Кошаркарскиот пат на легендарниот Џинобили

Невозможно е да поверуваме дека Ману нема да се врати

Ману влегува во 41 година и просто не ни е верно дека ова би можела да му биде последна сезона и дека веќе нема да го гледаме на паркетите.

ДЕТСТВОТО И ИСЕЧЕНИТЕ РАКАВИЦИ

Кога Емануел Џинобили имал 16 години, тој важел за најбезперспективен во семејството. Неговите постари браќа биле професионални кошаркари и во тоа време во Ману никој не полагал надеж.

Љубовта во семејството Џинобили одела од колено на колено: собата на Ману била облепена со постери од Мајкл Џордан а за време на натпреварите на Чикаго Булс во домот на Хорхе Џинобили - глава на фамилијата, се собирала толпа народ.

Хорхе бил локална легенда и еден од најдобрите тренери во целата провинција. Син му Ману не ги оправдувал очекувањата на татко му: бил низок и многу слаб поради што не влегол ниту во школскиот тим. Немал развиени мускули и техника со топка.

Хорхе брзо сфатил дека со Ману ќе биде тешко и решил да експериментира: му направил специјални очила за да му го ограничи погледот и му облекол неколку пати поголеми ракавици на кои им ги исекол прстите за Ману подобро да ја чуствува топката.

„Четири години носев пола кујна на мене. Да, јас бев експеримент“, се сеќава Ману.

Пред полнолество Ману почнал нагло да се извишува а експериментите на татко му дале свои плодови: Тренерите го забележале трудот на Ману и тој дури влегол и во јуниорската репрезентација на Аргентина (благодарение пред се што некои играчи биле скарани меѓу себе па не дошле).

„Не беше нешто посебен но се движеше поинаку: не како обичните луѓе, туку како змија“, се сеќава неговиот добар другар Андрес Носиони.

ГАУЧОСИТЕ И ПАТОТ ЗА БОЛОЊА КАЈ ЕТОРЕ МЕСИНА

По добрите партии за јуниорите, Ману го викнале во сениорската репрезентација на пријателски меч во Порторико пред Олимпијадата 2000. Нивото на влажност во салата било страшно - играчите просто се лизгале по паркетот.

Селекторот на Аргентина Хулио Ламас викнал тајм-аут: „Момци бегајте од паркетов дур некој не скршил глава. Време е за помладите. Ману дојди“.

На крајот од 1990’ Џинобили се развил во одличен играч и го викнале да игра за италијанската Болоња каде тренерите не знаеле како да го користат.

„Го потпишавме како слободен агент иако наша главна цел на трансфер пазарот ни беше како сега да го бараш Деандре Џордан“, се сеќава Еторе Месина тогашен тренер на Болоња и додава: „Да, на тренинзите правеше неверојатни работи, но се прашувавме дали може да го направи тоа и на мечевите? Тогаш размислував дали може така да шутира и во НБА, но никогаш не претпоставив дека ќе биде како што излезе“.

ПРЕКУ ОКЕАНОТ КАЈ ТИМ ДАНКАН И ГРЕГ ПОПОВИЌ

***

Во летото 1999-та Сан Антонио Спарс ги растурија Никси на Патрик Јуинг и Латрел Спривел во финалето на НБА, а Ар-Си Бафорд кршел глава како да го сочува шампионскиот состав.

Во Австралија наскоро се играло Светско јуниорско првенство и Бафорд, генерален менаџер и алфа и омега во Спарс, решил да оди таму и да проба да најде играчи кои би дошле под 30-ти и под 57-ми пик во Сан Антонио.

По финалниот меч на кој Аргентина убедливо го освоила златото, Ар-Си отишол во ресторанот “Ruth’s Chris Steakhouse“ за да кркне првокласен стек во мирна атмосфера. Но на соседните маси седеле дечки кои гласно славеле.

„Едноставно само ги гледав - тоа беше најдобрата екипа која што ја видев во животот“.

Бафорд отишол до масата и му дал рака на малиот со голем нос. После неколку месеци на драфтот во НБА 1999-та Спарси под број 57 го одбраа Емануел Џинобили.

