Чех во меѓувреме се врати во Челси каде ќе има административна должност, но и повеќе слободно време за разлика од професионалната фудбалска кариера, па реши да се проба на мраз.
Некогашниот репрезентативен голман на Чешка потпиша договор со клубот Гилдфорд Феникс каде Чех ќе биде на голот. Тој е планиран за трет голман во екипата, а на тренинзи ќе доаѓа во слободно време, тогаш кога ќе нема обврски во Челси.
„Многу сум благодарен на Феникис, што ми дадоа можност да тренирам и играм. Се надевам дека ќе можам да и помогнам на младата екипа да ги достигне планираните цели и да победи што е можно повеќе натпревари. После цели 20 години во фудбалот, среќен сум што ќе се пробам и во играта која ја сакам од дете“, рекол Чех во интервју за клупскиот сајт.
Викендов може да се очекува тој да дебитира за хокеарскиот клуб Гилдфорд Феникс.
ПЕТР СОНУВАЛ ДА СТАНЕ ХОКЕАР, АМА ТАТКО МУ ГО ПРЕУСМЕРИЛ ВО ФУДБАЛ
Чех е роден во Плзен, чешката престолнина на пивото. Во Англија тој често зборуваше дека децата во земјите од поранешниот Советски блок немале многу можности како да го користат слободното време. Во градот имало фудбалски тим, хокеарски тим и ракометен клуб.
Како и многу други негови сонародници, Чех најмногу сакал да игра хокеј. Ама татко му го предомислил. Го пратил на фудбал.
„Татко ми е паметен човек. Знаеше дека еднакво ги сакам и хокејот и фудбалот. Но за хокеј требаше да се купува разна опрема и заштитна маска, а кога детето расте со тек на време треба да се купува постојано нови комплети. Така татко ми реши да ме запише на фудбал“, раскажа еднаш Чех за Арсенал ТВ.
Во 2017 година, легендата на чешкиот хокеј и добар другар на Чех, Мартин Гавлат (светски шампион со повеќе од 800 натпревари во најдобрата лига на светот НХЛ) ја завршил кариерата и ги викнал сите пријатели на проштален натпревар.
Дошле Патрик Елиаш, Мариан Грос, Јагр и многу други хокеарски ѕверки. Чех бил единствен учесник на мечот кој не бил професионален хокеар. Тој бранел за тимот на Гавлат и во еден период примил 3 гола.
Brno: @PetrCech "Hi Arsene Wenger, im not sure i want to play for @Arsenal this season. Hockey in better then @premierleague" #jetofaktvon pic.twitter.com/sGQf1vAMkx
— Frantisek Kuna (@Fery19) August 9, 2017
Чех за оваа авантура ги молел луѓето од Арсенал и буквално за една вечер стигнал во Чешка, бранел и сабајлето се вратил за Англија каде одработел тренинг.
ТРЕНЕР ЌЕ МУ БИДЕ НЕГОВ ПРИЈАТЕЛ
Клубот Гилдфорд од 2017 година игра во британската EIHL (главна хокеарска лига). Гласините дека Чех ќе се префрли во хокеј почнаа летово кога тој тренираше со Гилдфорд Флејмс.
„Првпат дојдов да го гледам Гилдфорд во 2004 година. Тоа беше крај на сезоната, и другар ми Милош Мелишерик ме викна на важен меч против Манчестер Феникс. Потоа ме викна и на тренинг со екипата и со младите“.
Мелишерик е поранешен словачки хокеар кој уште во ’90-те години два пати бил шампион на Словачка. Кариерата ја завршил во 2010 година па му понудиле позиција тренер на децата во академијата на Гилдфорд Флејмс.
Во 2017 година Флејмс стигнале до елитната лига, а годинава формирале филијала, клуб кој ќе игра во четвртата лига и се вика Гилдфорд Феникс.
„Едвај чекаме да го видиме Петр на дело. Откако првпат го видов на мраз, тој многу напредуваше. Интересно е да се види како ќе игра“, рекол Милош Мелишерик.
Пред неколку месеци Чех за хокеарскиот сајт ChasingThePuck рекол дека со задоволство ќе го носи дресот со број 39. Кога го прашале против која екипа најмногу сака да игра, рекол: „Против која било. Дури и еден меч за мене ќе биде право чудо!“.
Чех е познат и како одличен тапанар, слободното време го користи да удира на тапани.