Забрането палење противнички навивачи

Англичаните си мислат дека ги решија проблемите со хулиганите на стадионите уште со мерките на Тачер, но секоја недела сме сведоци на нови инциденти. Некои влегуваат во терен, на некои стадиони фрлаат со предмети, а навивачите на Олдам им ги палат косите на гостите.

И покрај тоа што Англичаните тврдат дека нивните стадиони се „најбезбедни", скоро секој викенд сме сведоци на нов расистички испад, навивачи на терен, фудбалери погодени со фрлени предмети од трибините...

Во последно време најпроблематичен е Манчестер и околните стадиони. Минатата недела беше раскрвавено лицето на Рио Фердинанд откако тој на градското дерби беше погоден со паричка во глава, а деновиве со чудно соопштение се огласи и фудбалскиот клуб Олдам од околината на Манчестер.

Фудбалскиот клуб Олдам ги предупредува своите навивачи дека нема да се толерира анти-социјално однесување на нашиот стадион. Неодамна неколку навивачи беа исфрлени од стадионот заради фрлање со шишиња и обид да им се запали косата на други луѓе со запалки за цигари. Ова е неприфатливо и нема да се толерира", стои во соопштението на англискиот третолигаш.

Проблемите за Олдам започнаа откако неодамна тие решија да привлекуваат навивачи со продавање на сезонски влезници за само 10 фунти, па со ниската цена на својот стадион привлекоа и многу бељаџии.

17 декември 2012 - 12:21