Новинар на сајтот на Челси за Полска и соработник на WAGNH (We Ain't Got No History), на англиските колеги им ја пратил оригиналната приказна за Н’Голо Канте’ раскажана од двајца полски тренери во Франција.
Канте’ во тоа време уште бил на патот кон освојување на титулата во Премиер лигата со Лестер и се спремал за настап за Франција на ЕВРО 2016. Во оваа статија која што први ја објавиле полските медиуми се открива многу повеќе за потеклото на Н’Голо, неговиот живот како мал во малата населба Сурсенес, предградие на Париз.
Новинарите кои го истражувале животниот и фудбалскиот пат на Канте’ го нашле аматерскиот тим ЈС Сурсенес (JS Suresnes) во кој ден-денес работат двајца полски тренери, Томаш Бжимек и Пјотр Војтина. Бжимек е технички директор, тренер во првиот тим и тренер на голманите, а Војтина работи со младинците и е тренер на тимот до 18 години (францускиот сојуз наложува секој клуб да има младински тим).
ЈС Сурсенес е клуб со долга, 80-годишна историја. Според полскиот тренер Бжимек, целта на постоење на овој клуб отсекогаш била да ги едуцира и развива децата. Работата тие да се изведат на прав пат е пред резултатите на теренот.
Бжимек: Клубот воспитува и тренира нормални граѓани, токму такво, нормално дете беше и Н’Голо Канте’.
Војтина: Го паметам неговиот прв тренинг. Беше септември, и околу стотина деца дојдоа на првиот тренинг но тој веднаш ми западна во око. Не поради некоја неверојатна игра, туку затоа што не престана да трча. Трчаше без оглед на сè друго.
Бжимек: Кога Н’Голо имаше 16 години, Пјотр побара од мене да го земам во првиот тим. Таква е клупската политика, не правиме трансфери, туку младинците на 18 години ги префрламе кај сениорите. На почеток го ставив на клупата за резерви. По неколку меча стана стандарден првотимец. За време на тренинзите кои беа за развивање на фудбалската интелегенција и чувството за игра, Н’Голо сфаќаше што треба да прави и научи се за две-три недели. Има многу играчи кои не се способни да ги научат тие работи цел живот.
Војтина: Кога имаше 10 години видовме дека не беше добар во играта со глава и левата нога му беше послаба. Еднаш, пред одморите, му дадовме задача да ги подобри вештините на жонглирање и прием. Го теравме да жонглира 50 пати со секоја нога наизменично и со глава. Два месеци подоцна Канте’ жонглираше сто пати со левата нога и со глава.
Бжимек: Во 2008-ма, јас бев тренер во една екипа од предградието на Париз. Најмногу играчи имавме од ПСЖ и Клерфонтејн. Го освоивме првенството и им го препорачавме Канте’ на другите тренери. Сакавме да игра или за Троја или за Сошо, но тие одговорија дека веќе имаат играчи како него.
Војтина: На малиот Канте’ секогаш му требаше време. Три или четири недели за да се навикне на тимот. Клупските проби обично траат два дена и играчот заминува дома. Канте’ секогаш беше пристоен и тивок, никогаш не навреди никого ниту се лутеше ако го ставев во послаб тим. Кога тој играше со подобрите играчи, другиот тим немаше шанса. Затоа за рамнотежа го стававме против посилни противници.
Бжимек: Не можевме да му најдеме подобар клуб. На крајот успеавме само поради некои конекции. Синот на еден од нашите тренери игра во првата лига, а другиот е близок пријател со Арсен Венгер, знаете како оди тоа. Канте’ конечно премина во Булоњ. Во сезоната 2011/2012 тој тренираше со првиот тим, но играше само за резервите. Заигра во првиот тим кога испаднаа од лигата и „Франс Фудбол“ го одбра за најдобар фудбалер во третата лига.
