Судијата Ајтекин кој ја помогна Барса во подвигот со ПСЖ па никогаш веќе не судеше нокаут фаза

Барселона и ПСЖ после четири години одново се среќаваат во 1/8 финалето на Лига на шампиони. Сите го памтат неверојатниот двомеч кога по убедливиот пораз од 4:0 во Париз, Барселона на Камп Ноу славеше 6:1 и отиде понатаму.

Барса стана прв клуб во историјата на Лига на шампиони кој успеал да помине во следна рунда откако на првиот меч изгубил со 4 гола разлика.

Но чесно е и да се потсетиме дека чудото се случи не само благодарение на инспиративната игра на Каталонците, туку и благодарение на работата на германскиот судија со турско потекло Дениз Ајтекин.

Кои беа најспорни одлуки на судијата?

Уште во првите 10 минути од мечот пред преполн „Камп Ноу“ имаше очигледно играње со рака и во двата шеснаестерци, но Ајтекин не се огласи.

На почетокот на вториот дел Нејмар (тогаш играч на Барселона), падна во шеснаесетникот по еден несмасен дуел со бекот на ПСЖ Томас Мение. Ајтекин прво не досуди пенал, но по бурните реакции на гласниот Камп Ноу и домашните играчи, реши да се консултира со судијата зад голот и собра сили да ја смени одлуката.

Најгрубата грешка судијата Ајтекин ја направи при резултат 3:1 за Барселона. Анхел Ди Марија излезе еден на еден со Тер Штеген, но во позадина Хавиер Маскерано го стигна и буквално го покоси, за што призна после мечот:

„Безусловно ги нарушив правилата над Ди Марија, но не го елиминиравме ПСЖ поради тоа“, изјави Маскерано.

Ајтекин не сакаше ни да слушне за пенал.

Затоа германскиот судија со турско потекло на другата страна комотно досуди пенал и тоа во 90' минута при водство на Барселона од 4:1 кога им фалеа два гола за чудесен пласман понатаму.

Меси центрираше една топка во шеснаесетник до Суарез. Маркињос тргна кон топката а Уругваецот во свој стил (неколку минути претходно доби жолт картон за симулација) одглуми како е тешко фаулиран и се држеше за грло иако контактот беше далеку од тој предел.

Ајтекин ладно досуди пенал без двоумење.

Поранешниот шпански судија Андухар Оливер во емисија на радио Марка ја процени ситуацијата вака: „Немаше пенал. Маркињос само положи рака кон Суарез, а овој се сруши“.

 

Што се случи понатаму, знаете. Барселона со голот на Серхи Роберто славеше со 6:1 и стана прв тим во историјата на еврокуповите кој поминал понатаму после пораз од 4:0 на првиот меч.

Нејмар кој тогаш уште не беше пред вратите на ПСЖ одигра фантастична партија, можеби подобра и од Меси: постигна 2 гола, имаше асистенција за шестиот клучен гол и заработи еден пенал.

„Одлуките на судијата беа на штета на ПСЖ, а пред крајот од мечот ние целосно изгубивме онтрола над натпреварот и изгубивме“, изјави после дуелот тренерот на Парижаните Унаи Емери.

Во 2020-та актуелниот тренер на Виљареал беше уште поотворен: „Многу детали од тој меч можат да се изучуваат. Но ако би можел да бирам, јас би го сменил само судијата“.

Тогашниот капитен на ПСЖ, Тијаго Силва не го кривеше судијата:

„Стекнавме одличен резултат на првиот меч, но сега не заслуживме да пројдеме во четвртфинале. Не се правдам, фаул над Суарез немаше, и сами можевме да добиеме пенал. Притоа, не треба да го кривиме судијата, така како што игравме не требаше да пројдеме“.

Претседателот на парискиот гигант, Насер Ал Хелаифи рече:

„И покрај тоа што не ни досудија два пенали, не бараме оправданија“.

Но ПСЖ упатил во УЕФА жалба за судењето на Ајтекин. Парижаните нашле седум грешки кои според нив влијаеле на исходот:

1. Чиста игра на Маскерано во шеснаесетникот при центаршут. Епизода од прво полувреме кога Дракслер центрира а Маскерано уклизува и игра со рака.

2. Пике заслужи втор жолт за груб фаул во 41 минута над Кавани.

3. Пеналот на Нејмар. Според ПСЖ Бразилецот намерно исценирал контакт со Мение.

4. При резултат 3:1 Нејмар намерно го удрил сонародникот Маркињос по нога и за тој агресивен и намерен потег заслужил црвен картон.

5. Игра на Пике со рака при резултат 3:1. Во 78' минута центаршутот на Ди Марија заврши во рака кај Пике а судијата не досуди прекршок на правилата.

6. Пенал и чист црвен картон за Маскерано за фаулот зад грб над Ди Марија во казнениот простор. Судијата без големо внимание ја остави таа епизода иако и самиот Маскерано после мечот рече дека имало фаул.

7. Пеналот над Суарез при резултат 4:1. По мислењето на ПСЖ, ова била симулација на центарфорот на Барса. Уругваецот претходно доби жолт картон за глума при минимален контакт со Верати во казнениот простор. ПСЖ смета дека за епизодата со Маркињос, Луис Суарез заслужил втор жолт и исклучување.

АЈТЕКИН ВЕЌЕ НЕ СУДЕШЕ ВО ПЛЕЈОФ НА ЛИГА НА ШАМПИОНИ

Судијата Ајтекин ниту еднаш не раскажал ништо за таа фамозна мартовска вечер во 2017-та. И покрај тоа што во последниве недели јавно го прашувале.

Француски Л'Екип пишува дека УЕФА официјално му забранила да коментира на темата. Ајтекин во ниту едно интервју за германските медиуми не го прашувале за мечот кој ја смени неговата кариера.

УЕФА од тогаш ниеднаш не го стави Ајтекин да суди во нокаут фаза на Лига на шампиони.

Тој свирел само уште шест пати на некои помалку интересни натпревари во групна фаза на ЛШ. Последен пат во Лига на шампиони судеше лани на мечот меѓу Лил и Валенсија (1:1) кога му дал црвен картон на францускиот стопер од Валенсија Муктар Диакаби.

Сезонава Ајтекин не судеше во ЛШ поради повреда на Ахиловата тетива.

Иако во Европа му е нарушено реномето, во својата Германија неговиот рејтинг е уште висок. Два месеци по скандалозното судење на Камп Ноу, тој го судел финалето на германскиот Куп, а во 2019-та германската фудбалска федерација го прогласила за судија на годината во Бундеслига.

16 февруари 2021 - 20:51