Колку чини една кореографија против УЕФА

Навивачите на Црвена звезда сериозно ѝ се намерачија на УЕФА по одлуката на Европската фудбалска куќа да го признае Косовскиот фудбалски сојуз како нова членка која ќе може да игра квалификации за ЕП и СП.

Навивачите на Црвена звезда го искористија реваншот од второто коло во квалификациите за Лигата на шампионите против Валета во Белград да покажат што мислат за УЕФА.
 
Пред повеќе од еден месец, Звезда играше пријателска средба против Олимпијакос на Маракана и тогаш Делиите извадија кореографија со натпис UEFA supports terrorism (УЕФА поддржува тероризам) во боите на албанското државно знаме.
 
Потоа, веднаш по завршувањето на мечот против Валета минатата недела, Делиите објаснија што им значела кореографијата - таа ја претставувала сцената забележана на Косово во 2004. година кога еден човек насилно го корнеше крстот од една православна црква.

Овие кореографии не се први од адресата „Љутице Богдана“ до Нион. Нешто слично навивачите на Црвена звезда направија и во 2006. година кога УЕФА го „протна“ Милан во квалификациите за ЛШ, иако Росонерите завршија петтопласирани во Серија А. Во двомечот тогаш Звезда загуби од Милан, а Делиите извадија кореографија UEFA mafiosi во традиционалните црвено-црни бои на миланскиот клуб.

УЕФА веќе ја одредила казната за Звезда која ќе треба да плати 100.000 евра, а во Нион се дискутирало и околу тоа дали треба да се преземат поостри и подрастични мерки. Наводно некои членови на главниот одбор биле Звезда да биде казнета со еден меч без публика во квалификациите.