На Сергеј Милинковиќ Савиќ му се исполни сонот да постигне гол на вечното римско дерби и тоа го стори пред два дена на првиот полуфинален дуел меѓу Лацио и Рома кој заврши 2:0. Дечкото има само 22 години, но игра зрело и се однесува зрело како да е во кариера веќе 20 години.
По големата победа на мечот кој во Рим се смета за најважен во сезоната, играчите се прошетаа на атлетската патека под Курва Норд на кусо славје со навивачите. Откако српскиот репрезентативец меѓу илјадниците навивачи го виде знамето „Небескоплави“, се упати кон нив и му го даде дресот на Жељко, навивачот кој речиси 30 пати патувал на релација Хрватска – Италија со една цел, а тоа е да го бодри Лацио на лице место.
Жељко живее во Пула и е основач на Фејсбук страната „Небескоплави“ во која членуваат навивачи на Лацио од цела бивша Југославија. Навива за Лацио уште од времето на Ален Бошкиќ и имал привилегија да биде еден од гостите во тренинг центарот на Лацио.
Од толку многу навивачи на Курва Норд која беше преполна на дербито во полуфиналето од Купот на Италија, стрелецот на голот Сергеј Милинковиќ Савиќ ти го даде дресот токму на тебе. Како се случи тоа? Се работеше за ветување?
Сергеј ја знае нашата Фејсбук страна „Небескоплави“ и од време на време контактираме. Тој знаеше дека на ова дерби ќе бидеме присутни на Курва Норд и кога го виде нашето знаме дојде да не поздрави и тогаш одлучи да ми го подари дресот. Голем фан на Лацио и на Милинковиќ – Савиќ е и мојот 7 годишен син Дени кој исто така многу ги сака и Имобиле и Кеита.
Какво е чувството да се има дрес од еден толку важен натпревар како што е римското дерби и дали прв пат се случува играч да ти подари дрес после натпревар?
Чувството е феноменално и неописливо. Инаку ова не е прв пат. Дрес после натпревар ми има подарено уште еден Србин кој игра за Лацио, а тоа е Милош Антиќ од Лацио Примавера кога бев да ги гледам во Римини.
Од кога се знаете со Сергеј и како се запознавте?
Се запознавме преку нашиот заеднички пријател Александар по мечот Лацио – Торино. Ден после тој натпревар неколку навивачи од „Небескоплави“ имавме чест да бидеме гости во Формело - тренинг центарот на Лацио каде се видовме и со сликавме со Сергеј и од тогаш сме во добри односи. Таму пиевме кафе со Андерсон, Маурисо и Баста, кој ми даде дрес.
Зошто токму Лацио и од кога си нивни навивач?
Во сезоната 1995/1996 почнавме да ги гледаме со друштво. Тогаш играше за нив Ален Бокшиќ и така почна сè.
Со кого одиш обично на натпревари, дали тоа го правите организарано како фан клуб и дали водиш евиденција колку пати до сега си патувал за Лацио на релација Хрватска - Италија?
Одиме често како фан клуб „Небескоплави“ со Рецко, Решад, Милан, Даниел, Златко, Дејан, Пупи, Марко, Илија и Ненад. По некогаш доаѓаат и син ми Дени, како и ќерките на Рецко, Кристина (12) и Наташа (17). Во Рим сум бил околу 13 пати, а на гостувања низ Италија околу 15 пати. Инаку како група сме познати бидејќи секое лето одиме и во Ауронцо ди Кадеро, местото каде Лацио оди на подготовки. Таму паѓаат најубавите дружби почнувајќи од навивачите, новинарот Луиџи кој работи во Lazio Style, со физиотерапевтот Валерио, потоа сопственикот на симболот на Лацио, Хуан па се до играчите. Во една прилика во фојаето во хотелот кафе ни вареше Пандев.
6.Имаш ли омилен натпревар меѓу тие 30?
Би го издвоил токму ова последното дерби.
Моментот кога СМС му го дава дресот на Жељко