После епохалниот успех против Германија за кој ќе зборуваат генерации, за почеток, како си? Си дојде ли на себе по цела еуфорија?
- Убаво е многу. Поготово што знаеме во каква лоша состојба ни беше фудбалот во Македонија, па сега ни се дешаваат убави работи. Стварно се надевам дека ова ќе продолжи и во иднина и дека Македонија ќе влече уште репрезентативци, добри играчи. Во моментов репрезентацијата располага со одлични играчи но сите сме во некоја фаза пред крај со репрезентативни обврски. Се надевам дека ќе има уште нови играчи кои ќе даваат максимум за македонскиот дрес.
Скопско дете си, од населбата Млечен. Се појави една фотографија од култното игралиште на Млечен која што ти ја сподели на социјалните мрежи со натпис „Тука почна сè“. Како почна сè?
- Да! Баш таму сум израснат, кај кошот. Основно школо завршив во „Војдан Чернодрински“. Тука го поминав скоро цело детство до мои 17 години, а потоа ја напуштив Македонија, отидов во Италија и надвор сум ден-денес. Како и секое мало дете, така и јас сакав спорт, поготово фудбал. Секојдневние поминато со топка, со дружба.
Првите сериозни тренинзи на помошното игралиште на Градски, во ФК Вардар, но не го носеше долго црвено-црниот дрес.
- До 17 години ги пројдов сите категории во Вардар, кадетски, младински, па до прв тим, но за жал ситуацијата е таква каква што е. Секој талент што малку испливува на површина, за жал мора да ја напушти државата на млади години за да се развие во посериозен играч. Моето патешествие почна во Италија.
Каква беше реакцијата кај тебе кога дозна дека следна дестинација ти е фудбалска земја како Италија?
- Отидов на проба во младинскиот погон на Парма и многу бргу, лесно се договоривме. Тогаш имав 17 години и размислував само на фудбал. Тие големи клубови за жал ретко гледаат наш пазар, така што треба ние прво да се докажеме, да се пробиеме за да дојдеме до некој голем резултат. Потпишав со Парма 5-годишен договор. Одиграв 6 месеци за кадетска категорија, па следната година со младинци. Следуваше период на позајмици кога се оформував во втора и трета лига и тогаш почна приказната во Италија.
Да бидам искрен до 20-21 година што се вика не знаев ни колку плата земам, ни ништо, зошто бев во голема еуфорија. Фудбалот ми беше се, живеев со фудбалот. Кога моите другари знаеа да искочат преку викенд, јас сум се затворал, сум легнувал порано за да станам рано за тренинг. Поднесуваш жртва. Внатрешно во мене знаев дека можам и сакам да стигнам некој ден до некое високо ниво.
Тогаш не се ни разбирав во тие договори, клаузули. Не ни знаев како течат тие цели работи. Јас не доаѓам од спортска фамилија. Буквално тргнав како самостален и се оформував како самостален фудбалер. Не ме интересираа финансии гледав само да се стабилизирам, да научам полека јазик, да се оформам како личност и како фудбалер. До ден денес го практикувам тоа и го пренесувам на помладите играчи, прво е важно да се оформат како луѓе и како играчи па се останато ќе дојде.
Нова средина, нов менталитет?
- Така почна мојата приказна, на 20-21 година веќе на тие позајмици играв во први екипи (Кротоне, Фрозиноне, Бари, Латина) се калев и веќе ти се отвораат некои врати, сфаќаш што е суштината на фудбалот и дека ти, да бидеме реални не можеш да живееш од воздух и не знам од што. Тоа е се убаво таа еуфорија да те држи како атлета. Полека почнав да барам минутажа во тие пониски лиги, втора и трета кои се рангираат многу добро. И останав добри седум години во Италија каде се развив.
За Парма Ристовски дебитираше на 31 август во 1. коло од новата сезона во Серија А на гости кај Чезена кога во 82’ минута го замени Матија Касани и стана четврт Македонец кој заиграл во елитното калчо после Панчев, Пандев и Агим Ибраими.
Следен перон на фудбалскиот пат на Рики стана Ријека, еден од поубавите европски градови и најсимпатични клубови во регионов. Како ја доживеа таа селидба? Како го дочека моментот од една Италија да одиш во делумно поскромна лига по квалитет но во преубав град на море со отворени луѓе?
