На еден час до мечот се срушил дел од едната трибина при што загинале 39 луѓе а стотина други биле повредени. И покрај целиот ужас, мечот не бил одложен а играчите на Јувентус ја славеле победата поради што во Италија жестоко ги критикувале.
***
Се се случило на бриселскиот стадион „Хејсел“ кој бил отворен во 1930 година на 100-годишнината од независноста на Белгија. На почеток се викал „Јубилеен“ и собирал 70.000 гледачи.
Овој стадион бил мошне популарен во Европа: до 1985 година таму се одиграле дури три финалиња на Купот на европски шампиони (денес Лига на шампиони), три финалиња на Куп на Купови и дури и финалето на Европско.
Според договорот, Ливерпул и Јувентус добиле по 15.000 карти за финалето но во Брисел допатувале далеку повеќе навивачи отколку што стадионот можел да прими по реконструкцијата - околу 60.000.
Непријатности и инциденти имало на неколку часа пред големото финале: полицијата спречила ситни судири а имало и еден грабеж на златара. Ништо сериозно додека навивачите не се накрцале на трибините.
Многу жестоки навивачи се сместиле на разни трибини, а како за беља во секторот Z, предодреден за навивачите на Ливерпул, влегле многу тифози на Јувентус. Во глобала тоа биле Италијанци од дијаспората - имигранти во другите европски земји.
„Мене ме вознемири што неутралната зона беше кај навивачите на Ливерпул. На почеток мислев дека ако картите за тие места стигнат до навивачи на Јуве, ќе имаме големи проблеми. Белгијците ни кажаа дека тие задржале поголема група навивачи и не уверуваа дека продажбата на билети е под детална контрола. Пред мечот не исплаши приказната во англиските медиуми за поделени карти во Италија каде се продавале на црниот пазар. И на нашите навивачи им предлагаа такви влезници а да не зборам за тоа што и пред стадионот имаше тапкароши“, раскажал извршниот директор на Ливерпул тогаш, Питер Робинсон.
Хаосот кој се спремал водел кон страшни последици. Најбезумните хулигани од двете страни почнале да се гаѓаат со разни предмети и фрлале ракети. Беснилото кулминирало кога Англичаните ја прескокнале металната ограда меѓу секторите (таа само правела илузија дека е непроодна граница) и започнале голема тепачка во која летале тупаници, клоци, но и флаши и железни шипки.
Така почнал пеколот.
***
Под притисок на Англичаните, италијанските тифози и други навивачи од секторот Z спасувале жива глава наспроти секторот на Ливерпул. Кога таму се натиснале неколку илјади луѓе, бетонската ограда не го издржала притисокот и се срушила. Голем дел од навивачите загинале под бетонските остатоци. Уште неколку загинале прегазени во стампедото.
„Ние бевме на само 50 метри од хаосот и видовме сериозно повредени луѓе. Тогаш уште не знаевме дека има загинати. Редарите побараа да се тргнеме. Кога бетонската ограда се сруши навивачите бегаа кон аголот кој беше единствен можен излез а таму веќе имаше стампедо. Оградата се сруши и луѓе паѓаа еден врз друг“, се сеќава бекот на Ливерпул Марк Лоуренсон.
Голема одговорност, можеби најголема имала и полицијата. Прво, имало малку полицајци присутни - помалку од 25 луѓе на преполниот стадион! Второ, кога конфликтот се разгорел тие одбрале нелогична тактика ги блокирале потенцијалните излези од трибините па ги приморале потиснатите луѓе да се пробиваат кон теренот. Не размислувале што може да се случи.
Паниката поминала за половина час - белгиската полиција добила засилување. Навивачите од другите сектори биле збунети: спикерот од разглас ги смирувал и соопштил дека мечот ќе почне со задоцнување. Така и биднало - мечот се одложил на само половина час.
Крајниот биланс бил страшен: 39 загинати од кои 32 Италијанци, 4 Белгијци, 2 Французи и еден Ирец. Повредени биле повеќе од 400 луѓе.
***
Пред натпреварот кога во соблекувалната на Ливерпул дознале дека има загинати, тренерот Џо Феган рекол: „Не гледаме дека треба да останеме“.
Но на екипата брзо и се обратил началникот на белгиската полиција. Тој разговор добро го памти дефанзивецот Лоуренсон: „Белгиецот почна: ’Мора да играте, јас инсистирам’. Некој му одговори: ’Како да истрчаме на терен кога таму има загинати луѓе’?
Но полицаецот кој знаел за загинатите одговорил: ’Ние сме должни да го спроведеме натпреварот инаку ситуацијата ќе ескалира. Зборував и со Јувентус, мора да се појавите на терен’. На никој од нас не му се играше. Капитенот Фил Нил се смири, излезе да ги смири навивачите и натпреварот почна“.
Единствениот гол во тмурната атмосфера го постигнал Мишел Платини од пенал во 65’ минута. Тој бурно го прославил голот со соиграчите како ништо да не било.
„Белгијците не организираа нормална контрола за 20.000 навивачи од Англија, тие се виновни. Одлуката натпреварот да се одигра во тој момент беше единствено решение за да се избегнат повеќе жртви. На теренот ги одмаздивме сите, како за нас фудбалерите така и за нашите навивачи“, била изјавата на подоцнежниот претседател на УЕФА.
Во Италија играчите на Јувентус биле жестоко критикувани за радоста и емоциите по последната судиска свирка: да славиш таму каде што пред пар часа се случила невидена трагедија било мошне неумесно.
***
Вината за трагедијата била на навивачите на Ливерпул. 14 од 26 хулигани на кои им се судело во Белгија добиле затвор до 3 години за убиство од небрежност.
Хејселската трагедија се случила на 29. мај 1984 година - 18 месеци по кошмарниот меч Бредфорд Сити - Линколн Сити кога 56 гледачи загинале во страшен пожар на стадион.
УЕФА добила уште еден повод да им изрече забрана на англиските клубови и ги исклучиле од Еврокуповите на 5 години (Ливерпул одделно на 8 но подоцна му ја намалиле на 6 години).
Трагичниот „Хејсел“ го реконструирале во 1995 година и го преименувале во „Стадион Крал Бодуен“. Веќе следната година овој стадион бил домаќин на финалето на Куп на Купови меѓу ПСЖ и Рапид а во 2000-та таму се одиграа и неколку натпревари од Европското првенство.
Првпат по трагедијата Ливерпул и Јувентус се сретнаа во 2005 година - во четвртфиналето на Лига на шампиони. На „Енфилд“ англиските навивачи спремија перформанс со натпис Amicizia (пријателство/дружба).
Тифозите на Јувентус демонстративно свртеа грб и ден-денес не можат да им простат на навивачите на Ливерпул. Подоцна соопштија дека гестот кој го направиле на „Енфилд“ бил поради недоволното внимание и почит кој Ливерпул ги имал во сеќавање на тој ден.
Од тогаш до денес Ливерпул и Јувентус не се сретнаа ниту еднаш.
***
Статистиката на Ливерпул во финалињата на Лига на шампиони: 5 титули (1977, 1978, 1981, 1984, 2005) и 2 порази (1985 и 2007).