Бесконечното крстарење се насука

Луѓе и брачни парови, главно пензионери, за неколку стотици илјади долари трајно купуваа бродски кабини за што им беше гарантирано дека до крајот на животот ќе крстарат по светот „ол инклузив“. Некои од нив продале сè што имаат. Но, цената на горивото го има направено овој модел неодржлив па сега им викаат да се симнат од крузерот.

Компанијата „Villa Vie Residences“ продавала трајни кабини на својот брод „Одисеј“ (кој располага со 509 кабини) по цени од 119.999 долари до 349.999 долари. Исто така, биле понудени и опции за изнајмување, вклучувајќи договори со можност за откуп, како и тригодишни закупи.

Ова „бесконечно“ крстарење им овозможуваше на луѓето уникатна можност – да го претворат бродот во свој дом додека патуваат низ светот. Планот предвидувал посета на повеќе од 400 пристаништа, при што за едно целосно обиколување на светот биле потребни околу три и пол години, по што патувањето би продолжило со ново „кругче“.

Во моментов, патувањето е завршено. Компанијата објави дека ги суспендирала операциите и се работи на справување со екстремниот пораст на трошоците за гориво и на проценка на алтернативите за реструктуирање и рекапитализација“.

Компанијата наведе дека трошоците за гориво се зголемиле од долгогодишниот просек од 1.800 долари по кабина, на сума која во делови од Азија се проценува меѓу 6.000 и 8.000 долари (6.000 фунти).

А бидејќи кабините се веќе купени, зголемените трошоци не можат едноставно да се префрлат на патниците па сегашниот оперативен модел станува финансиски неодржлив.

Моментално работат со патниците на „координирање на нивното симнување од бродот и на изнаоѓање привремени решенија за сместување“.

Луксузниот брод за крстарење располагалсо палуба со базен, спа-центар, ресторан, бар и терен за „пиклбол“ (игра слична на тенис), а нудел и излети и часови по готвење. Бродот сега е закотвен во Камбоџа.

Корисниците на бескрајното крстарење беа задоволни зашто престојот на бродот  излегува поевтино отколку животот на копно.

Но, некои од нив го имаат продадено целиот свој имот за да купат кабина во „Одисеј“. Таквите сега викаат дека „живи нема да излезат од бродот.“

 

 

31 октомври 2026 - 20:22