- Тоа е тек приказна! Јас инсистирав да останам во Италија. Имав некоја чудна бариера каде не сакав да се враќам на Балкан. Но со моето стапнување на тло во Ријека, сфатив дека тоа е мој животен потег и тоа секогаш го кажувам.
На „Кантрида“ дојде на барање на словенечкиот стратег Матјаж Кек.
- Да, после неколку телефонски разговори прифатив. Искрено на прва не бев многу загреан ама со сугестии на бивши играчи што поминале во Ријека, а и клубот тогаш беше во една добра еуфорија и финансиски добро стоеше. Ми се склопи некако цела прича, го прифатив тој предизвик и стварно се исплатеше. Со враќањето на Балкан или Хрватска како год го кажете, живнав. Стандардно играв, освоивме како што знаете дупла круна, прва историска титула и Куп после толку години. Буквално се препородив и играчки. Ми легна таа промена во хрватскиот фудбал.
Армада важи за една од пожестоки публики во нашиов регион, со луда приврзаност за клубот Ријека. Првата титула се прослави со бакљада на отворено море, со регата со песна по Јадранот.
- Лудило беше! Прва титула во клуб каде ја очекуваат толку долго време. Направивме историја. Навивачи ко навивачи, со самите игри можеш да ги придобиеш или не. Ако пружаш слаби игри сигурно нема да те сакаат зошто само го носиш дресот. Тогаш Ријека имаше добра конкуренција, добра екипа со врхунски тренер (Словенецот Матјаж Кек) кој буквално го вадеше максикумот од секој играч. Ја сфати поентата на фудбалот, со самиот пристап против ривалите направивме еден историски успех кој ќе се памети уште долго. Драго ми е за тој град што му донесовме титула. Многу убава приказна. Тој период заедно со пласманов на Европско ми се број 1 во кариерата. Преубаво нешто.
(Матјаж Кек стана рекордер по број на победи и трофеи со Ријека па од 2018 е селектор на Словенија).
На 5. август 2017 Дамир Мишковиќ, претседателот на Ријека објави дека договорен е трансфер на Ристовски во Спортинг Лисабон вреден 2,5 милиони евра. Оваа вест ја воодушеви цела македонска јавност, репрезентативниот десен бек потпиша со гигант.
Стефан дебитираше за Спортинг на 12 септември 2017 и тоа во триумфот во Лига на шампиони 2:“ на гости кај Олимпијакос.
Ново поглавје во твојата кариера. Од Ријека одиш во Спортинг кој е една сериозно многу подруга димензија, подалеку и од Ријека и од сите дотогашни клубови.
- Видете, јас во еден момент стигнав до прв тим на Парма, ама не ја сфатив толку озбилно работата како што ја сфатив во Спортинг. Во Спортинг отидов по трансфер, Спортинг мене ме плати добри пари. Од Рујевица од Ријека од публика 6.000 отидов на 40.000 навивачи! Тоа беше за мене еден голем залак во кариерата каде ми требаше стварно добри два-три месеци да ми легне се тоа.
- Од Ријека си отидов во еден еуфоричен период каде игравме и Лига на шампиони, но Ријека мораше да ме продаде. Да бидеме искрени, клубот живее од трансфери, немаат големи примања од тв права како во овие топ лиги. Тогаш ми се случи тој преокрет нагло, буквално со жена ми со куфер отидовме таму. Ми требаше време да спласне се зошто екипата беше веќе во натпреварувачки ритам вратена од припреми, така што застанав со некој гард на почеток, да видам како што.
- Цел тој медиумски свет што се врти околу Спортинг... Порто, Спортинг и Бенфика важат за великани во европскиот фудбал без разлика што португалската лига малку заостанува зад другиве топ лиги, но тие три клуба се константно на едно високо ниво. Првпат го запознав Лисабон, првпат се сретнав со толкава публика, со медиумска покриеност, новинари, лудило, со тој фудбалски свет со тие ѕвезди.
- Одеднаш ми се случи тој преокрет и ти немаш време да се жалиш да кукаш. Тие клубови те купуваат за да влезеш во таа машинерија и не ти даваат простор, мораш да запнеш да покажеш зошто те купиле.
- На крај останав четири години. Таму ми се роди и син. Преубави години. Најголемо искуство во мојот живот и драго ми е што пројдов во таков клуб.
Често беше и единствен Македонец во еврокупови. Со големо внимание те следевме во Спортинг како и претходно во Ријека.
