Железниот Мајк во тоа време веќе не беше непобедлив ѕвер но уште имаше силно влијание врз навивачите.
Тајсон бил пречекан кралски во Манчстер каде му требал добар противник за триумфално да се врати на сцена. Изборот паднал на Џулуис Френсис, солиден боксер од југот на Лондон.
Американецот го сомле за две рунди но најинтересно од сè во борбата бил генијалниот комерцијален улов на таблоидот Daily Mirror, кој чудно се одлучил да стави реклама на долниот дел од патиките на Џулиус Френсис, на стопалата.
ФРЕНСИС МОЖЕЛ ДА НЕ СТАНЕ БОКСЕР, ПРОДАВАЛ ДРОГА И МУ СЕ СПРЕМАЛА 10-ГОДИШНА ЗАТВОРСКА КАЗНА
Сосема необично, историјата на Џулуис Френсис многу потсеќала на онаа на Мајк Тајсон. Френсис како млад крадел за да преживува, зошто во семејството имал уште три браќа и сестри. Татко му работел во друг град а мајка му имала психичко растројство. На 10 години Френсис го посинило семејство белци но Џулиус тогаш имал проблеми со локалните скинхеди од радикалниот Национален фронт во Вулвич.
На 16 години Џулиус Френсис продавал дрога и често запаѓал во неволји. Во тоа време се дружел со хулиганите кои навивале за Милвол, до скоро познати како едни од најжестоките на Островот.
„Претходно се тепав на улици и стадиони и појма немав дека ќе станам професионален боксер. Тепачките во '80-те беа по редот на нештата. Право лудило. Болно ми е кога се сеќавам на тоа. Еднаш ме фатија и ми се закануваа 10 години затвор. Сфатив дека за мене тоа е еднакво на смрт. Би умрел таму. Од тогаш го сменив животот. Стоев на зборот кој си го дадов себе“, се сеќава Френсис.
Откако излегол од затвор (таму ја читал Библијата и бил затворен кога првата ќерка му славела 1 роденден, инаку има 4 деца од 4 различни жени) после неколку години, тој решил да се занимава со кикбокс. Првпат во сала влегол во 1990-та година кога имал 26 години, но тоа не му сметало веќе истата година да стане европски шампион во тешка категорија во кикбокс. После три години дебитирал во професионален бокс без претходно искуство.
Стартот на кариерата во бокс му бил фантастичен: 6 победи на 6 меча, 3 со нокаут. Но во седмата борба налетал на идниот светски шампион во тешка категорија Џон Руиз кој го нокаутирал во 4. рунда.
После неколку борби, Џулиус веќе стекнал искуство и знаење да се бори со прави гиганти. Од февруари до април 1998 година Френсис боксувал против легендата на германскиот бокс Аксел Шулц а после и против идната легенда - Виталиј Кличко. Со Шулц се држел до судиска одлука и изгубил на поени, а од Кичко изгубил за 2 рунди.
После шест месеци заслужил борба со големиот Мајк Тајсон.
ТАЈСОН ЗА МАЛКУ МОЖЕЛ ДА ДОБИЕ ЗАБРАНА ЗА ВЛЕЗ ВО ВЕЛИКА БРИТАНИЈА
Мечот Тајсон - Френсис бил договорен на 29 јануари 2000 година, а картите за борбата во MEN Арена со капацитет од 23.000 места биле распродадени како алва.
Но наскоро се појавиле првите пречки. Тајсон во САД беше осуден на казна затвор поради силување и не можел да добие виза за да дојде во Англија.
Организаторите веќе вложиле многу пари во промоција на мечот и решиле да го одржат по секоја цена. Целата работа стигнала до министерот за внатрешни работи Џек Стро кој на две недели пред борбата решил да му издаде виза на Тајсон.
Во соопштение до новинарите тој објасил дека не сака да нанесе штета на бизнисот во Манчестер и да ги разочара илјадниците љубители на боксот.
Целиот настан попримил политичка нота. Тогашниот премиер Тони Блер од Конзервативна партија ја критикувал одлуката на министерот. Се кренале и феминистички групи кој на аеродромот Хитроу протестирале. Кога Тајсон слетал му викале: „Силувачу, марш од Британија“. Тајсон подоцна изјавил дека тоа биле „група разочарани жени кои сакаат да тепаат мажи“.
