Фудбалерите на ПСЖ синоќа пукнаа петарда на тврдиот терен против Сент Етјен, но џабе им се тие високи победи. Единсон Кавани има сезона од соништата со 35 гола исто колку Меси, но што вреди кога ПСЖ има 86 бода кои се малку за нова титула.
Вистинска сезона од соништата имаат Фалкао, Мбапе и другарите кои по пауза од 17 години ја враќаат шампионската титула во Монако. Викендов славеа 4:0 против Лил со кои остануваат на +3 од ПСЖ, со таа разлика што до крајот на сезоната имаат уште два натпревари.
Монако во среда игра дома против Сент Етјен, а во сабота му гостува на Рен. На Парижаните им преостанува уште дуелот против Каен на кој треба да шутираат кошаркарски тројки за да стигнат до титулата, со други зборови тоа не е можно.
Со бод против Сент Етјен, во среда Монако и математички е шампион на Франција, но и да загубат нема место за паника. Монако ќе ја освои титулата и со два порази на мечевите со Сент Етјен и Рен, бидејќи ако тоа се случи, а ПСЖ на крај победи, со ист број на бодови се знае кој е подобар во гол разлика.
ПСЖ во моментов има 86 дадени и 26 примени голови, а Монако е тотално полуден со гол разлика 102:29. Само една екипа во Европа е поефикасна од нив сезоната, тоа е Барселона со 112 постигнати голови. Блиску до Монако е и Реал Мадрид кој синоќа стигна до бројка од 100.
Фудбалерите на Монако имаат постигнато гол на последните 30 средби и немаат ниту еден пораз во вториот дел од сезоната. Сезонава го срушија рекордот на постигнати голови, а стариот им изнесуваше 79.
Ако постигнат уште еден гол ќе влезат во топ 3 екипи со најмногу постигнати голови во историјата на прволигашкиот фудбал во Франција. Другите две екипи се Расинг Клуб Париз и Реимс во 60-те.
Тоа што има уште поголема тежина во оваа титула на која и фали само официјализирање е што по четири сезони ја прекинуваат доминацијата на ПСЖ кој со сериозни пари од Емирот на Катар направи топ доминантна екипа.
Монако успеа со многу работа и труд да стигне до посакувана цел во која учествуваа сите во клубот почнувајќи од спортскиот директор од Шпанија Антонио Кордон, па се до португалскиот стратег Леонардо Жардим чија филозофија на игра е напаѓачкиот фудбал.
Го врати од мртвите Фалкао кој по две години молк во Премиер лигата во моментов има 21 гол, а зад него е откритието на сезоната Килиан Мбапе кој со 18 години стигна до 14 погодоци во домашното првенство. Тука се и Фабињо, Силва, Бакајоко, Лемар, Менди...потенцијални засилувања во најголеми европски клубови.
Монако сезонава не целеше само на титулата во Франција, туку беше конкурентен на сите полиња. Домашните купови ги загуби од ПСЖ во финишот. Купот на Франција во полуфинале, а Лига Купот во финале.
Во Лига на шампиони извади многу повеќе од очекуваното. Во групна фаза заврши прв, а потоа успеа да ги мине осминафиналето и четвртфиналето и тоа со по 6 постигнати голови против Манчестер Сити и Борусија Дортмунд. Јувентус им беше преголем залак, но никој не може да им замери, бидејќи Монако сезонава е празник за очи.