Кога тргнал на дружбата со навивачите на Реал Мадрид од Македонија, Роберто Карлос не претпоставувал дека околу 200 навивачи додека излегува од лифтот ќе го пречекаат со громогласната песна „Роберто Карлос“ преработена од мелодијата на „I love you babe“. Дојде во придружба со Хозе Анхел Санчез, Енрике Перез, Мануел Лопез Барера и Едуардо Фернандез де Блас, сите видни луѓе од управата на гигантот.
Бразилецот во Скопје е дојден во улога на стручен коментатор за клупската телевизија на Реал Мадрид а Мадридистите од земјава од кои голем дел почнале да го следат Реал токму поради него, не престанаа со песна да му го прекинуваат краткиот говор:
„Убаво е да се биде покрај волку многу навивачи на Реал Мадрид. Реал е најголем клуб на светот токму поради своите навивачи. Ви благодарам за поканата и прекрасниот прием.“
Покрај фотографирањето и автограмите од Карлос, членовите на Пења Мадридиста имаа и спремни подароци за луѓето од управата на Реал а имаа и прилика да поразговараат со Бразилецот. Самиот Карлос беше пријатно изненаден откако неколкумина од нив му го честитаа раѓањето на деветтото дете во неговиот живот, ќерката Марина која се роди на 9. јули летово.