После Џордан, Пипен и Родман секогаш следи Тони Кукоч, трократниот НБА шампион (1996-1998) со составот на Чикаго.
Иако Кукоч редовно го добиваше признанието како најдобар „шести играч“ и успеа да ги придобие своите соиграчи, тој во САД сепак остана помалку славен од Денис Родман или Стив Кер на пример.
Сосема поинаку е во Европа, каде Хрватот освои се што можеше да се освои, беше главна ѕвезда на континентот и го добие прекарот „белиот Меџик Џонсон“.
ПРИКАЗНА ЗА КОШАРКАРСКИОТ ПАТ НА ТОНИ
Кукоч е роден во спортско семејство, но како мал никогаш не мислел на кошарка.
Татко му Анте бил голман во фудбалските клубови Нада и Сплит но се занимавал и со други спортови.
Прв спорт во детството на Тони станал пинг-понг. Мајка му Радојка го запишала на пинг-пинг од причина што се тренирало во сала која била на стотина метри од домот на семејството Кукоч.
На 10 години Тони станал шампион на Далмација во пинг-понг.
Набрзо пројавил интерес и за фудбал. Како и секое дете од Далмација, и тој сонувал еден ден да заигра за Хајдук. На 11 години дошол да тренира во академијата на „сплитиските били“ а тогаш во генерацијата биле и Славен Билиќ и Ален Бокшиќ.
Тони бил добар фудбалер. Некои велат дека во тој период подобро играл фудбал отколку баскет. Но наеднаш почнал брзо да расне, да се извишува и на 13 години веќе бил 1.90.
До свои 15 години продолжил да тренира фудбал. Но летото 1983-та скаутот на кошаркарскиот клуб Југопластика Игор Карковиќ видел група млади деца како играат кошарка на една локална плажа близу Сплит.
Вниманието му го привлекло највисокото дете со одлична координација и мека лева рака. Игор го викнал на проба во Југопластика.
Неколку месеци Кукоч се занимавал истовремено со фудбал и со кошарка и на крај баскетот победил. Така започнала кариерата на еден од најголемите европски кошаркари на сите времиња.
Тони брзо освоил две шампионски титулу на Југославија во младински категории во сплитска Југопластика.
ПРЕКОМАНДА ВО СЕНИОРСКИ СОСТАВ
Преминот меѓу постарите не му бил лесен. Од 1985-та почнал да тренира со првиот тим. Тогаш со него бил прекомандуван и легендарниот Дино Раѓа. Тренер на клубот станал Зоран Славниќ кој го заменил Крешимир Чосиќ на клупата.
За две сезони под раководство на „Мока“ Славниќ, Југопластика не забележала посебни успеси (тогаш доминираше Цибона на Дражен Петровиќ), па клубот во 1987-ма решил да именува нов тренер - Божидар Божа Маљковиќ.
А српскиот стратег решил да им даде целосна слобода во играта на младите Кукоч и Раѓа.
Во првата сезона под раководство на Маљковиќ, Југопластика ја освојува шампионската титула во Југославија, а после останува на тронот во следните три години.
Покрај тоа славната Југопластика го освои Купот на европските шампиони (современа Евролига) во 1989, 1990 и 1991.
Во 1990-та и 1991-ва сплитскиот состав го освои и Купот на Југославија.
Влијанието на Кукоч на овие успеси беше неверојатно големо. Тони во просек имаше по 15 поени, 7 скока и 2 асистенции во трите европски финалиња.
Два пати Тони стана МВП на европскиот Фајнл Фор (1990 и 1991). Југопластика во финалето 1989 го совлада Макаби (75:69), а тогаш Дино Раѓа уфрли 20 поени, 10 скока, 2 блокади и 2 асистенции па стана МВП.
Иако претходно во полуфиналето против Барселона (87:77) Тони Кукоч одиграл симултанка со 24 поени.
