Тешко е да се сфати, а уште потешко да се набројат сите сегменти од играта на македонската репрезентација поради кои до волку неуспешно и невпечатливо го заврши Европското првенство кое треба што побрзо да се заборави.
Да ни биде искуство за понатаму? Ма какво искуство. Оваа селекција тоа го има и не треба во никој случај и по ниту една логика повеќе да се навраќа на Виена. Ова беше дебакл и очај по сите основи. Нема таму враќање, туку размислување и работење како понатаму.
Некако не влегува во глава тоа што Македонија ја гледавме само 5 дена на Европско, бидејќи не сме навикнати. Обично паташествието трае подолго, понеизвесно, со пласман во следна фаза, а понекогаш со надигрување, па дури и изненадување на некоја од големите селекции.
Но овој настап не беше ни пола од тоа што сме го гледале во минатото и тоа во група каде немаше ниту еден изразит фаворит. Нашата група беше од оние „секој може да победи секого“ и во една таква се изгоривме. Кој би рекол?
Зошто? Затоа што ништо не функционираше на паркетот. Дозволено е да утнеш една утакмица, ама три од три е многу, премногу. Дека нешто е труло во играта и пристапот се виде уште против Украина која едвај ја победивме и тоа во последна секунда поради тоа што го имаме вечниот Кире Лазаров.
Епа да не сакате 30 години да ни биде носител на играта? Ако не па да го клонираме. Никој не ја презеде одговорноста во клучни моменти, а не е лошо некој да се охрабри да го стори тоа место него, бидејќи на вакви натпреварувања без муда не можеш да оставиш белег.
40 години ќе полни во мај и уште се чека на него и да организира и да реализира и да решава. Реализацијата на другите е максимум половина од неговите голови.
Младите останаа “млади“ со три првенства зад себе. Билик е 23 години и е носител на играта на Австрија. Сагосен е 24 години и е носител на играта на Норвешка. Ние уште чекаме на Кире. Тоа е разликата и реалноста.
Единствена светла точка на ова првенство беше првото полувреме против Чешка на која со гранитна одбрана и дозволивме да ни даде само 9 гола, ама што фајде од тоа кога во второ ни пикна 18. Останатото беше хотел промаја. Борко слаб, Никола јак само против Украина. За бељата да биде поголема го загубивме Велко Марковски во одбрана уште пред стартот.
Нападот очаен. Не стигнавме ниту еднаш до 30 гола. Изгледаше како да сме без среден бек кој треба да организира напад, да мафта со рацете, да пробие или да изнуди пенал. Ех што правеше Жути.
Не сме биле до волку безидејни и без решенија. Ги немаше оние долги напади кои се градеа упорно, ја немаше играта на нерви. Репрезентативците делуваа бледо, како без гориво. Сè се сведе на индивидуални залудни влезови и лоши шутеви. Се правеа многу грешки, се промашуваа зицери.
А Брестовац? Ниту глас му се слушна, ниту гримаса на лице смени. Ладен како шприцер стоеше и гледаше како да е во кино. Со рацете постојано над колкови како буквата Ф.
Што требаше да се случи за да викне, да смени нешто во играта или да седне некој кога не му оди, како на пример на Кузмановски кој делуваше индиспониран. Или воопшто имаше ли младиот селектор план Б?
Овој настан на континенталните натпреварувања остава впечаток дека до сега ни е најлош од сите откако почнаа таа серија на Мундијалот во Хрватска 2009. Момците потфрлија целосно, а делуваа како да не се спремни ниту психолошки.
Оние -6 на полувреме против Австрија не беа ниту 12, ниту пак Австрија е Шпанија за да не бркаш во второ, а второто беше целосно предавање. Не загризавте дечки на првенствово. Е сега стварно најважно е да се одморите.
Филип Нацоски