Србите, Турците, Германците, Русите не прекинуваат со фудбал

И покрај тоа што во Србија до денес на пладне се регистрирани 31 случаи позитивни на Ковид-19, српската влада долго време беше на ставот да нема публика само во затворени места (сали), а попладнево одлучи да се игра и фудбал без гледачи.

ГЕРМАНИЈА

Раководството на германската Бундеслига денес (петок) изутрина ги разгледувало ефектите на коронавирусот и предложиле прекин на Бундеслига и Бундеслига 2 но дури после овој викенд, од вторник.

Ова значи дека викендов ќе има фудбал во Германија без публика, и покрај тоа што во оваа земја до синоќа беа регистрирани 2.369 заразени лица од Ковид-19 меѓу кои и двајца фудбалери на Хановер од Бундеслига 2.

Предлогот го доставиле до Генералното собрание на DFB кое ќе заседава во понеделник кога се очекува официјална суспензија на фудбалот во Германија до 2. април. Ќе се одложат и пријателските натпревари на репрезентацијата.

ТУРЦИЈА

Земјата со преку 80 милиони жители досега пријави само 2 позитивни случаи на коронавирус.

Турските фудбалски власти долго време оддолеваа на притисоците да ја суспендираат лигата, таму до доцна во четвртокот важеше одлуката сите натпревари да се играат со гледачи, а меѓу нив и најголемото дерби Галатасарај - Бешикташ.

Но последните информации од Турција велат дека натпреварите ќе се играат без публика и тоа до почетокот на април.

СРБИЈА

Српската фудбалска лига, за разлика од мнозинството првенства ширум Европа, планираше да ги одигра натпреварите со присуство на публика, но претпладнево премиерката Ана Брнабиќ соопштила дека се воведува и забрана за присуство на гледачи на стадионите, а не само во салите како што беше до синоќа.

Белградска Црвена звезда планираше да слави 75 години од своето основање, па навивачите на овој клуб спремаа прослава и фешта за време на натпреварот против Напредак (сабота, 18.00).

РУСИЈА

Надлежните органи во Руската Федерација објавија 34 случаи позитивни на новиот вирус. А фудбалската федерација на оваа земја уште пред неколку дена донесе одлука сите натпревари викендов да се играат како што е планирано, со тоа што на стадионите во Москва ќе нема публика (затворени трибини за гледачи), а за останатите градови е оставено локалните самоуправи сами да одлучуваат.

Фудбалските првенства не се одложени и натпревари ќе се играат пред празни трибини во: Црна Гора, Унгарија, Израел, Полска, Шкотска и Украина.

ШТО СÈ Е ОДЛОЖЕНО ВО СВЕТОТ?

Официјално одложени се: Премиер лига, Серија А, Ла Лига, Лига 1, Лига на шампиони, Лига Европа, првенствата на Хрватска, БиХ, Словенија, Австрија, Швајцарија, Бугарија, Романија, Чешка, Грција, Данска и Норвешка.

Во сите овие првенства нема да има фудбал до почетокот на април.

На крајот по сите пренемагања и Премиер лига, последна од сите реши да ги суспендира сите натпревари до 3. април. Ова доаѓа откако тројца играчи на Лестер, еден на Челси и тренерот на Арсенал биле позитивни на тестирањето за Ковид-19.

УЕФА исто во петокот напладне донесе одлука на неопределено време да ги одложи натпреварите од Лига на шампиони и Лига Европа, а за вторник на 17. март е закажан самит во форма на видео-конференција на кој учествуваат сите сојузи на 55 земји членки, како и Здружението на асоцијации на фудбалери и ФИФПро.

Главна тема на конференцијата ќе биде Европското 2020 година кое по се изгледа ќе се одложи за некои подобри времиња. Проблем е што првпат во историјата требаше да се игра во 12 градови а во актуелната ситуација во Европа тоа е речиси невозможно. Барем на неопределено време.

Одложени се сите најголеми тениски турнири, суспендирани се НБА и Евролига како и регионалната АБА лига. Суспендирани се и речиси сите првенства во останатите спортови во Европа.

Состојбата е редовна во Јужна Америка каде и натаму се практикува спорт без поголеми пречки.

13 март 2020 - 12:37