Меси на Чех не му дал гол на 8 меча

Зборувам пет странски јазици и се разбирам со цела одбрана

Чешкиот голман во понеделникот против Бурнмаут не прими гол и на тој начин стигна до рекордни 170 натпревари во Премиер лигата на кои ја сочувал мрежата. Вели дека новата технологија и побрзите топки се тешки за фаќање.

Петр Чех (33), во дресот на Челси имаше 162 натпревари без примен гол и со осумте како голман на Арсенал, го престигна Дејвид Џејмс кој имаше 169. Достигнувањето на Чех е големо и поради фактот што има 220 натпревари помалку од некогашниот англиски репрезентативен голман. Џејмс ја заврши кариерата во 2010 година.
 
Со оглед на тоа што бројот 33 на Арсенал изјави дека сака и планира да брани до 40 години, лесно би можел да постигне рекорд кој тешко ќе се собори.
 
Новите нијанси на модерниот фудбал не им одговара на голманите и поради тоа подвигот на Чех е уште поголем. И покрај тоа, тој тивко го прославил јубилејот во понеделникот вечер, кога отворил вино дома и седел во друштво на неговиот лабрадор Макс.
„Секогаш било тешко да останеш несовладан, но сега со модерната технологија кога топките се многу побрзи, а луѓето сакаат повеќе голови, фудбалските топки се многу непредвидливи во својот лет и позгодни за шут за играчите. Очигледно трикот е во тоа што има елементи кои не можеш да ги контролираш и мора да бидеш сигурен во секој момент“, вели Чех.
Самиот Чех зборува пет јазици и тоа му помага посигурно да го чува својот гол, еве и зошто:
„Со бекот Начо зборувам шпански, со Лоран Кошелни зборувам на француски и со Пер Мертезакер на англиски затоа што за него англискиот е исто што и за мене. Понекогаш странските играчи не знаат што им довикуваш. Тогаш сфаќаш дека полесно ќе се разберете ако им зборуваш на нивниот јазик“, додава Чех.
Првиот голман на чешката репрезентација во еден момент сфатил дека шансите да го престигне рекордот на Џејмс му се мали ако остане во Челси. И покрај тоа што со години беше прв голман, Тибо Куртоа му го зема местото и го седна на клупа.
„Сфатив дека не ми е време да седам на клуба. Сакав да бранам затоа што верувам во своите квалитети и затоа се преселив во Арсенал за да бранам“, истакнува Чех за Дејли Мејл.
Голманот се надева дека ќе одржи уште еден рекорд, како единствен голман што на осум натпревари против Лионел Меси не примил гол од Аргентинецот. По деветти пат ќе се сретнат во февруари, кога Топџиите ќе ја пречекаат Барселона.
„Ако ми даде гол, а ние се пласираме понатаму тогаш не е важен рекордот. Најважно за нас е да сфатиме дека можеме да се пласираме во следната рунда“, заклучи Петр Чех.
30 декември 2015 - 13:39