- Така е. Првпат заиграв Лига на шампиони, Лига Европа со озбилни екипи и тоа ми дојде во прав момент. И без разлика што на крај така се заврши таа приказна, кога ќе соберам сè на сè, преубав момент од животот. Навивачите се луди, ме сакаат и почитуваат ден-денес. Освоив три Купа на Португалија и со нив. Голем клуб.
Какво е чувството да се излезе на дерби со Порто, Бенфика на гости пред 55-60.000 противнички навивачи? Морници лазат?
- Играв да, и со Порто на „Драгао“ и со Бенфика на „Луж“. Првата година тоа е некако и под трема, се стегаш, ама кога ќе влезеш на терен се губи тремата со тек на време. Како поминува време, втора, трета, четврта година се навикнуваш да се носиш со притисокот. Убаво е стварно е убаво. За тоа се живее! Фудбал се игра за публика, за спектакли. Тоа се стварно големи дербија кои е доживљај да се играат. Искрено горд сум на тие дербија што сум ги играл и тоа ми има помогнато доста за во иднина кога се среќавав со тие големи репрезентации и екипи со такви жешки амбиенти.
Бруно Фернандеш, денес најдобриот фудбалер во Премиер лига. Приметно е дека ти е многу близок другар. Кога се запознавте првпат, како се најдовте „на прва“?
- Бруно ми е ден-денес ко брат роден. Се слушаме константно и мило ми е за тоа. Он беше во Спортинг кога јас дојдов во Лисабон. Заедно сме од почеток. Се разви тоа пријателство и надвор од фудбал, и ете остана до ден-денес. Сакам да го донесам во Македонија! Он игра за Манчестер а не е свесен колку овде го пратат и го сакаат.
Што да кажам за таква ѕвезда? Кога човек ќе направи трансфер од 50 милиони евра, што повеќе да збориме? Капа доле и тоа е тоа. Број еден играч. Знам колку сакаше да направи трансфер во Англија, држеше до себе и на крај му се исполни таа желба.
Рики, можеш ли одблизу да ни го раскажеш страшниот изненаден упад на дел од навивачите кога влегоа во базата и брутално ве нападнаа вас играчите наводно поради слаби резултати и што не сте обезбедиле Лига на шампиони. Што точно беше тоа? Се менуваа претседатели, управа, црн облак над Спортинг во еден период.
- Тоа се деси спонтано и беше страшно. Никогаш не очекував дека во Спортинг ќе ми се деси. Тоа е кога ќе се вмешаат разни прсти... После беа уапсени и претседатели и воџи на навијачи, тоа отиде во некој долг процес. Имавме да доиграме уште финале на Куп против Авес ама се двоумевме дали да излеземе на терен. Финалето го одигравме без ниеден тренинг. Пола играчи си отидоа во своите држави, не беше сигурно. Имаш право во таква ситуација да раскинеш договор на штета на клуб. Голема трагедија буквално. Тоа се нема десено во фудбал некој така да нападне играчи, многу фудбалери беа повредени. Уапсени беа повеќе од 40 навивачи за тој упад, претседателот итн. Бевме после и на суд на сведочење и како што си е редот сè.
- После дојде смена на тој стариот претседател и управата. Спортинг не е приватен клуб, туку е клуб каде што има избори на секои четири години за мандат, ново гласање за претседател. Тој стариот претседател доби и суспензија да не смее да работи во фудбал.
- Дојде нов претседател кој работи сјајно, во моментов се први, мислам дека ќе бидат и шампиони. Рубен Аморим е одличен тренер, направи голем пресврт, ја подмлади цела екипа и тоа се одразува на терен.
Со кој тренер какво искуство имаше во Лисабон?
- Со Жорж Жезус што беше тренер и на Бенфика, па на Фламенго во Бразил. Он е сигурно во Топ10 тренери на свет! Успешен и трофеен тренер. Последно со Фламенго освои Копа Либертадорес и првенство и сè. Тренер број 1 Португалец. Он мене ме донесе во Спортинг.
Многу голем зналец! Како и секој тренер, како и секој човек си има свои маани, па така и он нормално. Човекот не збори ниеден друг јазик, не е стрплив, сака одма да влезеш во цела таа машинерија и генерално тоа му е некој ако може да се каже проблем што го зборат странските играчи, али откако ќе го научиш португалскиот се тоа спласнува и сфаќаш колку голем стручњак е.
