Доминацијата на Каталонците оваа сезона во Премиера дивизион и убедливата предност пред најголемиот ривал, потсетува на минатогодишната сезона кога Реал Мадрид беше во истата оваа улога и титулата ја прослави со фантастични 100 освоени бодови.
По истите стапки сезонава тргна и Барселона која доколку ги победи сите мечеви до крајот на првенството ќе стигне до рекордна бројка од 107 освоени поени. По 23 изминати кола, составот на Виланова има 62 бода и 78 постигнати гола. Споредбено со Реал, тие минатата сезона во овој дел од сезоната имаа еден гол повеќе, но еден поен помалку.
Тоа е доволен показател за тоа колку се слични ланската форма на Реал со годинашната на Барса. Ако се спореди бројот на победи тој е ист, 20, со таа разлика што Каталонците имаат само еден првенствен пораз, за разлика од Кралевите кои лани ова време имаа два.
Доста очигледен е падот на тимот на Мурињо оваа сезона во ефикасноста, ако се погледне фактот дека минатата година по 23 изминати натпревари имале постигнато 21 гол повеќе. Интересна за споредба останува уште и разликата помеѓу Барселона и Реал која изнесува 16 бодови, за разлика од онаа на Реал кога лани ова време изнесувала 11 бода.
Со оглед на големите победи како последната против Гетафе од 6:1 и топ формата на Меси кој до сега во првенството има 35 голови, најверојатно на крајот на оваа сезона ќе пишуваме за новите рекордни бројки на Каталонскиот тим.