
Веќе долги години под Кале функционира еден шопинг центар кој не се рекламира по билборди, телевизии, радија, фејсбуци. До душа, не работи во недела, а ни во сабота, само во вторник и петок. И тоа само кога не врне. Некои го викаат бувљак, тие што редовно го посетуваат го викаат нагалено Циган-Пазар, али за да бидеме политички коректни, јас го преформулирав името на овој познат шопинг центар во РОМ МАРКЕТ.
Ром маркетот има повеќе оддели. Одделот за конфекција располага со голем асортиман перени алишта. Знаеме дека се перени пошто се сигурно собрани додека се сушеле на жица од некој стан на приземје.
Потоа има оддел за “лов и риболов”(читај “само риболов” пошто се уште не се до толку луди да продаваат пушки и муниции). Покрај јадиците, трските од 5, 6 и повеќе метри, има и висококвалитетни тазе (значи уште живи) мамци во вид на црви, пијавици штурци и слично. Карактеристично за белите црви кои се всушност ларви од муви е што според мирисот, искусен познавач може да го препознае потеклото на истите, дали се работи за згазена мачка на “Партизанска” или остатоци од кланицата во Маџари.
Убедливо “бест селинг” се чаирските црви. Тоа што просечната должина на овој ендемски вид на монструм од чаирските бавчи е поголема од просечната должина на рибите уловени во Вардар, Пчиња и други канализации не е битно. Продавачите гарантираат дека на овој црв обавезно “удира” мрена. Мислам дека побрзо мрената ќе ја удри инфаркт ако се сретне со овој мини питон.
Во одделот за спорт можете да си го најдете пони точакот што ви бил украден поодамна, а има и скутерчиња кои повеќе не се стартуваат со клуч (го изгубиле клучот) па две жички се спојуваат за да го “збрчат”.
Одделот за возрасни а богами и пубертетлии изобилува со широк асортиман на дискови на кои од сликата може да се заклучи дека не се работи за енциклопедија Британика. Исто така има и богат избор на архивски броеви на списанија од типот на “Вручи Кај” , “Еротика”, “Секси хумор” и слично. Според фризурите на цуците на насловните страници (знаете на кои фризури мислам) се гледа од кој век се изданијата. Сигурно се најдени при чистење на подрум на чиј газда му било жал да ги фрли спомените од младоста.
Дојдовме до одделот за “електроника и бела техника (која рака на срце и не е толку бела)”. Ќе видите запакувани штампачи за кои се колнат дека е контејнерска роба. И во право се. Само, не се работи за контејнери за прекуокеански транспорт од Хонг Конг и Сингапур, туку оние нашите, на 4 тркала (најчесто 3 или 2 тркала) кои зависно од сезоната мирисаат на скапана зелка или исто таква лубеница. 76% од изложените производи немаат декларирано земја на потекло, туку “контејнер или отпад на потекло” и на заинтересираните купувачи тоа воопшто не им пречи.
Ако огладнете од напорниот шопинг има неколку скари на ќумур од кои се шири чуден мирис на скара. Еден познаник кој студира ветерина (а положил анатомија) од суицидална љубопитност купил сендвич со пилешко и се колне дека кокошките немаат такви коски?!?! За таа “скара” да се проголта треба и соодветен освежителен пијалок и сите сокчиња имаат имиња што никогаш не сум ги слушнал. За вегетеријанци има и мекици пржени на “лицу места”. Искрено, мене зејтинот од фритезата ми личи на сменето уље од ФАП, но сепак, тоа е работа на личен „вкус“. Има и кафе на плин и тоа разно (горко, средно и благо).
Правило за пазарење е следното. Немојте да се збуните ако цените ви ги кажат во “миљарди”, за тие луѓе времето застанало кај самоуправувањето во СФРЈ. И ако за Сони телевизор ви побараат 200 денари, не смеете да ја прифатите нивната цена колку и да е смешна, ќе ги разгалите и вообразите па наредниот петок ке бараат 5.000 денари за расипана машинка за бричење. Ќе им понудите 100 денари а тие ќе се прават увредени и ќе ви речат може најниско за 150 иако пред еден саат некој им нудел 500 ама не го дале. Тогаш го напуштате “штандот” и полека се одалечувате. После петтиот чекор продавачот ве вика назад и неволно ги зема 100-те денари и мрси под мустаќ додека му викате “со здравје да си ги трошиш”.
Тезгите се горе-доле стални, ама не им верувајте ако ви речат дека ако “уредот” не работи ќе ви ги вратат парите во вторник. Наредниот вторник ќе се прават мутави и ќе ви кажат дека вие сте го расипале. После вие го фрлате телевизорот во ѓубре кој со помош на вредните контејнерџии за неколку недели пак се враќа во промет.
Би ја истакнал улогата на овие “контролори на контејнери” кои со трицикли на ножен погон (предња или задња вуча) со носивост од 2,5 тона ја преполовуваат содржината на контејнерите и го снабдуваат овој шопинг центар со тазе роба. Познати во јавноста како ПЕТ шоп бојс (зошто предност даваат на Пет амбалажата во сите бои и форми кај народот познати како пластични шишиња) овие момци се бубрезите на Скопје и не смее да се потценува нивната улога во одржувањето на нехигиената во градот. Ако видите конзерва од месни нарезак или камп салама на трева тоа се тие, нејќат да си ги прљаат контејнерите.
Она на што морате да внимавате при купување на Ром маркет е “фалш роба”. Ми пријде еден “мобилен” продавач и ми понуди каиш за 150 денари. Токата на каишот се виткаше (некој чуден метал) и дефинитивно не беше кожен, ама кога рече “носи за 50 денари” си реков, ај, нека седи за резерва. Го ставив на панталона и после три дена “кожата” се излупи, а кога обрнав внимание на дискретните овални шари ми светна за кого бил наменет каишот. Убаво ми рече човекот дека тој каиш долго ќе го носам ама не напомна “под услов да сум во хоризонтала, 2 метра под земја и во дрвено одело”. Па мајка му стара, можел производителот да удри крст, полумесечина или некој друг знак за гробишта, за да се знае таргет групата на тој производ. Ваков кикс направи комшијата со кондури од Солун. Црна, елегантна кондура, ама после првиот дожд виде дека ѓонот е картонски; а се испофали колку ефтино ги нашол.
На тема “звуците на чаршијата”, можам да го кажам следното. На Ром Маркет се слуша сплет од јазици и дијалекти: ромски, албански, врањански и сите варијанти на македонски. А тие што продаваат музика пуштаат некои завивања и кукања надополнети со чудни сајзерски бои кои ни самите производители (Јамаха, Роланд и други Јапанци) не ни знаеле дека ги има во сајзерот.
За крај, сепак, шопинг во Ром маркет е едно незаборавно доживување при кое, и ништо да не купите, парите може да ви ги снема од задниот џеб. А и да ви останат, сигурно ќе ги потрошите во некоја кладилница и нема никогаш да дознаете дали блутут плеерот за 100 денари што изгледаше како нов воопшто работи.
Владо
********
Види и: