на OpenAI. Не знам дали се користени нашите податоци. Не обвинувам никого за ништо. Само пренесувам што ми беше кажано, кога ми беше кажано и што ми беше предложено. Го кажувам ова бидејќи алтернативата би била да дозволам низата соопштенија да пренесат нешто за што знам дека е невистинито, напиша Бакмастер.

Политиките на OpenAI јасно укажуваат дека е дозволена практиката за обука на нејзините модели преку истражувачка работа. Условите за користење наведуваат дека компанијата врши обука на моделите со податоци доставени од корисниците, освен ако тие не одберат да се исклучат од тој процес со активирање соодветна опција.

Кога ја споделувате вашата содржина со нас, тоа им помага на нашите модели да станат попрецизни и подобри во решавањето на вашите конкретни проблеми, а истовремено придонесува и за подобрување на нивните општи способности и безбедност, објави OpenAI во март.

Оваа ситуација покренува нови прашања за тоа како истражувачите треба да ги делат заслугите со лабораториите за ВИ, особено ако нивните модели се обучени врз основа на други значајни откритија на водечки научници. Не е јасно ни што сè може да прават компаниите за ВИ со податоците од корисниците и дали може да ги употребат како директна конкуренција за научни достигнувања.

9 септември 2026 - 14:48