За сè има прв пат, па и за Тоти

Една од најинтересните битки вечерва во Лигата на шампионите ќе биде дуелот помеѓу Манчестер Сити и Рома која веќе започна да се води на социјалните мрежи и тоа меѓу двата клуба.

Први почнаа гостите од Рим кои кам бекот во најелитното клупско натпреварување го најавија на твитер и се пофалија дека ќе го играат 269. европски меч, но за прв пат со актуелен англиски шампион. 

Домаќините вратија дека едвај чекаат да ги пречекаат и го издвоија името на легендарниот Франческо Тоти со провокативно прашање дали некогаш дал гол во Англија? 

Римјаните тоа го потврдија и вратија со реплика дека за се има прв пат. Од Сити веруваат дека за тоа ќе треба да почека уште малку. 

Гостувањето на Тоти кој пред три дена наполни 38 години англиските медиуми го искористија за рекапитулација на неговата долга 22 годишна кариера во Рома. 

Според возраста и моралот за игра го споредуваат со Рајан Гигс и велат дека е од класата на играчи кои иако стареат никогаш не им е доста и сè уште настапуваат во Лигата на шампионите.

За Тоти велат дека е недопирливиот римски гладијатор кој и покрај тоа што се ближи кон 40-та година, Манчестер Сити треба да внимава на него. Тој има зад себе 23 сезони во Серија А во кои се смениле 14 тренери во Рома, а држи клупски рекорд од 235 голови на 564 меча. 

Дебитираше во 1993 година на само 16 години, во сезоната кога победа се броеше со 2 бода и кога Милан го освои Скудетото со 50 освоени бодови на 34 меча. 

Медиумите од островот потсетуваат дека истата сезона најдобар стрелец во Серија А бил легендарниот напаѓач Џузепе Сињори кој во дресот на Лацио постигнал 26 голови, а во тоа време настапувале и имиња како Марко Ван Бастен, Роберто Манчини и Габриел Батистута. 

Гостувањето во Манчестер, тимот од Рим го памети и по еден многу неславен пораз во ЛШ, кога во април 2007 година на Олд Трафорд беше прегазен од Јунајтед со 7:1.

30 септември 2014 - 18:16