Веројатно затоа што стилот на игра на екипите кои играат тики-така не се разликува многу еден од друг, или едноставно затоа што и него го фатила манијата Чолизмо, Трапатони вели дека ужива да ја гледа играта на Атлетико.
За шпанскиот АС, легендарниот Трап кој во кариерата три години го тренираше и Баерн Минхен призна дека во Симеоне се гледа себеси и свои каракатеристики:
„Чоло ми се допаѓа и не верувам дека би се навредил ако кажам дека неговиот карактер личи на мојот. Моите екипи ја имаа истата филозофија“, вели Италијанецот кој беше и селектор на Република Ирска.
За него критиките на сметка на валканата и нетолерантна игра на Атлетико се бесмислени и празни.
„Не би именувал, но има екипи кои ја држат топката половина саат, без да шутнат на гол. Јас заспивам така. Што е тоа? Многу повеќе ми се допаѓа Симеоне кој дава спектакл со неговиот интензитет на игра. Да кажете дека игра лошо е голема лага“, додава симпатичниот Дон Трапатони.
За време на својата кариера, богата со трофеи, Трапатони го тренираше и Баерн Минхен. Три години. Со Баварците освои Бундеслига, Куп на Германија и Лига Куп на Германија. Според него, на Атлетико и покрај победата во првиот полуфинален дуел, ќе му биде тешко да влезе во финалето на ЛШ.
„Мојот Баерн во ДНК-та ја има силата да направи голем пресврт. За Симеоне ова ќе биде многу тешка битка, но би можел да успее: 90 минути се страшно долги на теренот на Баерн“, констатираше Трапатони.
Реванш натпреварите од полуфиналето на Лигата на шампионите се играат во вторник кога Баерн го пречекува Атлетико и во среда во Мадрид, каде Реал ќе му биде домаќин на Манчестер Сити.