Бланка Влашиќ важи за една од најголемите спортистки во историјата на Хрватска. Таа се натпреваруваше во скок во вис и е 2-кратна светска шампионка, 2-кратна европска шампионка, освои сребро на Олимпијада во Пекинг 2008 и бронза во Рио во 2016 и има уште неколку злата од големите натпреварувања во разни категории.
Благодарение на колосалните спортски заслуги за Хрватска, Бланка е позната во целата земја. Таа е сестра на репрезентативецот Никола Влашиќ кој одигра добро Европско и имаше сјајна сезона во ЦСКА Москва.
Бланка ги следеше дуелите на репрезентацијата на Хрватска заедно со хрватските навивачи во Копенхаген каде „коцкестите“ одиграа неверојатен меч со Шпанија. Во еден момент дури и го зема мегафонот па како прав лидер поведе песна пред реката хрватски навивачи:
„Сега се нервирам многу повеќе отколку кога се натпреварував сама. Не можам да се контролирам себе кога го гледам Никола како игра. Многу полесно е да се биде главен херој на терен отколку да си надвор од терен и да немаш никакво влијание врз играта“, вели Бланка Влашиќ за хрватските медиуми.
Семејството Влашиќ е можеби најспортска фамилија во Хрватска. Никола е славен фудбалер кој потпиша договор со Евертон па блесна во руски ЦСКА Москва, Бланка доминираше со светската атлетика, Мартин е ракометар а татко им Јошко Влашиќ на времето бил познат југословенски атлетичар кој после ја тренирал Бланка.
„Многу сме блиски, секогаш одржуваме блиски врски кај и да сме. Со Никола имам посебен однос, меѓу нас има 14 години разлика но секогаш се заштитуваме еден со друг без разлика што тој е многу помлад од мене. И сега кога гледам како ја претставува мојата земја и го носи репрезентативниот дрес тоа е фантастична емоција“, вели Бланка за Никола.
Пред драматичниот меч со Шпанија кој „црвената фурија“ го доби дури после продолженија а кој ќе се памети по лудиот кам-бек на „коцкестите“, Бланка изјавила:
„Хрватска која што ја гледав со Шкотска не само што може да ја исфрли Шпанија но може и да стигне до крај и да го освои Европското. Лошото е зад нас, мојата репрезентација е во плејофот. И може да се случат големи дела“. Никола Влашиќ играше од старт со Шпанија и одигра 79 минути кога го заменија. Хрватите губеа 1:3 па успеаа во самиот финиш да израмнат на 3:3 но паднаа во продолженијата.