Стоичков и Хаџи, Камата и Кралот

Газдата на ФИАТ, Џани Ањели бил спремен да отвори фабрика во Романија, само Чаушеску да му го даде Георге Хаџи во Јувентус. Христо Стоичков имал мака со комунистичката власт во Бугарија која не дозволувала трансфер во странство до 28 години.

Каталонците го играа првиот меч по дебаклот 4-0 од Милан на Фабио Капело во финалето на Лигата на шампионите ’94-та. Барса со сите ѕвезди се појави на Остерпарк стадионот во Гронинген за пријателска пред почеток на сезоната, но веќе пред полувремето светна флешбек од Атинската ноќ. Гронинген водеше со 4-0.
 
Каталонците на крајот некако се вратија и осигураа комични 5-5, а впечатливо беше дебито на новото засилување Георге Хаџи кој даде два гола. Првиот, со глава, беше значаен не поради тоа што Романецот е низок, туку затоа што центаршутот дојде од уште еден Источно Европјанин, Христо Стоичков.
 
Неверојатно е дека овие двајца биле соиграчи, макар за кратко време, особено ако се знае нивниот фудбалски пат. Во 1994. година Стоичков и Хаџи ги свртеа светските очи кон балканскиот фудбал со пласманот на Мундијалот на Романија и Бугарија. Двајцата често одеа во ист кош поради вон-фудбалски теми.
 
Христо Стоичков ја започнал кариерата во два мали клуба (Марица Пловдив и Харманли) на југо-истокот од Бугарија, пред да го пикира ЦСКА Софија. Георге Хаџи тргнал по сличен пат иако имал 22 години кога стигнал во гигантот Стеауа Букурешт. Тој веќе бил најзаслужен за големиот успех на малиот Спортул Студентеск кој завршил втор во лигата благодарение на 10 гола на Хаџи.

И Христo и Георге се појавија на голема сцена со силен тресок. Првата сезона на „Ицето" во ЦСКА била безмалку последна откако избувливиот селанец доби доживотна казна од бугарскиот сојуз поради вмешаност во тепачката на дербито против Левски Софија во финалето на бугарскиот Куп.

Набрзо казните биле намалени, а „Камата" се вратил на теренот после пар месеци. Патот на Хаџи во меѓувреме бил потрадиционален во фудбалска смисла, но не помирен. Откако се докажал во романската лига со Спортул Студентеск, од Букурешт се јавиле со чудно барање.

Европскиот првак Стеауа Букурешт требал да игра против Динамо Киев во Европскиот Супер Куп и му понудиле на 21-годишниот Хаџи договор за еден натпревар: честа пракса на Стеауа во тоа време. Малиот Хаџи не разочарал, го дал единствениот гол на мечот од слободен удар и ѝ осигурал на Стеауа нов европски трофеј.

По тој момент, Стеауа сакала да го задржи Хаџи, а во тоа им помогнал режимот на Николае Чаушеску поради што клубот од Букурешт се сметал за миленик на режимот.

Во тоа време, за жал на големите ѕвезди не било лесно. Плејмејкерот Хаџи веќе докажан иргач бил поврзан со големите европски клубови, а Стеауа блокирала трансфер во Милан неколку пати. Приказната оди до таму што претседателот на Јувентус Џани Ањели дури и понудил отворање фабрика на ФИАТ во Роамнија во замена за Хаџи.

Исти маки имал и Стоичков поради драконскиот систем за време на комунизмот во Бугарија. Фудбалерите не смееле да ја напуштаат земјата пред 28 години и кариерите им биле блокирани. Двајца репрезентативци потпишале со Порто во 1985. година, но бугарскиот сојуз ги поништил договорите.

Така и Христо и Георги продолжиле да играат за ЦСКА Софија и Стеауа Букурешт и да доминираат во домашните првенства. Хаџи бил дел од генерацијата на клубот која имала серија од 104 натпревари без пораз и која стигнала до финалето на КЕШ во 1989. година, но загубиле од Милан на Ариго Саки. Стоичков исто вршел „тортура" врз бугарските голмани со неговата опасна левица, а најзаслужен бил и за пласманот на ЦСКА во полуфиналето на Европскиот Куп на Купови каде загубиле од Барселона. Неговата кариера кулминирала во 1990. година кога ја добил Златната Копачка за најдобар стрелец во Европа (исто голови со Уго Санчез од Реал Мадрид).

1990. година претставува пресвртница во кариерите на Стоичков и Хаџи. Тогаш започнала и големата трансформација на фудбалот во Европа. Романија се квалификуваше за Мундијалот во Италија на грбот на Бугарија, но стигна само до осминафинале.

