Минатата недела заедно со Supreme била промовирана втората ретро колекција на култната француска марка Lacoste, омилен бренд на многу луѓе ширум светот .
Носталгичните спортски блузони, тренерки и поло маички за пар часови биле распродадени на eBay. Француската марка со 85-годишна историја го носи името на легендарниот основач и познат тенисер Рене Лакост.
***
Жан Рене Лакост се родил во 1904 година во семејство на успешен париски бизнисмен. Во детството добро учел разни технички дисциплини и конструирање, па набрзо го запишале на престижното француско инженерско училиште.
Лакост како мал немал некој дар за тенис но играта многу го заинтересирала и посакал да направи кариера. Татко му не бил задоволен од тоа и му дал пет години. На Рене’ повеќе и не му требале.
На Гренд Слем Лакост првпат се појавил во 1922 година а триумфирал веќе во 1925-та. Поради проблеми со здравјето тој го напуштил тенисот после седум години но и тоа време му било доволно: освоил седум поединечни Гренд Слемови (сите освен Австралија Опен каде никогаш не играл), освоил три Слемови во парови, два пати бил шампион во Дејвис Купот и бронза на домашната Олимпијада во 1924-та.
Поголем дел од кариерата Лакост поминал во светскиот Топ-10, а две години бил и прв рекет на светската ранг листа (според рејтингот на весникот Daily Telegraph чија ранг листа официјално се појавила во ’70-те). Лакост и неговите сонародници Жан Боротра, Анри Коше и Жак Брињон доминирале во тенисот меѓу двете светси војни - освоиле заедно 20 Гренд Слемови во сингл и 40 во парови.
На Франција ѝ донеле дури пет трофеи во Дејвис Куп (Лакост два како играч и два како капитен/селектор), влегле во историјата како „Четворицата мускетари“ и заедно сите влегле во Тениската Куќа на славните.
Стадионот „Ролан Гарос“ кој во последните години има проблеми со модернизацијата бил отворен во 1928 година и таму се организирало првиот Отворен шампионат на Франција, а 14-килограми тешкиот трофеј за победникот во машка конкуренција бил наречен La Coupe des Mousquetaires - Куп на мускетарите.
На теренот Лакост бил познат не толку по дарбата за тенис колку по борбеноста и упорноста. Со физички напор го компензирал недостигот од талент. Шампион станал поради професионалната етика а не природниот талент.
Во време кога немало ЈуТјуб каде може да се изучуваат финти од современите играчи, Лакост ги победувал ривалите со интензитетот на игра до крај.
Легендата на тенисот од почетокот на минатиот век Бил Тилден кој изгубил две финалиња на Гренд Слем од Лакост после едно од нив рекол: „Тој е еден од најдобрите играчи и тениски умови кои сум ги сретнал. Го потценив. Кога сфатив дека е способен да ме победи веќе беше доцна. Тој специјално за мене смисли да го крати ударот“.
***
Историјата на Рене Лакост - Крокодилот почнала десет години пред смислувањето на брендот: во 1923-та година Французите играле Дејвис Куп против Австралијците во Бостон и нивниот капитен Алан Мјур му кажал на младиот Лакост дека во случај на победа ќе му купи куфер од крокодилска кожа коишто го виделе на еден излог.
Тогашниот репортер од турнирот Џорџ Каренс ја напишал во Boston Evening Transcript првата судбоносна аналогија: „Тој (Лакост) се бореше како прав крокодил и не го пушташе својот плен.“
Лакост на крај не го добил куферот, но прекарот му останал. Во 1927-ма неговиот пријател Роберт Џорџ нацртал обоен крокодил којшто станал личен логотип на Лакост и до крајот на кариерата тој ги украсувал сите костуми и шорцеви во кои играл.
Токму тениската маичка одиграла клучна улога во судбината на Лакост како дизајнер и иноватор. Како човек кој сака елеганција, Лакост бил прв кој се откажал од дебели блузи со долги ракави во кои тогаш играле тенисерите и излегол на терен во маичка со кратки ракави од мек памук.
Со поло маичките почнала и марката Lacoste а целосното име на фирмата било La Societe Chemise Lacoste која што тенисерот ја основал во 1933-та заедно со магнатот за трикотажа Андре Жилер. Оригиналниот модел кој се произведува до ден-денес го имал фабричкиот код L.12.12 каде L го означува производителот.
Конечно логотип на брендот станал „Џорџовскиот“ крокодил кој 80 години од непознати причини го грешеле и сметале за алигатор. Тој логотип се смета за првиот дизајнерски логотип во историјата на модата.
***
На почетокот на ’50-те години Lacoste кој до тогаш произведувал само бели модели, конечно ги представил своите производи во разни бои а набрзо се појавил и на американскиот пазар. Поло маичките Lacoste се позиционирале како хит па ги носеле и Џон Кенеди и Клинт Иствуд па популарноста на брендот се воздигнала до небо.
Целата фама не можел да ја објасни ни самиот Лакост кој во 1973-та изјавил:
„Има работи кои не може да се објаснат. Можев да изберам логотип на било кое друго животно - питомо или диво но немаше да стане ваков хит. На пример петел. Сите ќе знаеа дека е француска марка но ваков ефект немаше да има“.
Асортиманот на марката не се ограничил само на поло маички и постојано се ширел: во 1958-ма по машката и женска линија се појавила и детска, а во ’60-те и кожни аксесоари и парфимерија. Кога заработката стигнала до пола милијарда долари во ’80-те почнале да прават и наочари за сонце и патики за тенис.
Во ’70-те години во САД главна конкуренција на „крокодилот“ му станала марката Le Tigre која пуштила во промет модели со логотип на тигар. Неа ја носеле Вилт Чембрлен и Роналд Реган но таа марка делувала поскромно.
***
До својата смрт во 1996 година Рене Лакост успеал да види како Французите првпат по неговото играчко време го освоиле Дејвис Купот (1991). Во финалето решавачкиот поен на репрезентацијата им го донел 26-годишниот Ги Форже кој го совладал 20-годишниот Пит Сампрас. Притоа Форже бил облечен во опрема од Lacoste.
Денес марката Lacoste и натаму е во најтесна врска со тенисот (помалку со голфот). Брендот ги спонзорира ATP турнирите Мајами Опен и „Ролан Гарос“ (секоја година пред турнирот излегува специјална колекција), а меѓу играчите кои ги спонзорира е Новак Ѓоковиќ, Кореецот Хен Чон и неколку француски тенисери.