Права вистинска војна поради фудбал избувнала еднаш во историјата - во ’60-те години кога со тешка артилерија се судриле Ел Салвадор и Хондурас, земји кои се граничат една со друга на југо-западот од Централна Америка.
Двете држави имале нерешени прашања, се противеле едни со други а фудбалот само ја прелеал чашата да избие војна. Репрезентациите, по игра на судбината, се сретнале во квалификациите за Светско првенство 1970-та.
Државите биле во конфликт за мигрантите
Во 1960-те години во Салвадор имало подобро развиена економија која се стремела кон раст, но државата не можела да реши важен проблем: поради густо население не можело да се обработува земјата. Од друга страна во Хондурас економијата пропаѓала, населението се намалувало - но со земјиштето за обработка немале никакви проблеми.
Поради тоа американските гиганти Standard Fruit и United Fruit (трансмеѓународни компании кои носеле егзотично овошје во САД и Европа) во Хондурас ги обработувале сите големи плантажи.
На американските компании им фалеле работници и тие преку граница превезувале работници од Салвадор. Ваквиот тренд продолжил неколку години, тие проникнале на територија на соседот па во 1969 година во Хондурас имало околу 300.000 Салвадорци. Наскоро отворале свои бизниси и често се занимавале со производство на чевли и облека.
Локалците во Хондурас мирно ги примале мигрантите зошто имале свои проблеми: социјалната политика пропаднала, а економијата била пред умирање. За да избегне масовни протести, владата на генерал Освалдо Лопез Арељано (фото долу) за целата сиромаштија ги обвинил мигрантите од Салвадор.
Луѓето од владата во 1966-та изјавиле дека крупните хондураски земјоделци имале опасна конкуренција во мигрантите и направиле сојуз да ги заштитат своите интереси. Да им се објави економска војна на дојденците било едноставно и владата донела четири точки:
1. Почеток на анти-миграциона кампања во земјата;
2. Раскин на миграциониот договор со Салвадор;
3. Одземање на земјиштето во посед на Салвадорците. Сопственици на земја можеле да станат само Хондурасци;
4. Формирање вооружени единици за борба против мигрантите кои престојуваат на црно.
Новата политика донела масовни напади на мигрантите: ги тепале, ги апселе, па дури и ги убивале. За пола година од Хондурас дома се вратиле од 30 до 60.000 Салвадорци.
Конфликтот меѓу двете земји се распалувал катастрофално брзо.
Фудбалот фрлил масло на огнот
Ждрепката за квалификациите за Светско 1970-та придонела тензијата да порасне. Репрезентациите на Салвадор и Хондурас ги освоиле првите места во своите подгрупи и се сретнале во полуфиналето кое се играло во формато до две победи (решавачкиот меч тогаш бил предвиден да се игра на неутрален терен).
Обично фудбалот ги зближува луѓето, но кај овие соседи само го запалил огнот.
Конфликтот почнал на 6. јуни 1969 година во главниот град на Хондурас, Тегусигалпа. Ноќ пред мечот хотелот на фудбалерите на Салвадор го опколиле навивачите на Хондурас. Тие направиле се што можат да ги спречат гостите да преспијат, нешто што денес, 40-ина години подоцна стана рутина во модерна Европа - фрлале камења, пееле песни, трубеле, палеле огномети.
Но око не склопиле ниту репрезентативците на домаќинот Хондурас.
„Новинарите постојано не притискаа и ние се плашевме за својот живот. Пред мечот не спиевме три ноќи по ред“, раскажувал фудбалерот на Хондурас Марко Антонио Мендоза.
Пеколниот меч го гледале највисоките чиновници од двете земји а кулминацијата била на крајот во 90-та минута кога гол дал напаѓачот на Хондурас Леонард Мивет за победа од 1-0.
Таквиот пораз ги потресол сите во Салвадор, а најмногу една навивачка по име Емилија Болањос која гледала на телевизија. По судиската свирка за крај станала од кревет, го отворила сефот на татко и, земала пиштол и си пукала во гради. Следното утро најголемиот весник во земјата El Nacional излегол со наслов: „Таа не го издржа поразот на својата земја“.
На погребот на 18-годишната девојка дошле илјадници луѓе меѓу кои и највисоки функционери од власта. Болањос станала симбол на омраза кон Хондурас па пред хотелот на репрезентацијата пред реванш мечот дежурале илјадници Салвадорци со нејзиниот портрет.
