Сивилото на Буенос Аирес

Бара Бравас - темната страна на Аргентина

„Мислите дека ако одам во затвор, насилството ќе престане? Дали навистина верувате дека ако нè однесат сите на едно место и нè стрелаат, сè ќе се заврши? Не, тоа нема да заврши. Знаете зошто? Затоа што е наследно" - рекол на суд лидерот на La 12, Рафаел ди Зео.

Насоката на младите навивачи во Аргентина често е страшна и катастрофална.

Најчестото прашање меѓу роднините и пријателите на оние кои страдаат во блесави и глупави околности е: Зошто? Поради што?

Уште повеќе боли кога еден млад живот ќе згасне на прометна улица во Буенос Аирес поради прашања поврзани со фудбалска наклонетост. За поедини жители, бесмртната метропола на Јужна Америка се претвори во место за меѓусебни крвави борби. Чуден свет со не секогаш јасни правила во кој просечен граѓанин на модерната цивилизација не би сакал да се најде ниту во сред бел ден.

Иако Буенос Аирес не е суровиот Ел Салвадор, во него нема колоритни бои, туку единствен културолошко-историски коктел меѓу доброто и злото. Така животот на 17-годишниот Хавиер завршил наеднаш, но предвидливо. Едно рано утро момчето го напуштило домот на строго религиозните родители, а вечерта неговото студено тело лежело на валканите улици во сиромашниот кварт Фуерте Апачи.

По неколку истрели Хавиер лежел неподвижно прекирен со рацете на кои имал тетоважа од Базиликата на Пресвета Богородица во Лухан. Специфичноста на Јужна Америка се согледува и во тоа што за најсиромашните слоеви на население, религијата отсекогаш играла важна улога во секојдневниот живот на овие луѓе. Младите кои се во подземјето, живеат со една нога во религијата.

Мешавината на паганските и католичките традиции формираат за Јужноамериканците единствен поглед на доброто и злото, како и поглед на улогата на боженствените сили во нивните животи. Паганизмот кај нив бил многу жесток, а Европјаните доаѓале со оган во рацете за да го проповедаат концептот на христијанството.

Латиносите силно го прифатиле овој култ и денес многу членови на бандите се исцртани со ликот на Исус Христос како симбол на заштита. Кога ќе се види таква тетоважа, ретко кој се осудува да праша за биографијата на бандитите. За нив тетоважите со религиска симболика се некој вид чест кон Бога со надеж дека ќе им ги прости гревовите, а Папата (актуелниот Франциско е и сам навивач на Естудиантес) е директна спона меѓу небото и земјата.

Не е важно тоа што младите криминалци во Аргентина сами одлучуваат каков е Бог и што може да очекуваат од него. Во таква реалност и младиот Хавиер цврсто верувал дека ако не се плаши од ништо, животот ќе го награди со прилика да побегне од судбината на своите родители кои крпат крај со крај секој ден.

Иако околу себе имаат многу примери каде лошата забава ги довела постарите во затвор, некогаш и со фатални последици, младите ретко учат на нивните грешки затоа што сакаат сами да се уверат во тоа. И Хавиер се уверил. Инстинктот стекнат од самодржување понекогаш ги поведува да посегнат за оружје за да се докажат во навивачките судири.

Pinche Cabron! Курвини синови! Дојдете сега! Гужва, малку погласна интонација, опасен поглед и животот на Хавиер згаснал засекогаш. Малиот загинал од раката на човек како кој сакал да стане во иднина.

Identitad/Идентитет

Аргентинците се горди луѓе. Со генерации ја развиваат силната приврзаност со родниот кварт и фудбалскиот клуб. Во последните години во Аргентина се роди појавата Барас бравас - масовни навивачки групи кои имаат криминална позадина.

Фудбалот игра важна улога во работничката класа која после рутинскиот работен ден оди во близина на стадионот за да ги исфрли емоциите. Жителите на малите и големите квартови во Буенос Аирес често заедно ги гледаат натпреварите и интензитетот на емоции за 90 минути е неверојатен.

Од такви сиромашни квартови доаѓаат многу познати фудбалери, така што овие населби често ги посетуваат и скаути на големите клубови, случајно да не пропуштат некој нов Марадона или Тевез. И тие фудбалски ѕвезди пораснале на улицата која што ги научила дека постојат само два излези од сиромаштијата. Или да играат фудбал или да се занимаваат со криминал. Не им треба мотивација и не треба два пати да им се ојбаснува што значи желбата за победа.

Освен тоа, Бока Јуниорс и Ривер Плејт за сите нив е сон од детството. Марадона, Рикелме, Аимар, Гаљардо, Тевез се само некои од божествата чија вечност сакаат да ја достигнат.

