Очигледно дека Војдан Стојановски не може сам. Особено не без брат му Дамјан кој на гостувањето во Лондон доживеа повреда на предните вкрстени лигаменти и шест месеци ќе отсуствува од паркетот.
Војдан ги разигруваше соиграчите, поентираше, но беше недоволен сам да и се спротистави на Унгарија, селекција која со максимален учинок 3/3 е прва во групата.
И покрај бледиот почеток каде Унгарците собраа неколку топки под нашиот кош (залуден беше 227 см високиот Дујовиќ) и водеа 5 разлика, носени од кавадаречката публика македонските кошаркари успеаа да направат пресврт и да ја затворат првата четвртина со водство 17:15.
Вториот квартал мина со резултатска „клацкалица“ од која избраниците на селекторот Драган Раца, излегоа поуспешни и на полувремето заминаа со 35:32.
Во третиот период, Унгарците, предводени од нивниот најдобар играч Војвода се одлепија на 6 поени предност и го диктираа темпото на игра. Ова беше и клучен период, затоа што нашите репрезентативци цели четири ипол минути беа без постигнат кош.
Последната четвртина беше да се биде или не за Македонија која што успеа да се врати во игра после водството на гостите 42:48 и со поените на Костоски и Стојановски израмнивме на 48:48.
Во 36. минута од мечот гостите погодија две тројки и стигнаа до првата двоцифрена предност 55:65. Капитенот Војдан и Кире Николовски со четири поени во серија успеаа да не вратат на две ипол минути до крајот 64:57, но на другата страна незапирлив беше Војвода со нова тројка после што немаше враќање назад и Унгарците заслужено победија.
Во нашиот состав Војдан Стојановски беше најефикасен со 16 поени и 6 скока, Ромео Трејвис даде 12 поени со 12 скока, но имаше и 5 загубени топки. Кирил Николовски уфрли 8, Костоски 7, Дујковиќ и Ѓуровски по 5, Магдевски 4, Караџовски 2 и Младеновски 1.
Најдобар поединец на мечот беше Војвода со 28 поени. Адам Ханга уфрли 15 во триумфот на Унгарија која што со една нога е на Европското првенство следната година.
Во следното коло, Македонија гостува кај Луксембург (10. септември) кој денес беше поразен од Велика Британија. До крајот на овие квалификации нашите кошаркари ги очекува уште и дуел со Британија дома (14-ти септември) и со Унгарија на гости (17-ти септември). Шансите за пласман на ЕП се теоретски, затоа што со евентуални три победи би требале да чекаме и други поволни резултатски исходи од групата.