
Училиштето во Голај секоја година губи по десетина деца, едвај по некој влегува во селските продавница и нема кој да работи на нивите. Нема семејство што не испратило деца во Англија, главно по нелегален пат – скриени во камиони или со чамци преку Ламанш.
Градоначалникот на блискиот град Хас, наречен и „Мал Лондон“, вели дека нема семејство што нема по еден до тројца членови што живеат во Британија. Во врвот на егзодусот во 2022 година, заминале 12.000 луѓе, секој трет од сите што со чамци нелегално пристигнале во Британија.
Фестим Брати (42) платил 6.000 фунти за да влезе во Британија пред 11 години. Се вратил во Голај на одмор и за да му помогне на семејството.
Продадовме сè за да можеме да им платиме на шверцерите со луѓе. Сега испраќам пари дома за да им помогнам. Нема иднина за децата во Албанија. Што да се прави тука? Нема работа и нема пари. Ја сакам мојата земја и ако имав добро платена работа, ќе останев. Секако, се грижам за иднината на Албанија и за тоа што ќе се случи ако сите млади заминат, но не можам да останам. Моите деца сега добиваат добро образование и се сметаат себеси за Англичани. Јас сум вреден работник и не се потпирам на бенефиции, бели Фестим.
Неговиот брат Аволи (34) вели дека шест од 12 членови на неговото семејство сега живеат во Британија. Тој објаснува дека семејната традиција диктира едно дете да остане дома за да помогне во грижата за старите родители. Сите нелегално поминале скриени во камион преку Денкерк и Кале, но сега имаат легален престој и работат.
Некои се потпираат на сопствениот труд, но многумина кога ќе стасаат без документи се принудени да работат за албанските банди. Според податоци на Министерството за правда за 2024 година, во затвор биле секој 50-ти Албанец што нелегално пристигнал во Британија.
Во Албанија не останаа гангстери бидејќи тие си го градат животот во Британија, иронично забележува Аволи.
Меѓу ретките што за подолго се вратиле во Албанија се браќата Исуф и Фатион Даути, протерани од Националната агенција за криминал поради управување со мрежа на организиран криминал. И покрај скромните пријавени работни места во градежништвото и чистењето браќата Даути возеле Бентли и живееле во луксузен стан во Челзи што го изнајмувале за 2.700 фунти месечно.
Иако пристигнале нелегално, добиле право на престој, бидејќи се ожениле со жени од Летонија и Бугарија, членки на ЕУ. Фатион бил прогласен за „ризик за националната безбедност“, како дел од банда вклучена во шверц на дрога, трговија со луѓе и перење пари. Откако биле протерани, албанските власти им заплениле земјиште, згради, продавници, бар во центарот на Тирана и луксузни автомобили.