
Морам да кажам дека го симпатизирав Студентското движење во Србија; бев – и останувам – противник на Вучиќ и неговите политички соработници, како во политиката, така и во медиумите. Чувствувам длабока одвратност кон личности како озлогласениот Бокан или Вучиќевиќ, сопственикот на „Информер“.
Но, драги пријатели, оваа атмосфера на јавен линч – упади во редакции, јавно понижување на политичките противници, физичко малтретирање, груби сексистички навреди упатени кон новинарки кои се наклонети кон Вучиќ, физичко вознемирување на мајката на Вучиќ – тоа не е добро!
Ова не се само изолирани инциденти. Фејсбук е преплавен со изливи на бес и омраза. Ова не се „спинови“ оркестрирани од страна на напредњаците (СНС), бидејќи меѓу моите пријатели на Фејсбук немам ниту еден напредњак.
Водечките политичари од победничката страна мора јасно и гласно да се оградат од ваквото насилство! Сосема е соодветно главните уредници во јавните медиуми да бидат заменети – а можеби и одредени милитантни новинари да бидат тргнати настрана.
Што се однесува до приватните медиуми, толпата таму нема што да бара; секоја постапка во врска со одземање на дозволата за емитување треба да ја спроведат надлежните органи, следејќи ги утврдените законски процедури. Не смее да има апсења без цврсти докази кои би се докажувале пред суд. Никаква правда „по кратка постапка“!
Она што се случи не беше насилен вооружен државен удар, туку изборна промена на власта.
Ако дозволите да завладее бран на јакобински бес – сетете се само на Француската револуција – на крајот ќе завршите така што ќе се свртите едни против други и межусебно ќе си кинете глави.
Велимир Висковиќ,
хрватски книжевен критичар и есеист