Тој избор по многу нешта бил случаен затоа што Бафорд отишол во Австралија да гледа други играчи но партиите на Џинобили го воодушевиле. „Беше како диво ждребе таму, одеше натаму-наваму и правеше луди срања. Некои од нив имаа мисла некои немаа“.

Легендарниот Поп тогаш рекол: „Му кажав на Тими: ’Го земавме детево, никој во Америка не знае колку е добар“ а Данкан одговорил: „Поп, ти за многу деца викаш така. Ќе видиме каков ќе биде“.

***

Пред Светското првенство 2002, Аргентина играла пријателска во Мексико. Штедливата и скромна федерација ја измрцварила екипата со економски лет кој од Буенос Аирес траел цели 33 часа. На крајот тој лет можел да трае 32 часа и 40 минути некои играчи да не решиле да се забавуваат со возачот на автобусот кој ги провозил низ градот.

„Сите се кикотеа но најгласен беше Ману. Се прашував: ’Што не е во ред со дечково? Па тој е ѕвезда! Наш најдобар играч! Тој треба да има кралски почести!“

Ману се задржал во Европа уште две години. Во 2001 го освоил првенството и го избрале за најпрогресивен играч на сезоната (трет пат по ред). Го освоил италијанскиот Куп каде бил најкорисен играч и се прославил во Евролигата. Најдобар момент да се проба во најсилната лига на светот.

Кога во есента 2002 слетал во Сан Антонио тој не знаел ниту еден човек во цел Тексас (ако не ја сметаме случајната средба со ген. менаџер Бафорд во Австралија). 

Првиот тренинг му бил пеколен. Тренирале размена при пик-ен-рол, Аргентинецот требал да го чува 37-годишниот Стив Кер но блок му направил Кевин Вилис. На помошникот тренер Мајк Баденхолцер не му се допаднало то 120-килограми тешкиот Кевин Вилис бил толку мек: „Ајде пожестоко малку момци!.

Кер тогаш се сменил со Џинобили и Ману заиграл во одбрана. Вилис при еден напад му направил толку силен блок поради што Ману одлетал неколку метри:

„Сега добро ли е?, му викнал Вилис на тренерот и се свртил кај Ману на подот: „Нели е гуштер“?

Сите очекувале реакција од Џинобили. „Ману со око не мрдна. Стана и продолжи да игра понатаму. Знаеше што треба за да стекне уважување. И сите го приметија тоа“, се сеќава Стив Кер. Тешките дуели во Спарс не престанувале во тоа време. Во екипата биле Брус Боуен и Стив Смит. „Брус го кршеше Ману цела сезона но овој стануваше и продолжуваше да игра“, се сеќава Данкан.

На првиот натпревар на Џинобили против Лејкерс, Коби Брајант му пришил на Боуен и го прашал за Ману: „Зар ова мекицава игра за вас?“, а Боуен го предупредил: „О, бро, ќе видиш сега. Не само што не е мекица, туку има многу нешта во него“.

Џинобили играл како да е Game7. Во предсезонскиот турнир Ману поминал три играчи и дал кош од аут линијата па Поп ги собрал на тајм-аут: „Гледајте го Ману. Сака да победи повеќе од сите вас! Ако сакате да ја освоите лигата, мора да гинете така“.

Грег потоа замолчил отишол на страна и кога завршил мотивациониот говор му шепнал на Џинобили: „Ману, сега е септември! Никој не игра така во септември!“

***

Првата сезона во Сан Антонио била тешка за Ману: неговата брзинска игра не била во склад со бавниот и тежок одбранбен стил на Спарс. Тој шутирал тројки во првите секунди од нападот, доцнел во одбрана и играчот што го чувал му бегал.

Поповиќ се држел за срце секоја секунда кога Џинобили бил на паркет. Една вечер кога пиеле вино со помошникот Буденхолцер (подоцна тренер на Антиќ во Атланта) Поп признал: „Мислам дека не можам да го научам“.

Сè завршило така што на тренинг Ману го ставиле на ќошот од теренот: „Ќе стоиш тука и ќе трчаш само по скокот на Тим“.