Он е во принцип многу добар човек, во години е, ама страшно разбира фудбал. Кога играш Лига шампиони, првенство, два Купа, ти и да не играш стандардно, се прават константно ротации за секого и ти секако би изиграл 30 утакмици во сезоната што е сосема доволно. Во фудбалот веќе имаш три-четири играчи стандардни, другото горе доле мораш да го ротираш.
Освои драгоцени трофеи со Спортинг. Која ти е најдрага прослава на освоен пехар?
- Никогаш нема да ја заборавам прославата на освоениот Лига Куп чие финале се игра на разни стадиони. Овој освоен во Брага, а ние имавме пречек сабајле во 3 после полноќ во Лисабон кога цел наш стадион „Алваладе“ беше полн. Голема фешта сред ноќ. Го сакаат клубот неверојатно. Тоа го немам доживеано на ниту едно друго место.
Те препознаваа ли на улица, ти дофрлаа ли некогаш навивачи на Порто, на Бенфика?
- Генерално те поштуваат. Тоа е права ствар, знаат да ценат, таа еуфорија околу фудбал како што е во Португал, на ретко кое друго место ја има. Репрезентација следат, ама не како за клубот, со клубот живеат 24 саати!
Што бидна со Спортинг? Зошто пукна тиквата?
- Видете, во кратко време се случи сè. Во Лисабон ми се искомплицираа работите откако ми беше кажано од управата отворено дека сакаат да земат друг бек и ќе бидам во втор план, ама дека сум тука важен играч, дека само ако дојде некоја сериозна понуда да седнеме да се договориме.
Во принцип меѓу редови ми беше така кажано, ама јас не сакав да чујам. Тогаш бев во одлична форма, со репрезентација исто давав голови и се беше како што треба. И си имав некое свое ја, после 4 такви години да дојде некој така да ми земе ред, не сакав да простам. Од оваа гледна точка кога ќе размислам, можеби можев да се смирам со некои потези и страсти.
Избрзав во таа недела, тие десет дена каде што направив некои мини проблеми, стварите се искомплицираа, бев тргнат од првиот тим, не си отидов тој преоден рок летоска зошто мислев дека ќе бидам вратен во првиот тим наводно, ама не бев вратен. Почекав да дојде зимски преоден рок, имаше преговори со различни екипи со кои не се договорив и како стоеа работите решив да чекам.
Шампионски Динамо како шлаг на тортата?
- Кога ми се јави Динамо се договорив во два дена. Тоа го кажувам и за хрватски медиуми. Сакав да му вратам на Динамо тоа што ми го пружи зошто бев во некоја „клин ситуација“. Бев под договор во Спортинг, па требаше да ми се плати и трансфер. Доста екипи не сакаа да слушнат трансфер, туку само позајмица со право на откуп, ама јас инсистирав, сакав да си отидам буквално под трансфер никакви позајмици.
Динамо беше тука единствен кој покажа карактер. Јас им дадов зелено светло и трансферот се деси буквално во два дена. Среќен сум што они се најдоа во прав момент и мислам дека се исплати тоа и еве да не урочам работите идат многу добро.
Бед Блу Бојс? Сега во услови на пандемија не е дозволен влез на гледачи. Дали доаѓаат на тренинг да ве бодрат или надвор некаде?
- На тренинг не дошле сезонава уште. Али дојдоа после Тотенхем, имаше убава прослава тука под Максимир знаете, со бакљи со се, голем успех прославивме. Навивачи ко навивачи. Јас не се петљам во тие приказни меѓу нив и Здравко (Мамиќ), јас сум професионалец, гледам теренот само и така и ќе се понашам до мојот последен ден тука.
На Максимир клупската кариера ти се освежи на некој начин, како на времето во Ријека кога се препороди.
- Буквално. Брзо се уверив во квалитетот кој го поседува Динамо, начинот на кој размислуваат, пристапот кон првенство и еврокупови. Точно се гледа дека сакаат и знаат што прават. Барав таков профил на клуб зошто сметам дека уште можам да дадам многу и во европски и во домашен првенствен фудбал. Динамо беше прав клуб кој дојде во право време и кога се појави тој интерес реков тоа е тоа! Јас имам менаџери, но овојпат ми се јавија и мене директно, ме знаат, зборувавме на хрватски.