Војтина: Со саати дискутиравме зошто никој не сака да му даде шанса. Затоа што е многу низок и мал? Еднаш имавме посета од еден познат тренер од Полска и тој исто не беше сигурен дека Канте’ е доволно добар. Н’Голо имаше среќа што сретна многу добри луѓе во Сурсенес, настрана Томаш и јас. Ние бевме загреане да го пратиме во различни клубови за да успее.
Бжимек: Замислете дека иако беше најдобар играч на Булоњ, тој уште имаше аматерски договор. Плус одеше во школо во тоа врме и доби диплома по сметководство. По една сезона во трета лига, доби многу понуди, но и натаму не слушаше само нас. Можеше да игра за Лил или да го позајмат во Белгија, но ние му го препорачавме второлигашот Каен кој на крајот му даде најголема плата.
Војтина: За пет години тој направи голем исчекор на повисоко ниво. И натаму имаше простор да напредува. Можеше да напаѓа повеќе, да дава голови. Кога беше помлад, а добиевме пенал сите гледаа во него, а тој не сакаше да го изведува.
Бжимек: Во неговата прва сезона во Каен, тимот обезбеди пласман во Лига 1 а Канте’ беше избран за најдобар фудбалер на екипата. Следната сезона ги импресионираше сите. Клубови како Арсенал, Олимпик Марсеј и Лион зажалија што се двоумеа и не го купија тогаш.
Војтина: Нашиот клуб е на дното од фудбалската пирамида. Н’Голо е феномен и не верувам дека некој ќе го повтори патот кој тој го изоде. Неговата издржливост е неверојатна. Кога правевме тестирања кој играч е најбрз со топка, тој како тинејџер ги оставаше сениорите зад себе.
Бжимек: Сега секој сака да го види во репрезентацијата. Мислам дека Дидие Дешамп ќе го повика, затоа што Канте’ може да игра и за Мали. Да сум на негово место, би го ставил Канте’ да игра со Погба и Матуиди. Франција има голем проблем со навиките на преплатените играчи, а Канте’ е нормален дечко. (Интервјуто е правено пред тој да дебитира за Франција).
Војтина: Неговите соиграчи од Каен доаѓаа на тренинг со нови Ферариња, а тој доаѓаше со ромобил (тротинет на моторен погон). Кога мајка му го виде, го тераше да не го вози тоа и да си купи кола, па тогаш реши да купи половно “Рено“.
Бжимек: Скоро баш зборував со негов другар кој уште игра за Сурсенес. Беше на две недели во Лестер да го посети Канте’. Ми кажа дека никогаш не му било пододевно во животот. По тренинзите, Канте’ се враќал дома и одморал. Никакви клубови, диска, кафулиња.
Војтина: Сега го споредуваат со Макелеле. Дури тренерот на Каен велеше дека ниту Макелеле не бил толку добар како Н’Голо. Секогаш игра со еден, два контакти и ја дава топката.
Бжимек: Се ежам кога ќе се врати и кога ќе го видам истото пристојно, културно, образувано момче. Верувате ли дека може 90 минути да стои да дели автограми и да се слика во нашето предградие.
Војтина: Имавме дете кое го пративме во ПСЖ. Дури беше и капитен на У17 тимот на ПСЖ. Мал дијамант, но исчезна, го снема затоа што немаше работна навика како Н’Голо. Се сеќавам на најтешките тренинзи: 20 секунди трк со топка, 20 секунди одмор. Пет серии по пет минути. Го паметам неговиот лик кога ги правеше тие вежби.
Бжимек: Од неговиот трансфер во Каен добивме 8.000 евра, а откако замина во Лестер земавме 240.000 евра. Тоа е нашиот годишен буџет! Моравме да свикаме состанок да одлучиме што ќе правиме со толку пари. Инвестиравме во мали комбиња за играчите и ангажиравме подобри тренери. Сега слушам за него би давале милиони (пред летово да потпише во Челси за 38 милиони евра).