„Бев немирен што во првата година стоев во аголот и морав да чекам. Ми требаше топка, сакав да решавам, имав 25 години и сакав да го освојав светот. Мислев дека знам се“, се сеќава Ману на првите денови во Спарс.

Аргентинецот не можел да се помири со таква положба и на секој тренинг кревал востание. Секој пат кога ќе направел нешто непромислено и брзо, Вилис, Кер и Дени Фери, ветерани во екипата урлале: „Прекини идиоте“!

За време на анализата на еден меч, Поповиќ му ги покажал сите негови ризични пресечни преноси и грешни додавања и му рекол веќе да не прави такви работи. Но веќе на следниот меч штом добил топка Џинобили направил потег низ нога, дал кош, застанал пред клупата и му се смеел на Поповиќ. Клупата пребледела. Се плашеле од реакциајта на Грег. 

Ману продолжил по свое а Поповиќ сфатил дека не може да ја добие војната. „Сфатив дека тоа носи повеќе добри отколку лоши работи. Тој е ебен волшебник. Дојдов до заклучок дека неговиот метод е подобар од мојот“, рекол Поповиќ.

Авантуризмот на Ману бил многу подобар и во одбрана отколку што мислел Грег. Џинобили ја читал играта побрзо од сите други. Сфаќал каде ќе одлета топката во следнот момент и просто пуштал рака натаму.

„Едноставно сам реши да игра така како што сака а ние се потчинивме на него. Поп проба да го смени, ама на крај од краиштата сфативме дека Ману секогаш беше чекор понапред“, раскажува Тим Данкан.

Во својата прва сезона Ману имал скромни 7,6 поени за 20 минути но постепено Грег му давал по 30 минути.

**** 

Во 2004 на Олимпијадата во Атина Аргентина во полуфинале ја прегази репрезентацијата на САД. Џинобили таа вечер правеше чуда и постигна 29 коша. „Секој пат кога имавме проблеми, просто му ја дававме топката на Ману“, се сеќава Фабрисио Оберто.

Аргентинците во финалето ја победија и Италија и го освоија олимпиското злато. Цела екипа играше, плачеше, пееше од радост а Ману својот дрес му го подарил на едно од децата задолжени за топките, дал интервју на новинарите и зборувал со татко му.

На следната Олимпијада во 2008 стрелецот на победничкиот кош Карлос Делфино изјавил дека Ману е најзаслужен за големиот успех.

****

Во Сан Антонио Ману целосно го освои Поповиќ во сезоната 2004/2005. Во финалето 2005 против Детроит постигна 19 поени со 4 асистенции.

„Он мораше да биде прогласен за MVP на таа серија. Во крајна мера заедно со Тим“, се сеќаваат Баденхолцр и Бафорд.

Денес во 2018 во Спарс веќе одамна го нема Данкан, Борис Дијао царува во Европа, а Тијаго Сплитер работи како скаут во Бруклин. Другарите на Ману од репрезентацијата: Носиони, Оберто и Делфино одамна ги завршија своите меѓународни кариера, а во текот на сезонава Спарс едно време остана и без Поповиќ кој отсуствуваше поради смрт на сопругата.

Две легенди го чуваат култот на славната екипа: Тони Паркер и Ману Џинобили.

После поразот од Голден Стејт во петтиот меч, Ману го гушна Стив Кер и остана да помуабети со навивачите кои дошле за него од Аргентина. Трпеливо се сликаше со секој од нив и делеше автограми.

„Како и во претхдоните две или три сезони, ќе одморам и за 2-3 месеци ќе знам дали ја завршувам кариерата или не. Не чекајте новости пред јули. Просто не знам. Пуштете да пројдат месец-два и тогаш ќе видам како ќе се чуствувам. Не сум од тие што носат одлука со вжештена глава“, изјави Џинобило пред неколку недели.

Какво год решение да донесе Ману летово, тој веќе е легенда. Тој е единствениот играч во историјата што освоил Евролига, Олимпијада и НБА. И што фаќа лилјак со гола рака

Има уште една причина според која Џинобили може да го гледаме следната сезона.

„Ќе го исцедам до последната капка. Ќе го користам до крај како сапун“, изјави еднаш Грег Поповиќ а знаеме дека неговите зборови не одат во ветер.