За почеток е важно да се раскаже како изгледа организационата структура на германските клубови.
Ќе почнеме со најпознатите клубови од Германија (Баерн, Шалке, Борусија, Хамбург, Вердер), основани пред 100 и повеќе години и регистрирани во тоа време од интересни групи од народот - од љубители на ароматен тутун, од сопственици на јоркширски териери или страствени играчи на преферанс.
Единствениот регистар таквите клубови го имале со белешката eingetragener Verein (e.V.) односно Здружение/Асоцијација. На амблемите на некои клубови денес уште може да се забележат овие иницијали (Дармштад, Брауншвејг), но во последно време со ребрендингот многу клубови се откажале од нив.
Карактеристика на таквиот организациски и правен систем е што клубовите по закон немаат право да извлекуваат профит. Општо правило е дека 100% од капиталот е членарината. Сите најголеми одлуки ги носи клупскиот одбор којшто е избран од сите негови членови. На спонзорите вратата им е отворена само ако се согласат да дадат пари, без да управуваат и без да прашуваат на што и како ќе бидат потрошени.
КАКО ЗАРАБОТУВААТ ГЕРМАНСКИТЕ КЛУБОВИ?
Во моментот кога фудбалот станал поголем, Германците сфатиле дека за еден клуб да се развива, треба да се создаде посебно акционерско друштво и основниот бизнис да се води под свои закрила.
Така за таа цел од страна на навивачите се појавиле правни лица. Новите правни лица влегле во структурите на клубовите со цел да им помогнат да имаат придобивки. Спонзорите кои во минатото ги делеле парите со клубот, сега имаат право само на реклами и билборди во кругот на стадионот, тие се инвеститори со учество, со капитал, но немаат никакви права да одлучуваат за стратегијата на клубот.
Германската фудбалска лига (DFL) спуштила рампа за профитери, шеици и авантуристи. Во 1998 година на сила стапило правилото 50+1 согласно кое правните лица (навивачите, членовите на клубот) се мнозинство и имаат предност при гласањето. Според германската фудбалска лига (DFL), клубовите нема да смеат да играат во Бундеслига ако спонзорите или инвеститорите имаат повеќе од 49% од акциите.
Во превод ова значи дека приватните инвеститори не можат да ја преземат контролата над клубовите и да донесат мерки чии приоритет ќе биде профитот наместо желбите на навивачите.
„Правилото 50+1 е многу добро за Германија. Повеќето од клубовите нема да добијат свој Роман Абраович кој на прво место сака да го види Челси како победува. Повеќето од инвеститорите ќе сакаат само да заработат пари. И од каде ќе ги најдат тие пари? Па од гледачите. Од навивачите. Затоа нив мора да ги заштитиме“, вели за SportBild Јоаким Вацке извршниот директор на Борусија Дортумд.
Исклучок во германскиот фудбал се Баер Леверкузен и Волфсбург. Тие се два посебни случаи - нивните мнозински сопственици (фармацевтскиот гигант Bayer и Volkswagen) имаат интерес и ги спонзорираат клубовите повеќе од 20 години. Исклучок од стриктното правило 50+1 се прави за клубовите чии спонзори повеќе од 20 години правилно раководат со своите клубови.
КАКО ОВА ФУНКЦИОНИРА НА ТЕРЕН?
Борусија Менхенгладбах била основана во 1900 година, и во регистерот нејзиното име е заведено како Borussia Verein für Leibesübungen 1900 e.V. - то ест клуб за физичка култура.
Во 2003 година врз основа на регистрираниот сојуз создале друштво со ограничена одговорност Borussia VfL 1900 Mönchengladbach GmbH каде пристапиле 30 професионални играчи, младинска екипа и целиот персонал на клубот.
Денес Borussia Verein für Leibesübungen 1900 e.V. владее со 100% од акциите на Borussia VfL 1900 Mönchengladbach GmbH то ест советот на директори се состои исклучиво од членови на акционерското друштво.
Здружението не сакало помош од инвеститори. Управата на клубот Менхенгладбах водела разумна политика и во последните 10 години приходите на Borussia VfL 1900 Mönchengladbach GmbH пораснале од 65 милиони до 197 милиони евра а во 2017-та година придобивките стигнале до 27 милиони евра за една година што станале рекордна во клупската историја.
Борусија Менхенгладбах е пример за тоа како не е задолжително богат Катарец со златни полуги да го направи клубот успешен. Доволно е во управата да има компетентни луѓе.
Акциите на Борусија Дортмунд се:
60,36% од акциите се слободни на берзата (фри-флоут)
14,78% од акциите ѝ припаѓаат на компанијата Evonik Industries AG
8,9% од акциите се на извесен Бернд Геске (приватен инвеститор)
5,53 - e.V.
5,43 - Signal Iduna Gruppe
5% - PumaВо бордот на директори во Борусија Дортмунд мнозинството гласови му прилегаат непосредно на здружението на членови така што претензии за Дортмунд не може да има никој.
Баерн исто така својот прв тим го заверила под одделна структура FC Bayern München AG но плус во раководството одобрила учество на уште три ултра успешни компании кои се јавуваат во улога на инвестициска поддршка - Allianz, Audi и Adidas. Секоја од овие фирми има по 8,33% од акциите (таквиот пакет чини 100 милиони евра), а останатите 75,01% му припаѓа на акционерското друштво Fußball-Club Bayern München e.V. и на тој начин се почитува правилото 50+1.
