По неколку години Партизан конечно му гостуваше на локалниот ривал Вождовац на теренот кој се наоѓа на кровот на еден трговски центар. Поради безбедносни причини Вождовац на Црвена звезда и Партизан им беше домаќин на теренот на Обилиќ поради бројноста на гостинските навивачи.
Но тоа не беше главна вест од овој меч, туку скандалот кој се случи со маиците со кои „црно-белите“ излегоа на теренот.
Минатиот четврток вечерта во Белград бил убиен Александар Станковиќ, 30-годишен водач на Гробарите. Во меѓувреме следниот ден министерот за внатрешни работи на Србија, Небојша Стефановиќ на итна прес-конференција најавил дека полицијата тргнува во конечна пресметка со криминалците и мафијашите.
Но тоа многу не ги допре Гробарите кои во саботата на дуелот со Вождовац извадија парола во црна боја на која пишуваше: „АЛЕКСАНДАР СТАНКОВИЌ 1987-2016“. Јавноста во Србија се запрепастила кога видела дека играчите на Партизан (сите до еден) излегле на терен со маица со ликот на убиениот Сале Мутави со натпис „Добро паметам сè“.
И покрај тоа што се крена голема врева, а луѓето од управата на Партизан изјавуваа дека не знаат ништо за тоа, парадоксално во текот на денот во весниците излегол некролог за убиениот со сочуство од управите на ФК и СД Партизан. Дневниот весник „Вечерње Новости“ имал дури 14 страни со некролози за убиениот Станковиќ а во „Политика“ две страни.
Вревата уште не слегната, а синоќа на кошаркарскиот дуел во Јадранската лига меѓу Партизан и Олимпија и кошаркарите излегле со исти маици со ликот на убиениот Станковиќ. Целиот парадокс да биде поголем, мечот започнал со едноминутен молк (не се знае кој дозволил), а неколку присутни гледачи го исвиркале молкот затоа што не се согласувале со тоа да оддаваат сочуство на криминалец кој зад себе имал неколку тешки дела и требал да лежи во затвор. Најжестоките Гробари брзо се пуштиле во секторот каде гледачите свиркале и ги нападнале, па само брза реакција на полицијата спречила поголем инцидент.
По мечот тренерот Александар Џикиќ и играчите на Партизан изјавиле дека не знаеле ништо и дека само им ги дале маиците да ги облечат. Кој и како им ги дал никој не знае или не сака да знае. За убиенот Станковиќ во Белград се знае и дека пред да стане навивач на Партизан долги години навивал за Црвена звезда, но ја искористил поделбата на јужната трибина меѓу Гробарите од кои голем дел се во затвор и станал лидер. За него српските медиуми пишуваат уште и дека имал удел во трансферите на некои играчи и дека бил клучен човек во нарко-пазарот.
Јавноста дозна повеќе за Станковиќ во април годинава кога со уште двајца пријатели ги нападнале и крвнички ги претепале возачот и обезбедувачот на директорот на Партизан, Милош Вазура.
Пред десетина години и фудбалерите на Црвена звезда беа принудени да носат маици со натпис на навивачот Урош Мишиќ кој беше во затвор поради напад на службено лице со бакља во лице.