По извлекувањето на денешната ждрепка во Монако, кусо време откако Вардар ги доби противниците во групната фаза од Лига Европа, го дозна и распоредот за натпреварите.
Летната фудбалска треска во Македонија брзо ќе продолжи и тоа на најспектакуларен можен начин. Првото коло се игра за само 20 дена, а Вардар е домаќин. На Телеком арената доаѓа руски Зенит, најтешкиот противник во групата Л кој беше во првиот шешир.
Се работи за петкратен првак на СССР/Русија (1984, 2007, 2010, 2011–12, 2014–15) кој во 2008-ма го крена пехарот во тогашниот Куп на УЕФА, а потоа и во Супер Купот на Европа. Прво го совладаа Глазгов Ренџерс со 2:0, а потоа и Манчестер Јунајтед со 2:1 кој беше освојувач на ЛШ.
Нема потреба многу да се зборува за моќта на Зенит кој од 2005-та е под спонзорство на нафтениот гигант Газпром и кој според Трансфермаркет има вредност од 120 милиони евра, па затоа еве уште само неколку куси информации.
Во Лига на шампиони имаат три пласмани во топ 16 (2011–12, 2013–14, 2015–16), а сезонава во домашното првенство се први на табела со 6 победи, едно реми и ниту еден пораз. Гол разлика: 16:3.
Летово за нов тренер го назначија Роберто Манчини, а одбраната ја засилија со Бранислав Ивановиќ.
Доста е за Зенит. Вардар не се занимаваше со буџетот и имињата на Фенербахче, па ете што ги снајде. Тоа многу добро го знае и ЦСКА Москва.
Одиме со распоредот и нека е со среќа во долгата европска авантура. На Фејсбук веќе почна собирот.
1. коло - Вардар - Зенит (14.09.2017)
2. коло - Розенборг - Вардар (28.09.2017)
3. коло - Реал Сосиедад - Вардар (19.10.2017)
4. коло - Вардар - Реал Сосиедад (02.11.2017)
5. коло - Зенит - Вардар (23.11.2017)
6. коло - Вардар - Розенборг (07.12.2017)