Да стане стратешки партнер на Минхенците не му е дадено секому. Трите горенаведени групи се блиски пријатели и функционираат како среќно семејство, така што странец, туѓинец може да биде многу богат, ама не е добродојден во управата.
Шалке е еден од последните клубови во Бундеслигата кој одбил да ја менува структурата и дури и после 114 години останал e.V поради што не може да привлекува инвеститори (но во состојба е да најде великодушни пријатели на кои не им смета да соберат годишно 20 милиони евра во замена само нивниот бренд да стои на дресовите на Шалке).
Шалке има околу 150.000 регистрирани членови (петти показател во светот на спортските клубови).
КОГА ОВА ПРАВИЛО НЕ СЕ ПОЧИТУВА?
Германската фудбалска лига пред неколку години внесла една измена на основниот закон. Благодарение на таа измена инвеститорите можат да завладеат со контролниот мнозински пакет акции но само ако од 1. јануари 1999 година досега вложувале пари во определен клуб.
Станува збор за навистина големи и сериозни придонеси, а не ако некој две децении носел сокови во соблекувалната на тимот и сега сака да управува со мнозинството акции. Неговите шанси за успех се мали.
Покрај Леверкузен и Волфсбург кои рековме дека не би преживеале без фармацевтскиот гигант Бајер и Фолксваген, милијардерот Дитмар Хоп на почетокот на ’90-те години активно ја подобрувал инфраструктурата во фудбалскиот клуб од родниот град Хофенхајм.
Во 2015-та милијардерот стигнал до вложена сума од 350 милиони евра за 26 години и добил зелено светло од претседателот на лигата. Хоп се стекнал со контролниот пакет акции (96%) од здружението Hoffenheimer Fußball-Spielbetriebs GmbH.
Општа бура во германскиот фудбал настанал кога никој така цинично не го изиграл правилото како РБ Лајпциг. Тие ја уловиле можноста со RasenBallsport Leipzig e. V. и основале посебни субјекти RasenBallsport Leipzig GmbH и Red Bull GmbH коишто му даваат пари на клубот и владеат со дури 99% од акциите на клубот.
Сопственикот Оливер Минтцлаф до неодамна истовремено седел на три столчиња: бил претседател и спортски директор на Лајпциг и паралелно водел сметка за фудбалскиот департмент на Ред Бул која е сопственик и на клубот Салцбург од Австрија.
Советот на директори во Лајпциг има мнозинство но не сите имаат право на глас. Лигата затворила очи на вакво нарушување на правилото поради тоа што наводно Лајпциг го сменил логото и го тргнал предзнакот RB од грбот.
Минатата година се навршиле 20 години како Мартин Кинд му помага на клубот Хановер. Дваесетгодишното партнерство со клубот, според закон му дава право да се стекне со контролниот пакет. Кинд минатата есен побарал такво нешто, советот на директори се сложил да продаде 51% од акциите н аклубот, но некои членови на Надзорниот одбор на Хановер биле строго против.
Делото стигнало до судот којшто пресудил дека Мартин Кинд има право да претендира на место сопственик на клубот. Клучен збор бил „претендира“.
„Без моја поддршка овој клуб сега би играл во петта лига“, изјавил неодамна Кинд кога навивачите во Хановер протестирале против него. Во 1997 година кога Кинд почнал да му помага на Хановер, екипата дремела во трета лига, добивала 250.000 марки од локалната пивара и клубот бил на работ од пропаст.
КОЈ СЛЕДЕН ЌЕ МУ ПРКОСИ НА ПРАВИЛОТО 50+1?
Но за разлика од Хофенхајм и РБ - Хановер е традиционален клуб. Така во Германија ги нарекуваат екипите кои имаат славна историја и повеќегодишни настапи во највисоката лига. Ако го дадат него во раце на приватник - тоа фактички значи дека со продажбата се согласуваат и Штутгарт, Хамбруг, Дортмунд кои исто скоро би можеле да добијат сопственик.
Судејќи по тоа на какви отстапки е спремно раководството на лигата во последно време, Кинд ќе го добие своето.
ЗОШТО ПРАВИЛОТО 50+1 ИМА ПОВЕЌЕ ПРИВРЗАНИЦИ ОТКОЛКУ ПРОТИВНИЦИ?
Јорданскиот милионер Хасан Исмаик сакал да го внесе Минхен 1860 во Лигата на шампионите. Клубот кој го има најстарото здружение во Германија. Сомнителни трансфери, 11 тренрски смени за 7 години, скандал со новинарката на Билд на која не и дале акредитација за меч поради тоа што претходно критикувала некои играчи на Минхен - сето тоа го направил човекот кој имал ограничени ингеренции во клубот.
Замислете тогаш што би се случило ако Исмаик имал тотална власт над клубот.
Се почнало кога поради лошиот менаџмент Минхен 1860 испадна во регионална лига и го изгуби професионалниот статус а потоа кога итно морале да платат 10 милиони евра за да ги покријат долговите и да добијат дозвола за учество во трета лига, Исмаик одбил да дава пари и рекол: „Ако клубот сака да вложам пари, треба да станам сопственик“.
Сфатил дека малку се заиграл кога неговото богатство од 1,4 милијарди евра паднало на 341 милион. Навивачите едвај чекале да се отарасат од Јорданецот. Тој и самиот со две раце би ги продал своите акции, но никој не сака да вложи во клуб од регионална лига (барем не за сега).