Годината е 1974-та, а местото е стадионот Хејсел во Брисел. Баерн Минхен и Атлетико Мадрид влегоа во битка за титулата шампион на Европа. Првите 90 минути не беа доволни за да се добие победникот, а ниту продолженијата. Според правилата на УЕФА, следи преигрување.
Два дена подоцна, се започнува од почеток. Но овој пат тие 90 минути беа и повеќе од доволни за да се добие новиот европски шампион. Баерн Минхен - Атлетико Мадрид 4:0. Прва европска титула за Баерн Минхен и почеток на златните години за Баварците.
Следната година Баерн Минхен повторно завладеа со Европа. Овој пат во Франција на Паркот на принцовите. Таа 1975-та година, англискиот Лидс Јунајтед застана на патот на минхенската машина, но не успеа да ја сопре. Баерн Минхен славеше со 2:0 и трофејот повторно отиде во Германија. Две финалиња по ред за Баерн без примен гол.
Тоа не беше крајот. Франц Бекенбауер го предводеше германскиот тим во финалето во 1976-та година. Овој пат во Глазгов пред 55.000 гледачи на Хемпден парк, Германците славеа минимална победа против Сент Етјен. Трета година по ред Баерн Минхен ја освојува шампионската титула и тоа без примен гол.
За прв пат во историјата на најелитното европско клупско натпреварување, еден тим успеа да триумфира три сезони по ред. Тоа беше најдобриот период на Баерн Минхен на европската сцена.
Овој Баерн Минхен кој што го гледаме во изминатите неколку сезони во Лигата на шампиони се повеќе потсетува на тој од 70-те и не наведува да мислиме дека Баерн повторно е подготвен да владее на европската сцена.
Барселона ја сметаа за најдобра екипа во последните неколку години. Таму игра пола репрезентација на Шпанија, односно репрезентација која доминира со 2 европски и 1 светска титула во последните години. Таму игра сопственикот на 4 златни топки. Каталонскиот гигант ја покори Европа 3 пати во последните 7 години.
Оваа кратка биографија на Барселона изгледа многу страшно за нивните противници, но Баерн Минхен направи Барселона да изгледа како да игра за прв пат во полуфинале на Лига на шампиони.
Со 2 финалиња во последните 3 изданија на Лигата на шампиони, Баерн Минхен пополека се „загреваше", а гигантот сега е подготвен да се разбуди. Во 2010-та година, кошмарот на Баерн Минхен се викапе Мурињо. Тие тогаш ја имаа таа „среќа" да се судрат со тимот на „специјалниот" во чии редови беше и Горан Пандев. Вториот пат беше минатата година кога Баерн Минхен болно го загуби финалето пред своја публика по лотаријата со изведување на пенали.
Сега нивниот настап на теренот дава слика за предвидувања со посреќен крај. Тие го освоија јубилејното 50-то издание на Бундеслигата на 6 кола поред крајот со 20 поени предност во однос на второпласираната Борусија Дортмунд.
Овие бројки говорат за супериорноста на Баерн Минхен оваа сезона. Прикажаното на теренот, фактите и бројките говорат дека германската машина повторно работи под полна пареа и е подготвена да ги прегази сите кои ќе им застанат на патот.