На почетокот на 2018-та гигантот Нетфликс ќе прикаже документарка од 4 епизоди кои ќе ни го прикажат животот од внатре на најтрофејниот фудбалски клуб во Италија.
Замислете сцена во која слушате што се муабети во клупскиот автобус додека „Бјанконерите“ патуваат на гостување. Или пак што музика слуша Дибала додека оди на тренинг па што прави кога ќе се врати дома итн. Гледачите ќе имаат прилика да ги видат навиките на играчите, нивните омилени нешта во секојдневието, ќе можат да видат што јадат, каде шетаат, како живеат.
Документарната серија ќе содржи 4 епизоди и секоја ќе трае по 60 минути. Во нив ќе има најинтригантни сцени од секојдневнието на клубот кој има милиони навивачи ширум светот.
„Вистинска гордост е што е Јувентус првиот фудбалски клуб кој е предмет на Netflix Original Docuseries. Соработката од ваков тип ја потврдува нашата страст за иновација во секоја смисла. На овој начин ние им овозможуваме на многу навивачи на Бјанконерите од целиот свет и милиони други Нетфликс корисници благодарение на оваа документарка да го запознаат Јувентус од секој агол“, пресреќен е Федерико Паломба, генерален директор на маркетинг во клубот.
Задоволни се и луѓето од Нетфликс.
„Нетфликс е дом на пасионирани приказни а нема попасионирани навивачи од Бјанконерите. Возбудени сме што имаме единствен, ексклузивен пристап до еден од најголемите клубови на светот“, вели Ерик Бармак, потпретседател на Меѓународниот серијал на Нетфликс.
Нетфликс е лидер во онлајн светот со 104 милиони членови од 190 земји кои гледаат преку 125 милиони часови ТВ шоуа и филмови дневно преку овој гигант. Јуве во моментов е втор на табела со два бода зад лидерот Наполи после седум кола. Во Лигата на шампионите, „црно-белите“ од Торино имаат еден пораз од Барселона 3-0 на „Камп Ноу“ и една победа дома на „Јувентус Стадион“ против Олимпијакос 2-0.