Мајк бил сместен во хотелот Grosvenor кој се наоѓал на неколку стотини метри од Бакингемската палата, но тој сакал слободното време да го проаѓа во реонот Брикстон, познат по тоа што во него живееле мнозинство црнци.
Близу Брикстон живеел и Френсис кој не се изненадил што стотици навивачи оделе да го слушаат Тајсон додека им збори на мефафон.
„Знаете јас сум од југот на Лондон и ако не се борев сега со него, и сам ќе отидев да го гледам како обичен навивач“, рекол Џулиус.
Подоцна и самиот признал дека му било многу страв.
„После толку години во боксот, признавам дека се плашев до денот на борбата со Тајсон, ми се тресеа колената. Се обидев да не мислам на тоа, иако просто се плашев“.
Раскажал и една интересна анегдота од тие денови со неговиот промотер Френк Мелоуни кој го направи шампион големиот Ленокс Луис.
„Френк ми предложи да се разведриме и да одиме да ја гледаме Манчестер - Мидлзобро. Мене не ми се одеше, бев концентриран на тренинзите но Френк настојуваше и кога се појавив пред 60.000 навивачи кои ме поздравуваа гласно, се наежив. После пред 23.000 кои навиваа против мене не чувствував ништо“.
Во 2012 година, 59-годишниот Френк Мелоуни ја шокирал цела Британија кога признал дека се чувствува како жена и дека со операција ќе го менува полот. Од август 2014 Френк барал да го викаат Кели Мелоуни. Зад себе имал два брака и три деца.
ЗА РЕКЛАМА ОД DAILY MIRROR ЏУЛИУС ДОБИЛ 40.000 ФУНТИ
Идејата за логото на познатиот британски таблоид на петиците од патиките на Френсис се појавила недела дена пред борбата.
„Ни се јавија од весникот и ни понудија 40.000 фунти за таа реклама. Во тоа време тоа беше многу голема сума и за боксерите, пример за самата борба јас добив 350.000 фунти. Луѓето мислеа дека ми платиле многу повеќе, но го докажав спротивното.
Сите ме сметаа за голем аутсајдер, во мене не веруваа ни моите пријатели, ни роднини, ни медиумите. Се беше за Мајк Тајсон“.
Кофецентот за победа на Мајк бил 1.16, а идејата на Daily Mirror за реклама на стопалата била идеална.
Тајсон во рингот го сомлел Френсис: за четири минути пет пати го фрлил во нокдаун и сите можеле одблизу да ја видат реклмата на весникот. Имало стотини фотографии како Џулиус лежи во рингот а рекламата на Daily Mirror ја виделе милијарди гледачи.
„Го памтам само првиот нокдаун. Секако, можев да ја прекинам борбата но тогаш немаше да добијам никакво уважување ни од Тајсон ни од навивачите“, признава Френсис.
ДЕНЕС ИМА 55 ГОДИНИ И РАБОТИ КАКО РЕДАР НА СТАДИОНОТ ВЕМБЛИ
Како и многу други боксери и Џулиус решил на стари години да се проба во MMA но безуспешно. Го нокаутирале во втора рунда.
„Не ми е жал за ништо. Некои луѓе викаат дека за ништо на светов не би влегле во ринг против Мајк Тајсон. Ама ќе бев луд ако ја пропуштев таа шанса. Замислете па ако го победев Тајсон? Името ќе ми се памтеше во историјата на боксот засекогаш“, вели Џулиус.
Тој денес има 55 години и работи како редар на Вембли. Треба да спречува тепачки на стадионот.
„За цела кариера заработив околу 1 милион фунти. Секако, тоа е многу одамна, но не жалам за ништо. Го постигнав тоа што го сакав. Станав шампион на Велика Британија во тешка категорија. Сакав да бидам професионален боксер и се пробав со еден од најголемите боксери во историјата“, додава Френсис.
Денес тој живее во изнајмен стан во реонот Бромли во Лондон а во слободно време се занимава со проблематични деца.