Дали братот од репрезентација Аријан Адеми те запозна веднаш со тимот, те адаптираше на средината?
- Да, да, нормално. Адеми е капитен тука, големо име во хрватскиот фудбал. Без разлика и да не беше он тука, јас веќе сум оформен карактерно и играчки така што ја знам хрватската лига и не ми требаше многу време да се стабилизирам. Веќе 12-13 години сум надвор, знам како се дише надвор. Али Адеми си е Адеми. Тука е до мене 24 саати, се дружиме и надвор од терен, супер дечко е!
Можеш ли да повлечеш паралела со неговиот случај кога по таа суспензија кога Адеми ја доби, Динамо му излезе во пресрет да тренира со нив, го задржија под договор а тој се оддолжи со неверојатни партии и стана капитен.
- Да. Нему и македонска репрезентација му се најде во право време. Он ако паметите постигна гол за репрезентација на првата утакмица после суспензија. Му се врати ете и да се пласира на Европско и во Динамо да игра во страшна форма во Лига на шампиони, Лига Европа и искрено верувам дека ќе му се исполни желбата да се продаде, да направи трансфер во странство.
Го урнавте Тотенхем после пораз во Лондон, а од двомечот излезе сјајна приказна дека Мурињо ти подарил тренерка со потпис и посвета. Како дојде до тоа?
- Кога изгубивме со 2-0 во Лондон, криво ни беше зошто верувавме дека можеме да изгубиме и со помалку, макар со 1-0 што е добар резултат со таков гигант. Како проаѓаше време ние потајно верувавме. Медиумски веќе бевме отпишани, испаднати. Али ние внатрешно верувавме, имавме надеж дека ќе пројдеме. И таков беше пристапот кроз таа цела недела, спремањето на утакмицата беше сериозно сфатено, сериозно се припемавме и резултатот не се деси случајно. Искочивме и згазивме! Како забиваш голови повеќе и повеќе те фаќа еуфорија, на противникот му влезе вода во уши и нема што да бара. Забивме два гола на време, третиот исто во прав момент и на крај затворивме како треба. Голем успех. Одекна во Европа!
Тоа и Мурињо ни го кажа после во соблекувална дека фудбалот се игра во муда и со срце.
А со потегот со тренерката ја докажа неговата големина. Он ме знае. Прати генерално многу фудбал и знае се, нормално знае дека сум играл во Португалија.
Таму (во Лондон) после утакмица прв ми пријде и на португалски ми рече: „Годинава два трофеи ќе земеш а?“, го прашав како тоа? Па вика со Спортинг и со Динамо. (и Спортинг и Динамо се први во своите лиги).
После утакмица му се јавив на Горан (Пандев), му викам Гоки те молам, сакам маица од него, ќе му пишеш ли, вика одма. И му пишал. И он му одговорил, нема проблем за Стефан, голем играч е, му носам во Загреб на реваншот.
Како проаѓа време, јас ни на крај памет дека он мене маица ќе ми донесе. Заборавив. Пред да излеземе на загревање, чука на врата во соблекувална и он со маицата за мене стои на врата. Мислев маица само. Ама како ја отворам маицата, цел натпис за мене со посвета човече. Рацете ми се потат ден-денес кога зборам за ова. Тоа го однесов во Скопје. Ќе си го урамам и ќе си го чувам за цел живот. Величина. Такви потези прават само големи луѓе. Тоа ќе ти остане утре и на синови и на прасинови. На таков пораз, он дојде и ни честиташе, замисли, да бевме ние Балканци ќе се испотепавме, а он дојде и ни честиташе и чао пријатно.
Да се вратиме таму каде што почнавме, на репрезентацијата. Не чека една многу убава приказна – Европско првенство. Ама не беше се така од почеток. Помина бурен период во репрезентација, слаби резултати, бледа посета на трибини, промашени циклуси. Дали некогаш помисли да ја затвориш сторијата со националниот тим?
- Добро кажавте. Што е најжално немавме ни турбуленции него константно имаше лоши резултати. Ти да имаш турбуленции ќе се дигнеш некогаш, ама ние паѓавме постојано.
Фалеше организација. За мене организациски дел е најважен за било што да е, дали е спорт дали е работа, ако не си организиран резултатите нема да ти дојдат.
