Сите го знаат како Џим. Едноставен дечко кој пораснал во јужен Лондон во Вандсворт. Бил навивач на Милвол и припадник на озлогласените Bushwackers, хулиганска група која била страв и трепет.
Џим имал 21 година кога со бандата во сабота одел на утакмици, излегувал во пабови и се дружел со хулиганите. Поради неговата смисла за хумор сите го сакале, но тоа не бил правиот Џим.
Неговото право име било Џејмс Бенон, вработен во Метрополитан полицијата и таен агент кој имал задача да се инфилтрира меѓу најзаебаните хулигани во Лондон. Цели две години Џим глумел, се претворал дека е навивач. Таквата улога секоја сабота го довела до многу тепачки и нереди. Кога хаосот ќе завршел и прашината ќе слегнела, Џим се повлекувал во станот каде ги документирал сите податоци. Праќал редовни тајни извештаи до полицијата со цел неговите „другари“ од Bushwackers да бидат притворени и осудени. Ова се случувало во ’80-те години.
Денес Џејмс се занимава со глума. Има one-man шоу. Својот таен живот го преточил во претстава со која настапил на познатиот Фестивал на комедијата во Лестер.
„Се чини чуден изборот на Џејмс со приказната како таен агент на задача да апси опасни момци, сега учествува на фестивал за комедија“?, прашал еден новинар.
- Видете, тоа не е класична стенд-ап комедија. Но мојот живот со Bushwackers во исто време беше и хумор и трагедија“, вели Џејмс.
Се сеќава на неколку епизоди од кои најмногу ја памети онаа на гостувањето во незгодниот Лидс.
„Еден од хорорите го имав кога бев на гостување во Лидс со Милвол во 1987 година. Ме уапсија полициските службеници кои не знаеа за мојата тајна задача. Се сеќавам на ќотекот и третманот како да сум животно“, се сеќава Џејмс.
Во еден момент го засакал таквиот начин на живот. Стекнал многу другари и мислел дека никогаш нема да може да се раздели од нив. „Бев верен, но на секој седум дена морав да издавам. Умирав“.
„Клучот на успехот беше што самиот на себе си повторував дека сум на задача, дека не сум Bushwackers. Се сеќавам на момците. Имаше прави деца, искрени. Но мојата работа беше да соберам што повеќе информации“.
Денес Џејмс Бенон и натаму е голем навивач на Милвол. Пред да стане агент бил обичен симпатизер. Неговиот дедо навивал за Чарлтон. Во својата автобиографија тој опишал уште еден настан кој многу добро го памети.
„Беше сончева сабота, 29. август 1987 година. Милвол играше против Лестер. Се сеќавам дека со воз дојдов до Лестер. Имаа страшна екипа позната како Baby Squad. Иако бевме на глас дека ние од Лондон (Вест Хем, Челси и Милвол) сме најјаки, оваа група на Лестер ја знаеа сите.
Првите луѓе од Baby Squad и Bushwackers договорија тепачка пред еден паб. Тргнавме. Меѓутоа се јавив во полиција дека има шанса да се случи инцидент во една од локалните улици. Стигнавме пред пабот пред кој имаше десетина полицајци. Моите беа лути и бесни и ги прозваа Baby Squad дека они викнале полиција. Се сеќавам дека издишав со олеснување зошто моите момци имаа оружје како војска и некој можеше да настрада“.
Му било тешко секоја сабота да биде доушник и шпион. Не поради самата работа колку да не биде фатен. Живеел во Кент но две години поради задачата не ги видел како треба ни пријателите ни семејството. Ваквиот живот му донел секојдневни муабети за фудбал, за навивачи, за нереди...
„Ретко се случуваше да ги посетам родителите. Само тогаш кога бев сто посто сигурен дека никој не ме следи“.
Морал секој ден да биде претпазлив. Бил под притисок зошто пред Bushwackers морал да биде „лудиот Џим“. Не смеел со ниту еден потег да дозволи некој да посомнева во него а дечките му верувале целосно.
„И да, тој меч во Лестер има продолжение. После дуелот тргнавме до возот. Пред нас стоеја Baby Squad и само тројца полицајци. Настана лом! На еден од полицајците му скршија вилица а јас бев очаен што не можев да му помогнам на колегата“.
Џим го пријавил навивачот на Милвол кој го нападнал полицаецот и хулиганот завршил во затвор поради напад на службено лице. Следното утро му стигнал неочекуван телефонски повик: „Џим, случајот е готов, се повлекуваш“. Заминал од екипата и никому не се јавил цела година. Се криел постојано.
После неколку години, една вечер на концерт на некој локален бенд, Џим се опуштал со своите другари кога пред него застанале ветераните од Bushwackers. „Долго те немаше Џим? Ти си наш брат, што е работава? Уствари, ти си наш поранешен брат“, му дофрлил еден од постарите хулигани на Милвол
Повеќе за режисерката на култниот филм Green Street Hooligans тука.