Тони беше расен стрелец, но не беше апсолутно доминантен како Дражен Петровиќ кој постигнуваше по 60 поени на некои натпревари. За најдобар меч на Кукоч во кариерата во Југопластика му се смета оној против Скаволини во сезоната 1990/1991 кога постигна 40 поени.
НОВА ЕТАПА ВО КАРИЕРАТА И ПРЕСЕЛБА ВО ИТАЛИЈА
Во 1991-ва година Кукоч го напушта регионот зафатен со војна и потпишува со Бенетон од Тревизо, една од најсилните екипи во Европа во тоа време.
И како играч на Бенетон редовно доминираше против големиот ривал Скаволини, па така еднаш во плејоф на Евролига постигна 38 поени и го разби лидерот на противникот Карлтон Мајерс.
ГОЛЕМ ПРИДОНЕС И ЗА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА
Паралелно со титулите на клупски план, симпатичниот Сплиќанец ја помагаше и репрезентацијата. Неговата трофејна соба ја краси и златниот медал од кадетското Европско првенство 1985-та и уште две титули во младинска категорија во следните две години кога станувал МВП.
Посебно се памети меч од групната фаза на младинското Светско првенство во 1987-ма во Бормио (Италија) кога Кукоч постигнал 11 тројки од 12 обиди против Америка (победа од 110:95). Вкупно собрал 37 поени на тој меч и ја фасцинирал цела Европа.
„Никогаш во својата кариера не се ни приближив до тие бројки. Максимум давав по 5 или 6 тројки од натпревар, но дента се ми одеше од рака. Се чувствував комотно. Вервував во себе а имавме и одличен тим, добро комплетиран на сите позиции“, раскажал еднаш Кукоч за Koš Magazin.
Оваа победа стана култна за Југославија и кошаркарскиот пат на Кукоч. Американците тогаш не беа со непознати имиња, во составот имаше идни НБА ѕвезди како Кевин Причард, Лери Џонсон, Гери Пејтон, Лајонел Сајмонс. Но Југославија доминантно стана светски шампион предводена од Кукоч, Сале Ѓорѓевиќ, Дивац и Дино Раѓа.
Во финалето Југославија ја совлада Америка, а Тони постигна 9 поени затоа што противникот се концентрирал само на него, а селекторот Светислав Пешиќ бил спремен на тоа па останатиот дел од работата го завршиле Дивац, Раѓа и Ѓорѓевиќ.
Во 1987-ма година Кукоч освои бронзен медал на Европското првенство во Атина со сениорската репрезентација на Југославија во која дебитираше година претходно. После го освои Олимпиското сребро во Сеул во 1988-ма (во финале пораз од СССР), злато на Светско првенство во Буенос Ајрес во 1990-та (Кукоч стана МВП) и две злата на Европските првенства во Загреб 1989 и Рим (пак МВП) во 1991.
НОВО ПОГЛАВЈЕ ВО ЖИВОТОТ И КАРИЕРАТА - НБА И АМЕРИКАНСКИОТ СОН
После големите успеси во Европа, Чикаго Булс го бира Кукоч на НБА драфтот во 1990-та година како 29-ти пик.
Во фамозниот документарец „Последниот танц“ кој периодов има глобална слава и во кој се зборува за кариерата на Џордан и се околу Чикаго Булс, се зборува и за Кукоч.
Во 5-та епизода се раскажува како генералниот менаџер и главата на трофејниот Чикаго, Џери Краус отишол во Европа да го гледа Кукоч и тоа додека Булси играле важни натпревари за плејофот.
Патот на Тони бил тежок, затоа што во исто време Скоти Пипен бил многу гневен на Џери Краус и управата на Чикаго зошто е само 122-ти платен играч во целата лига а важи за втор најдобар играч на светот после Џордан. Краус не сакал да му даде побогат нов договор на Скоти, а сакал да вложи пари во Кукоч.
Кога дознале дек Краус го гледа Кукоч, после пар месеци на Олимпијадата во Барселона 1992, Џордан и Скоти Пипен на мечот САД - Хрватска буквално не му дале да дише на младиот Тони, а се со цел да покажат како ете Џери Краус прави грешка во изборот.
