Стивен Џерард е главен во Ливерпул

Стивен Џерард му ги дувна свеќичките од тортата на славеникот Дејвид Мојс. Тренерот на Евертон ги одбележа десетте години како е на кормилото на овој тим, но јубилејот му го уништи капитенот на Ливерпул кој со хет-трик на својот 400. настап го реши големото градско дерби.

Ливерпул и Евертон го одиграа 215-то градско дерби по кое Ливерпул го зголеми салдото на 84 победи во однос на 66 победи на Евертон.

Главна ѕвезда на овој натпревар требаше да биде менаџерот Дејвид Мојс кој на 14 март 2002-та година го презеде клубот и оваа недела ги одбележува десетте години како е на кормилото на овој тим.

Но капитенот на Ливерпул му ја уништи прославата. И тој имаше јубилеј за одбележување, па реши својот 400. настап во премиер лигата да си го прослави со хет-трик против големиот градски ривал.

Тоа беше прв хет-трик на дербито помеѓу Ливерпул и Евертон по пауза од 30 години, а интересно е што ова е прва победа за Ливерпул со Џерард во стартната постава по пауза од една година.

 

14 март 2012 - 09:18