Ви текнува на Фабрицио Миколи? Ене го ќе оди во затвор, станал мафијаш

Ако Винченцо Јакинта, некогашниот фудбалер на Удинезе и Јувентус ја запрепасти јавноста откако беше приведен и затворен поради мафијашки дела, голем шок за носталгичарите на Серија А е и веста за пресудена затворска казна за некогашниот шпиц на Јувентус, Бенфика, Палермо.

Култниот херој на едно време во Серија А, супер брзиот техничар и расен стрелец Фабрицио Миколи добил затворска казна, по одлука на судот во Палермо, Италија.

Некогаш јунак на милиони навивачи, расен голгетер, а сега завршува во затвор. Осуден е на 3 години и 6 месеци за изнуда, рекет со мафијашки методи, досудил Апелацискиот суд во Палермо, а Миколи веднаш поднел жалба.

Уште веднаш е префрлен на извршување на затворската казна, зошто изнуда со мафијашки методи според италијанските закони спречува каква било друга примена на алтернативни мерки притвор.

Миколи, како што стоело во обвинението, за сметка на некогашниот физиотерапевт на Палермо, Џорџо Гаспарини, со мафијашки методи на изнуда и закани го присилил Маури Лауричела, син на познат мафијаш од населбата Калса во Палермо, да врати 12.000 евра земени некогаш од Андреа Графањини, поранешен сопственик на дискотеката „Папараци“ на Изола деле Фемине.

На снимките презентирани на суд се слушало и како Миколи го навредувал најпознатиот светски судија Џовани Фалконе кого во 1992 година го уби италијанската мафија. За ова Миколи заплакал и јавно се извинил пред судот.

Некогашниот италијански репрезентативец (10 настапи, 2 гола) во кариерата покрај нисколигашите Казарано и Тернана, играше уште и за гигантот Јувентус (од 2002-2004, 25 меча, 8 гола), за славната Бенфика (2005-2007, 14 гола на 39 меча), а се прослави во Палермо каде стана омилен фудбалер на тифозите (за 6 сезони даде 74 гола на 165 средби).

Пред крајот на кариерата играше уште и за Лече (44, 17) и за Биркиркара од Малта (11, 6).

Какво играчиште беше Миколи:

Една година условна затворска казна за Бензема

24 ноември 2021 - 10:41