Буквално бевме во дупка и искрено сум размислувал да не играм, да се откажам, ама од друга страна ми било срам тоа да го направам. Си викам кој сум па јас тоа да го направам на 26-27 години кога е тешко, кога треба да се помогне.
Низ репрезентација поминаа над 300 имиња, тоа беше секој собир разни играчи. Али за среќа ете, дојде човек каков што е Игор Ангеловски.
Тука те чекавме. Каков е Мрме?
- Уште од првиот состанок дојде и отворено кажа: „Дечки јас сум тука само за едно нешто, тоа е Европско првенство“. Во тоа време сите му се смееа, да се разбереме. А човекот веруваше и постепено, постепено стигна до тоа што многу генерации го сонувале.
Мрме првенствено е човек према тебе. Прав човек према целата соблекувална. Он буквално живее со нас. Не сака никогаш да ни става до знаење дека е над нас, туку со нас паралелно и тоа го практикува. Знае кога да подвикне, знае кога да се нашали, се во право време!
Мислам дека и резултатски му се враќа и соблекувалната, играчкиот кадар му враќа на прав начин. Пред се е пријател со нас. Ако ви кажам дека ако не секој, па секој втор ден се слуша со нас и тоа ви е прав показател колку се почитуваме. Мислам утре и да не е он селектор тој контакт ќе остане така цврст. Знае што сака, искрен е во намерите и тоа му се враќа. Мрме го знае нашиот квалитет, знае како да ја постави екипата и тоа се одразува. Мислам дека Македонија го има правиот човек на чело.
Збор два да ни кажеш за атмосферата во соблекувална. Ти си секогаш прв за расположение, весел и задолжен за супер амбиент, за мајтап. Кој ти парира во тоа?
- Има тука многу заебани играчи (се смее). Ама прв би го ставил Џани Алиоски. Секогаш.
На тие состаноци и средби се играат пантомими, мантомими, се дешаваат разни зафрканции и има смеење до солзи. Кога сте затворени во овој период на пандемија, малку е и напорно, одделени сме од фамилии, тежок е овој цел распоред да се носиш со се, така што се дружиме постојано колку можеме, има ручеци, вечери... Атмосферата е стварно супер. Таму сме веќе долго време, 5 години заедно. Буквално се знаеме како дишеме еден со друг. Ќе следи убав период верувајте.
Моментот со тапанот при прославата беше хит.
- Да, да! Весело ептен и верувам ќе има уште такви моменти.
За Европското во Букурешт УЕФА најави дека ќе има најмалку 25% од капацитетот на Националната Арена за натпреварите од Евро. Во која мера ти значи тоа што нема да има полн стадион, ама макар неколку илјади наши македонски навивачи, да слушнеш хук од трибини?
- Па како не, многу ќе значи. Јас сум сонувал некогаш за тоа Европско кога сум бил млад, така што знам како е и од таа страна (од навивачки аспект), што е за едно Македонче да дојде да гледа европска Македонија! И да бидат 5% и да бидат 10%, ние ќе дадеме од наша страна максимум. Се надевам дека ќе пуштат навивачи, да дојдат Македонци бар да осетиме колку толку тоа македонско грло да запее. Здравје, има време, ситуацијава се мења од ден на ден, ништо не е сигурно за жал.
Низ кариерата играше на велелепни стадиони. Во Лига на шампиони, во Лига Европа, во Серија А, во Португалија. Кој стадион ти оставил најсилен впечаток?
- Сега сезонава играв Краснодар, Тотенхем... Другачие е кога ќе доживееш празен и полн стадион, ама сериозно подругачие. Стадионот „Вајт Харт Лејн“ на Тотенхем како инфраструктура за мене е чудо! И најнов и најмодерен и се најсовремено на него. Ама беше празен кога игравме (Тотнем - Динамо З.) па другачие го доживуваш. Сум играл на „Вембли“ кој е преубав и беше пун. Нашиот исто на Спортинг „Аваладе“ е исто многу убав особено кога е цел полн до крај. Сум играл и на „Камп Ноу“ преполн и на „Ванда Метрополитано“ на Атлетико Мадрид, стварно се преубави стадиони, ама пак ќе кажам со публика е 100 пати подобро.
Си ги размислувал ли ривалите во група? Како ќе се справиме со Австрија, Украина и Холандија? Колку бодови може да освоиме?