Автобусот со гостите од Хондурас до стадион стигнал со воена придружба. По пат било како во пеколот: Салвадорците го гаѓале автобусот со камења, со дрва, со цигли.
„Одевме кон стадионот како во војна. Кон нас леташе се што им се најде при рака“, се сеќавал подоцна селекторот на Хондурас Карлос Падиља.
Носени од страшната поддршка, Салвадорците славеле 3:0 и во земјата настанал празничен хаос. Националната гарда не можела да спречи тепачка со гостинските навивачи од Хондурас во која двајца загинале. „Среќа што изгубивме, во спротивно ќе бевме убиени сите“, додал селекторот Падиља чија селекција со тенкови била пренесена до аеродромот.
Кога до Хондурас стигнала веста за напад на нивните навивачи, властите ја затвориле границата и упатиле протест за резултатот на мечот. Ноќта после натпреварот во Хондурас имало жестоки напади на мигрантите од Салвадор: полицијата едвај се справила со убиства, грабежи, напади. Настрадале и два вице-конзули на Салвадор па во нивната земја почнала мобилизација на резервисти.
Решавачкиот меч во играта до 2 победи се играл во Мексико на 27. јуни. Во Мексико стигнале 6.000 навивачи од Салвадор а репрезентацијата пред летот била на прием кај претседателот. Селекторот, Аргентинецот Грегорио Бундио рекол: „Должни сме да ги штитиме националните бои. Затоа во овој најважен меч треба да бидеме достоинствени“.
Да снимал Мартин Скорсезе филм за овој меч, сигурно би го напишал истото сценарио: после првото полувреме Хондурас водел 2:1, но Салвадор успеал да застане на нозе, израмнил 2-2 а во продолжението дал победнички гол за 3:2!
За борбата на теренот зборувал еден од лидерите на Хондурас, тогаш центарфор на Атлетико Мадрод: „Мене просто ме истепаа, ме удираа со копачки дури во гради! Сум играл во Шпанија, Англија и Ирска, но никаде не сум видел такво нешто“.
Следното утро Хондурас ги прекинал дипломатските односи со Салвадор којшто истото го направил уште претходно.
Воениот судир траел неколку дена
Земјите ги затвориле границите но таму периодично се слушале истрели. Ниту Хондурас ниту Салвадор немале современа техника и вооружување - им останало тоа што го купиле уште за време на Втората светска војна.
Рано наутро на 14. јули салвадорската авијација во состав од 11 постари авиони и 5 бомбардери нападнала нафтни полиња и воени бази на Хондурас: одговорот следувал истата вечер и така офиијално почнала војната која што ја нарекуваат Фудбалска или 100-часовна војна.
Хондурас успешно војувал во воздух, а Салвадор на земја. Армијата на Салвадор навлегла 8 километри на противничка територија и направила опсада на два града во Хондурас. Во градот Нуева Окототепека на централниот плоштад ставиле знаме на Салвадор и вечерта таму прогласиле воена губернија.
Хондурасците се прегрупирале, добиле неколку битки но не ги потиснале Салвадорците ниту ги приморале да се вратат на своја територија. Жестоките престрелки продолжиле неколку часа и прекинале на 19. јули. Тогаш претседателот на Салвадор се огласил и рекол дека неговата војска нема да се повлече се додека Хондурас не им овозможи на 200.000 Салвадорци безопасно да се вратат во своите домови во Хондурас.
Примирје се објавило на 20. јули кога во конфликтот се вмешала Организацијата на Американските држави. По заканата со економски санкции Салвадор ја повлекол војската но под гаранции дека во Хондурас ќе започна враќање на мигрантите.
Репрезентацијата на Салвадор во финалето од квалификациите го совладале Хаити и се пласирале на Мундијалот во Мексико каде паднале во група со домаќинот, со Белгија и со СССР. Салвадорците ги изгубиле сите три меча и не дале ни еден гол.
Договорот за мир Салвадор и Хондурас го потпишале дури после 10 години - на 30. октомври 1980 година. Секако, ништо друго освен беда, сиромаштија и пропаст не донела Фудбалската војна. Штета од воените интервенции изнесувала околу 50 милиони долари. Во двете земји невработеноста пораснала и влијанието на војските било се поголемо. Десетина илјади Салвадорци бегале од Хондурас поради тоа што биле непожелни.
Според неофицијални истраги, конфликтот однел од 2 до 6.000 жртви а стотина илјади луѓе останале без кров над глава.