Никој во Англија досега не видел некој фудбалер толку бавно да се спрема да изведе пенал од белата точка. На мечот против Евертон кој Јунајтед го доби со 2:1, Французинот направи дури 28 ситни чекори пред да шутне:
Но репрезентативниот голман Џордан Пикфорд беше спремен, не се помести ни чекор во страна, мирно стоеше во место и го гледаше Французинот.
На крај Пикфорд се фрли на десно но ја крена левата рака и ја одбрани топката која одеше по средината (така Пикфорд му одбрани пенал на Колумбиецот Бака на Светското 2018).
„Неправилно е вака да изведува. Ова е театарска претстава. Кристијано Роналдо некогаш правеше така на ’Олд Трафорд’, но случајов на Пол Погба е нешто друго“, изјавил Гери Невил во студиото на Sky Sport.
Ова е петти таков шут на Погба сезонава. Почна во првото коло против Лестер и на ист начин ги шутираше сите 5 пенали досега сезонава (4 во Премиер лига и 1 во ЛШ).
Статистичарите му ги мереле ситните чекори на Погба при изведувањето: 17, 8, 18, 23, 28 - вкупно 94 чекорчиња за 5 шутеви. Нека не ве чудат тие 8 чекори - тоа беше на мечот против Брајтон кога Јунајтед губеше со два гола негатива а Погба изведуваше пенал во судиското продолжение па малку „забрза“.
Со театралното изведување пенали на Погба се посмеале и неговите соиграчи, па така бекот Лук Шоу на Твитер направил хаштаг #ThingsYouCanDoDuringPogbasPenaltyRunUp (#РаботиКоиМожеДаГиНаправитеДодекаПогбаИзведеПенал) и напишал дека тој лично би направил кам-бек во кариерата и би го обновил договорот.
Make a comeback in your career and renew your contract. #ThingsYouCanDoDuringPogbasPenaltyRunUp pic.twitter.com/sxGx6C1i11
— Luke Shaw (@LukeShaw23) October 28, 2018
ПОГБА ОТСЕКОГАШ ТАКА ИЗВЕДУВАЛ ПЕНАЛИ
Иако во Англија неколку дена се зборува за досадната и бавна подготовка за пеналот на Погба, Французинот не шутира од вчера на тој начин.
„Тоа е мој стил, постојано така изведувам. Знам дека е долго, знам дека може да го збуни голманот, но најважно е топката да заврши во мрежата. Претпоставувам што ќе слушам ако промашам“, рекол Погба после голот со Лестер од пенал во првото коло.
И стварно така ги изведува ударите од белата точка.
Најголема глупост во кариерата направил на 17 години. За време на неговиот прв престој во Јунајтед, на меч од младинскиот ФА Куп на „Енфилд“ шутирал исто но судијата му го поништил голот и му дал втор жолт картон па Погба поцрвенет го напуштил теренот:
Така се глупирал и во Италија, и во младинската и сениорската репрезентација на Франција, па и за првиот тим на Манчестер Јунајтед пред оваа сезона (против Фенербахче во Лига Европа).
Зошто англиските медиуми и навивачи не се во тек со неговите пенали? Едноставно затоа што тој ниту во Јуве ниту во Манчестер никогаш претходно не бил главен пеналџија а Серија А, Лига Европа и младинските турнири се помалку гледани од Премиер лигата.
Парадоксално, учинокот на Погба е добар: 12 пенали, 9 гола (податоци од Opta која не ги сметала сериите пенали после продолженија).
МУРИЊО НЕ Е ПРОТИВ НО ГОЛМАНИТЕ ЕДВАЈ ЧЕКААТ ТАКОВ ЗАЛЕТ
Еден од најдобрите изведувачи на пенали во историјата на Премиер лига, Мет Ле Тисие постигнал 47 од 48 изведени единаестерци.
Тој неодамна зборуваше за пеналите на Азар за кои вика дека се маестрални:
„Еден Азар обично чека да види каде ќе тргне голманот. Тоа навистина е голема способност. Азар е толку сигурен во себе што прави чекор, го следи голманот и воопшто не ја гледа топката. Дури и ако го научите овој начин, ќе ви треба храброст до последно да останете на место. Тоа е игра на мачка и глушец додека не мрдне првиот. Но ако голманот трпеливо чека и не ја покажува намерата, тогаш изведувачот ќе мора да се откаже од првичниот плани тогаш се зависи од способноста да се шутира без да се погледне топката“, вели Ле Тисие.
Погба исто не ја гледа топката туку голманот. Сезонава Пол промаши два пенала против Барнли и против Евертон. Во обете ситуации Харт и Пикфорд остануваа на средина, не правеа долги паради и во последен миг ја фаќаа топката по средина.
Двата промашени пенали за среќа на Погба не придонесоа Јунајтед да изгуби и Мурињо јавно го фалеше Пол за неговата одлучност:
„Ми се допаѓа кога некој презема одговорност врз себе. Јас не сакам Мики Маус-плашливи играчи кои велат ’пеналот не е за мене’. Затоа го ценам Лука Миливоевиќ од Кристал Палас. Не даде гол против Евертон, а денес неговата екипа доби два пенали со Арсенал и Лука ги изведе и двата. Пол е таков исто“, рекол Мурињо.
Притоа Жозе додал: „Може ли Погба подобро да шутира пенали? Мислам дека може. Голманите веќе му го научија изведувањето, тој не тргча и до последна секунда чекаат да видат каде ќе шутира. Мора да го знае тоа.“
Самиот Погба се согласува и признава дека треба да смени нешто: „Секогаш сакам да го тргнам голманот од место. Вистина е дека знаат како изведувам пенали. Можно е да го сменам тоа затоа што ги читаат моите намери“, заклучува францускиот репрезентативец.