Сепак, не секој од нив успеал. Некои се загубиле во пониските лиги на Аргентина, некои едноставно го напуштаат фудбалот и се враќаат во секојдневниот живот каде се осудени да го завршат животот на евтини синтетички дроги.

Guerra/Војна

Фудбалот во Аргентина историски е нераздвоен од насилството. За некои тоа е значаен дел од нивниот живот како војна. Фудбалот во Аргентина е работа за која може да ве убијат. Статистички повеќе од 250 луѓе загинале во навивачки нереди во оваа земја во последните 20 години.

Првата смрт поврзана со навивачкото насилство е забележана во 1924. година. Уште од тогаш фудбалот бил причина за сериозни судири. Во средината на '80-те години имало во просек по 5 убиства годишно поврзани со фудбалот.

„Во недела одат на стадион и веат знамиња на својот тим. Остатокот од времето ги чуваат политичарите и богатите функционери, работат како телохранители. Пружаат поддршка на оние кои се спремни добро да ги платат".

Влијанието на Барас Бравас со текот на годините достигнало астрономски размери. Тие можат да влијаат на многу процеси, а аргентинските власти сè уште не може да најдат алатка за да ја преземат контролата врз овие групи. Клубовите почнале да ги помагаат со бесплатни маици, шалови и автобуски патувања. Мали, но убави додатоци кои само ја зајакнале лојалноста на навивачите кон омилениот клуб. Но со текот на времето, харизматичните лидери на Барас организирале движења кои станале инструмент на моќ и приходи.

Со оглед на реалноста во Аргентина, насилството брзо станало еден од главните атрибути на Барас Бравас. Навивачите постепено стануваат улични војници кои се потребни не само за поддршката на тимот на стадионите, туку и да ја докажат храброста на улиците со навивачите на другите тимови.

Најактивните борци го изградиле својот кредибилитет и го заземале повисокото место во строгата хиерархија на Барас. Тие обично доаѓаат од сиромашните подрачја и се однесуваат како да немаат што да изгубат.

„Секоја вечер кога шетам по улиците, луѓето како да гледаат низ мене. Како да не постојам. Сиромашен сум и неупадлив за повеќето. Но за викенд сè се менува. Луѓето нè гледаат, луѓето ме гледаат мене. Кога си дел од Барас, ти си некој и нешто. Без нив, јас сум само сиромашно дете од сиромашна фамилија која не може да се прехрани", вели еден од членовите на Барас бравас.

Poder/Власт

Комерцијализацијата на фудбалот го зголемила и апетитот на Бара Бравас. Тие сакале земат парче од колачот од средствата на својот омилен клуб. До извесен степен фудбалот останал во втор план и бизнисот станал приоритет. Еден од првите извори на приход на Барас е продажбата на карти и реквизити. Земаат лавовски приходи затоа што клубот е во голема мера под нивна контрола. Лидерите на Вравас имаат директен контакт со раководството на клубот кое не може отворено да каже што мисли за ситуацијата околу клубот.

Ако тие не сакаат некој тренер или играч, веројатно нема да остане долго во клубот. Понекогаш кога некој играч треба да потпише нов договор, но бара повеќе пари, Барас доаѓа во помош и почнува навредливи песни или закани до него да пази што прави.

Барас се способни и да го менуваат раководството, со вообичаени закани со насилство. Аргентинскиот новинар Густаво Гравија за Гардијан изјави дека Бара Бравас дури и посредуваат при трансфери на играчите од кои земаат околу 30%. Нема директни докази за ова, но со оглед колку се моќни, оваа верзија има право на живот.

Сепак, мешањето на Барас Бравас со големите криминални групи дефинитивно не им се исплати, затоа што трговијата со дрога на голема е потполно друга игра во која влогот е многу поголем.

Така лидерите на Барас имаат многу кредибилитет и солидна заработка и за нив нема смисла да се мешаат во големи зделки. Освен тоа, Барас стално се борат за власт а лидерите имаат мака да ја задржат својата позиција. Секогаш мора да ги спречуваат ситните револуции.

Постојат многу фракции меѓу Барас од ист клуб. Лакомоста е отровна работа, па во потрага за поголеми приходи омразата некогаш е поголема од онаа кон ривалските Бари. Овие судири често ескалираат во насилство кое што се излива на улиците на големите градови во Аргентина. Тепачки, пукања, убиства...

Илустративен податок за внатрешниот судир беше враќањето на сцена после 3 години затвор на поранешниот лидер на La 12, Рафаел Де Сео. Камерите добро го снимиле водачот на спротивната фракција навивачи на Бока, Мауро Мартин како гестикулира кон Де Сео дека ќе го убие.