Едноставно не можеме да си дозволиме ваква работа во моментов. Трошоците мора дополнително да се намалат за да можеме да го продолжиме развојот што е можно поскоро, изјави Извршниот директор Томас Шефер.
Компанијата од Волфсбург забележа загуба од 182 милиони евра во третиот квартал од годинава, што ѝ е прв минус уште од 2020 година, кога индустријата беше погодена од пандемијата на коронавирусот.
Како причини за кризата се наведуваат слабите деловни резултати во Кина и трошоците за реструктуирање. Шефер додава и дека Фолксваген заработува помалку од продажба на електричните автомобили отколку од споредливите возила со мотори со внатрешно согорување.
Фабриката во Волфсбург е под посебен притисок. Додека погоните во Емден и Цвикау се на добар пат да ги намалат фабричките трошоци, онаа во Волфсбург моментално не ги остварува своите цели. Само во текот на оваа година се соочува со минус од околу 300 милиони евра.
Ситуацијата е сериозна. Програмата за штедење е маратон, предупредува Шефер.
Групацијата на основни брендови, која ги опфаќа Volkswagen, Skoda и Seat, оствари продажба од 106,4 милијарди евра во првите девет месеци, што е за 0,5% помалку во споредба со истиот период лани. Оперативната добивка се намали за 400 милиони евра, достигнувајќи 4,3 милијарди евра, додека профитабилноста на продажбата опадна за 0,3 процентни поени, на 4,1%.

Работничкиот совет на Фолксваген нагласи дека привремениот прекин не значи крај на проектот, ниту пак нужно одложување на лансирањето на пазарот.
Планот е моделот „ID. Golf“ да се промовира на пазарот на почетокот на идната деценија, врз основа на електричната платформа SSP.