- Видете, (се смее на глас) штом Мрме кажа дека идеме таму да одиграме повише од 3 утакмици, тоа аутоматски се знае дека целта ни е да пројдеме група. Е сега како ќе биде, што ќе биде, ние идеме таму и нема што да изгубиме. Идеме со отворен гард. Ги знаеме нашите квалитети, знаеме како да играме со големи репрезентации, знаеме да играме и со помали али таму нема мали, таму си на Европско првенство, се гледа секој даден гол секој примен гол... Ќе видиме ако ни се поклопат коцки и среќа малце се надевам ќе се исплати цела авантура.
Апсолутно е така. Да ставиме шлаг на приказнава. Кажи ни што тоа се случи во Германија? Како бидна таа лудница? Во Скопје, во Македонија никој не можеше да поверува што не снајде?
- Да, да. И јас како пројде ден-два, си викав што напрајвме, знаеш, сам си викав што се случи. Видете кога не верувате во нешто стварно нема шанси да ви се деси. Горан кога отиде на прес-конференција он кажа ќе се деси чудо. Чудо и се деси! На состанокот пред утакмица и Мрме (селекторот Ангеловски) кажа: „Дечки, Горан спомна дека ќе се случи чудо, јас верувам во тоа чудо. Го знам вашиот квалитет вика, искочете и играјте фудбал. И да изгубиме 5:0, да изгубиме мушки. Ние имаме репрезентација, тоа го зборувам за медиумиве низ цел овој период што проаѓа, кога сме комплетни јас можам да се супротставам на секоја репрезентација моментално! Не го зборам ова сега еуфорично ко Македонец, него зборам од играчко искуство. Со тој наш среден ред од Барди, Адеми, Елиф, јас можам да се супротставам на секоја репрезентација! Е сега, нормално треба да имаш и малце среќа, позитивен ден.
- Нас кога ни фалат два-тројца играчи тогаш имаме проблем... Ние не сме од типот на Италија, Шпанија, Хрватска со голем фонд на играчи. За жал, ние сме, да не кажам лимитирани со фонд на играчи. Ама кога сме комплет, јас идам буквално во војна со овие играчи!
- Тоа се покажа и во Германија. Одлично ја спремивме тактички утакмицата. Останавме одлични во два блока. Против такви репрезентации ти не можеш да се отвориш превише да играш фудбал. Ние се одбранивме добро и игравме многу многу добро преку контра-напади што е права реткост против големи селекции кога игра некој.
Мрме изненади што остана доследен на 3-5-2, не отстапи. И говорот на тело кога излеговте на терен како да беше: „Им идеме сега па што биде нека биде“. Ни во еден момент немавте ништо од тој менталитет од порано да се чека само време да помине.
- Така е, да. Излеговме во 3-5-2 каде што и јас играв во таа задна линија. Он ме спушти тука во последна линија. Тенки сме назад, тенки, ама се крпиме сега како е така е. Кога играш еуфорично утакмици можеш да играш на која било позиција. Битно ние знаевме кој каде трча, кој како се движи, тоа е многу битно.
Како добиваш резултати, како добиваш противници,тебе репрезентативниот дух ти се дига и добиваш самопоуздање. Порано немавме првично самопоуздање, немаш идеја. Сега веќе ти знаеш кој како каде што прави, ги знаеш карактеристиките на секој играч, се знаеме долго време, играме во озбилни клубови, во озбилни лиги така што другачие е веќе се тоа, другачии е воздухот во соблекувалната. Сега сме озбилни играчи, знаеме што сакаме и тоа го покажуваме на терен. Европска селекција сме и мора така да се понашаме сакале или нејќеле.
Обавезен си да покажеш добра игра. Ти можеш да изгубиш, али покажи дека вредиш и дека не си случајно таму. Моментално е многу убаво да си репрезентативец на Македонија и верувам дека на тие помлади дечки ова ќе им биде права една порака и поттик за да се докажат и да дојдат еден ден во репрезентација и да знаат да го почитуваат дресот.
Порано не се почитуваше дресот воопшто. Тргам од мене, така што сега е сменет концептот и начинот на размислување во целост. Верувам дека ќе продолжи во иднина така и со други генерации.
За крај, да ти посакаме уште поуспешна сезона, уште поуспешни моменти. Да си првенствено здрав и ти и твоите најблиски, да ти заблагодариме на разговорот.
- Фала ви и на вас браќа, па се дружиме и гледаме на Европско!