Уште поважно за нив беше што и двајцата се преселија во странство. Трансфер за така квалитетни играчи бил предизвик за шпанските гиганти.

Бугаринот после пет години во Софија, се пресели во Барселона каде кариерата му започна „со стил", откако згазнал судија намерно на ногата го казниле два месеци. И покрај тоа, тој даде импресивни 14 голови во лигата и уште 6 во европските натпреварувања.

И покрај валканиот карактер и грубиот јазик, Стоичков набрзо стана еден од најдобрите фудбалери на Европа, особено по доаѓањето на Ромарио со кој сочинуваа страшен тандем. За време на неговиот престој во Каталонија, Ицето стана главен инструмент во Дрим Тимот на Јохан Кројф. Со Кројф освои четири Ла Лига титули и една во Лигата на шампионите.

Набрзо Стоичков влегол во проблем, затоа што Барса морала да ротира меѓу четворицата дозволени странци на теренот, по што Бугаринот седел на клупата а тоа го фрустрирало. Новинарот Сид Лав открил од еден соиграч на Стоичков од тоа време: „Кога беше на клупата, Христо можеше да се степа и со сопствената сенка. Кога беше лут, многу беше незгоден".

Од друга страна, Хаџи не се адаптираше брзо на животот во странство. По Светското 1990, Реал Мадрид издвои 4 милиони долари за романскиот волшебник со топката. Сепак трансферот не се испостави добар затоа што Хаџи јавно се препукуваше со тренерот Џон Тошак.

Реал Мадрид минуваше бурен период и вработи и смени четири тренери за време на престојот на Хаџи во шпанскиот главен град каде освои само еден Супер Куп. Во втората сезона Хаџи се подобри под водство на Радомир Антиќ и Лео Бенхакер кога даде 12 голови, но Кралевите ја загубија титулата во последното коло.

„Тешко е да се загуби титула така, но тоа ми докажа дека мојата судбина не е во Реал", изјави Хаџи на крајот од авантурата во Мадрид.

Наскоро Романецот ги изненади сите и се пресели во Бреша каде тренер му беше сонародникот Мирчеа Луческу, но ниту таму Хаџи не направи голем успех а Бреша испадна од лигата.

„Хади можеше да биде најдобар на светот после Марадона, но тој е голем играч без работна етика. Светското првенство е последна шанса за него", зиајви неговиот менаџер.

Пред СП во САД и Стоичков и Хаџи повеќе беа активни надвор од теренот. Романците имаа репрезентација составена од играчи на Валенсија, ПСВ, Милан и Баер Леверкузен. Бугарите не играа СП уште од 1986 и беа спремни со фудбалери на Порто, Барселона, Хамбург и Рен да направат чудо. И направија.

Хаџи и другарите загубија на пенали од Шведска во четвртфиналето, а Бугарите и покрај поразот од 3:0 од Нигерија, не паднаа и ја совладаа Грција 4:0. Го елиминираа и Мексико и дојдоа да играат против Светскиот првак Германија пред 71.000 гледачи во битката на Давид и Голијат.

По водството на Панцирите преку Лотар Матеус, возврати Стоичков со прекасен слободен удар, а набрзо Јордан Лечков донесе еуфорија во фудбалскиот свет и Бугарија влезе во полуфиналето на СП. Таму загубија од Италија, а подоцна очекувано и од Шведска во мечот за третото место. Стоичков го заврши турнирот со шест голови и ја подели Златната Копачка со Олег Саленко од Русија.

По Мундијалот Хаџи дојде во Шпанија и со Христо требаше да го сочинуваат најдинамичното дуо на времето. За жал, Хаџи никогаш не ја покажа формата од Мундијалот, а Стоичков се скара со управата и Кројф го прати во Парма во 1995. година. Хаџи замина една сезона подоцна.

Христо имаше успех во Италија, се врати во Барселона една година подоцна, но не беше тоа тоа. Играше за клубови од Саудиска Арабија, Јапонија и Амррика, но никогаш не ја достигна формата од Дрим Тимот на Кројф.

Хаџи се пронајде себеси во Истанбул. Настапите за Галатасарај го направија клупска легенда, затоа што за време на 5-годишниот престој во Турција освои пет титули и на 35 години го освои Купот на УЕФА (во финалето го исклуија затоа што намерно го удри Тони Адамс од Арсенал).

Романецот ја заврши кариерата со голем трофеј од Европскиот Супер Куп после победата над Реал Мадрид. На крајот, Хаџи и Стоичков се сметаат за првите Источно Европејци кои успешно ја прескокнале Железната Завеса со западна Европа.