Британската тениска ѕвезда, Енди Мареј ја поддржува хуманитарната работа на УНИЦЕФ кој во моментов помага на илјадници деца кои доаѓаат во Европа како резултат на бегалската криза.
УНИЦЕФ обезбедува храна, вода, лекови и средства за хигиена за потребите на децата кои го бегаат од војната во Сирија.
Третиот најдобро рангиран тенисер на светот изјави дека чувствува потреба да помогне, откако ги видел потресните слики на семејства како бегаат од Истокот кон Европа во последните неколку недели. Фотографијата со малиот Ајлан Курди ја отсликува очајната ситуација на бегалците кои немаат друг избор, пишува Индепендент.
„Откако ги видов сликите на вестите претходните недели почуствував потреба да направам нешто за да им помогнам на милионите деца и нивните семејства кои се принудени да ги напуштат своите домови и нивните живот наеднаш тргнале во друга насока. Ќе бидам уште позадоволен ако знам дека секој ас ќе им помогне. Исто барам и од моите навивачи ширум светот да ми се придружат и да му помогнат на Уницеф во виталната работа“, изјави Енди Мареј.
Стандард Лајф, еден од партнерите на тенисерот, заедно со АТП и ЛТА решија да ја поддржат акцијата на Мареј, така што секој од нив поединечно ќе донира по 50 фунти за секој ас на Мареј. На тој начин, вкупниот износ на донација од секој ас би достигнал 200 фунти.