Ahead of The Last Dance tonight on ESPN, here's what Toni Kukoč's Scouting Video would have looked like. Kukoč was built for the modern NBA w/ his versatility @ 6-10. Would have loved to see him in this era. Still underrated stateside. Helped pave the way for today's Euro stars. pic.twitter.com/viepNW3nhi
— Mike Schmitz (@Mike_Schmitz) April 26, 2020
По мечот во групната фаза, Хрватска и Америка се сретнаа и во големото финале каде најдобриот кошаркарски состав на сите времиња (од тогаш САД го носат надимакот „Дрим Тим“) победи 117:85. Од една страна Џордан, Пипен, Мелоун, Чарлс Баркли, Меџик Џонсон, Клајд Дрекслер, Патрик Јуинг, Џон Стоктон, а од друга страна Кукоч кој без никаков притисок одигра одличен меч со 16 поени, 5 скока и 9 асистенции.
Тони вели дека му се допаѓа документарката, особено почетните епизоди, но дека му е криво што во него покојниот Џери Крауз е прикажан како лош човек.
„Се надевам дека следните серијали ќе бидат подобри и ќе има повеќе за кошарка, а не да се објаснува кој е крив што Булси не освоиле 8 или 10 титули. Светот беше среќен кога тоа се случуваше. Не сфаќам на што се луѓето гневни“, вели Кукоч за Eurohoops.
Разочараноста на Хрватот од документарецот е јасна затоа што Џери Крауз е прикажан како зол, лош човек а ни Тони не е баш прикажан во најдобро светло.
Во НБА Кукоч дојде во 1993-та година и таму остана цели 13 години. Играше за Чикаго Булс (1993-2000), Филаделфија (2000-2001), Атланта (2001-2002) и Милвоки Бакс (2002-2006).
НБА кариерата ја заврши со просек од 11,6 поени, 4,2 скока и 3,7 асистенции во вкупно 846 меча од регуларниот дел и просек од 10,7 поени, 3,9 скока и 3,2 асистенции во 99 плејоф натпревари.
Во НБА освои три шампионски прстени со Чикаго Булс (1996, 1997 и 1998). Во Европа три пати ја освои Евролигата/КЕШ (1989, 1990, 1991), четири пати беше шампион на Југославија (1988, 1989, 1990 и 1991), освои два Купа на Југославија (1990, 1991) и една титула и Куп во Италија (1992 и 1993).
Во репрезентација освои 2 злата на Европски првенства (1989 и 1991) и една бронза (1987), едно Олимписко сребро (1988) и едно злато од Светско првенство со Југославија (1990) како и европска бронза (1995), светска бронза (1994) и сребро на Олимпијада со Хрватска (1992). Долга е листата и на неговите индивидуални признанија. Во 2017-та влезе во Куќата на славните на ФИБА, а самиот кажа дека сè уште не му е јасно зошто и како не е поканет на церемонија за влез во НБА Куќата на славните.
Парадоксално, во Куќата на славните „Џејмс Нејсмит“ во Спрингфилд во 2018-та имаше место за Дино Раѓа кој во НБА помина 4 сезони и имаше во просек по 16,7 поени по натпревар, без ниедна титула ниту индивидуална награда.
Тони живее со сопругата Рената и двете деца, синот Марин и ќерката Стела. Најголем дел од слободното време поминува играјќи голф што научил од Мајкл Џордан.Во 2012 година станал шампион на Хрватска во аматерски голф.
Сосема необично, но Кукоч е незаслужено недоволно почитуван ниту во својата родна земја. Иако има огромна колекција пехари, медали и награди, тој никогаш не беше признаен за лидер како Дражен. Тони никогаш не настапуваше во улогата на дрзок мотиватор во екипата. Дури и во составот на Југопластика Зоран Сретеновиќ, Дино Раѓа и Душко Ивановиќ се сметале за поголеми авторитети од Тони.